Црна дупка

Објавувањето на индексот на прес слободата 2013 на „Репортери без граници“ предизвика низа на коментари. Проопозициските чинители акцентот го ставија на падот на Македонија на глобалниот ранг од 34-то место во 2009 година на 116-то место, како и на посочувањето на Владата како единствен виновник за тоа. Провладините медиуми главно го премолчеа или го маргинализираа рангирањето, или вината ја префрлаат на делови од лошите оценки како „судското вознемирување“ каде што на пример го нагласуваат негативното влијание на опозициски чинители во вкупниот број на судски процеси против новинари. Дел од чинителите вината за состојбите ја побараа во самиот новинарски еснаф, а друг дел ги критикуваа „Репортери без граници“ и нивната методологија на индексот. И „Нова Македонија“ имаше серија на написи, а неделава започна со низа на колумни од колегите-надворешни соработници како „Новинари без граници“ или „Забрзано кон дното“.

crna-dupkaЕден од моментите што се наметна е дека во информирањето за индексот, колку што следев, доминираше селективност. На пример, не само што ниту еден чинител, медиум, граѓанска организација, не го објави индексот на македонски, за да го направи достапен на пошироката јавност, туку и оценките за Македонија не ги видов објавени, тука во земјата, во изворна форма. Во Индексот во делот за Европа се вели „Надвор од ЕУ, слободата на информирање е во состојба на колапс. Во нејзините (ЕУ) граници, Унгарија и Грција се во битен пад. Балканот останува вкоренет во репресивните практики на минатото.“ Оттука произлегува јасен поширок и подлабок регионален контекст на проблеми во прес слободата. Понатаму овој регионален тренд се потврдува: „За Хрватска (ранг 64, раст +4) и Србија (63, +17), сликата е мешана… Албанија (ранг 102, пад -22), Црна Гора (113, -6) и посебно Македонија (116, -22), го влечат надолу индексот за Балканот“. За Македонија, како и другите две земји на регионалното дно се наведени „истите жални забелешки: судско вознемирување често засновани на несоодветно законодавство, недостаток на пристап кон јавни податоци, физичко и психолошко насилство против тие кои работат на вести и информации, пазарот на јавното и приватното рекламирање се употребува како инструмент, сивата економија држи под контрола витални делови од медиумите“.

Доколку се погледнат соопштенијата на „Репортери без граници“, кои организацијата ги издава за посебно тешки состојби, забележливо е дека од 2006 година до 2011 година нема посебно специфични настани, а од тогаш досега опфатени се четири настани, еден во 2011 година – затварањето на А1 и трите весници, и три во 2012 година: одземањето на лиценцата на А2 од страна на Советот за радиодифузија (прекраток рок за исполнување на побараните услови), декриминализација на клеветата, и предлог измените на законот за акредитација на странски новинари, со кои битно ќе се отежнеа условите за нивна работа.

Инаку методологијата на Репортери без граници вклучува шест показатели: плурализам (во медиумите), независност, опкружување и само-цензура, правна рамка, транспарентност (на регулаторите и сл.) и инфраструктура (потребна за медиумска продукција). Со личното искуство во друг глобален индекс – индексот за граѓанско општество на Цивикус и МЦМС, можам критички да забележам за методологијата на индексот, дека показателите не се сеопфатни, како што се ограничени и изворите за податоци за тие показатели. На пример во анализата на „Репортери без граници“ не е опфатено новинарството како еснаф – ниво на организација, во професионални или синдикални организации, и меѓусебните односи. Тоа е многу важно прашање за прес-слободите, бидејќи за нивен развој, покрај политичка волја, потребен е и новинарски еснаф и пошироко граѓанство, кое ќе бара унапредување на слободите. Или пак не се доволно опфатени делови од опкружувањето, на пример економското или пак социо-културното опкружување (толеранција), а нема и посебна анализа на трендовите во медиумскиот сектор и пазар. Но во сите глобални индекси постојат методолошки ограничувања поради ограниченост на ресурсите: луѓе и пари. Тоа што е главна предност на ваквите индекси не е нивната сеопфатност, туку стандардизацијата и нивната споредбеност – состојбите во една земја може да спореди со други и можат да се следат временските трендови.

Индексот, најлесно може да се оспори, всушност за нереално високото 34 место во 2009 година, не само поради зависноста на МРТ од Владата, туку и поради ограничувањата врз уредувачката политика од страна на сопствениците, вклучувајќи и во тогаш водечката ТВ А1, како и ограничувањата поради блискоста на Владата со сите тогашни клучни телевизии.

И покрај сите ограничувања на Индексот на Репортери без граници, тој е неспорен. Неспорен е затоа што сите наведени „жални забелешки“ лесно се илустрираат со конкретни примери. Неспорен бидејќи не е единствен во негативната оценка на развојот на медиумите. Минатиот месец во „Да, отпор, на чии лаги“, наведов дека е критична состојбата со слободата на медиумите, заснована на оценките на Фридом хаус. Фридом хаус ја оценува Македонија како „полуконсолидирана демократија“, а слободата на медиумите како „делумно слободни“ од 2003 година наваму, но тоа е единственото подрачје со постојано влошување сите овие години и состојбата се приближува кон оценката „неслободни“.

Пријател, оџа, ми има раскажано поука од Куранот, за двајца пријатели кои паднале во дупка, и времето го потрошиле на караница кој е виновен за паѓањето во дупка, наместо да се посветат на барање на решение за излез (од дупката). Приказната ми личи на нашата состојба, во која доминираат караницата за чија е вината и дали е допрено дното или уште ќе паѓаме.

Дел од проопозициските чинители сметаат дека имаат брзо решение – промена на власта. Да, неоспорно е дека власта, како најмоќен чинител во општеството е најодговорна за состојбите. Ценејќи ги состојбите и во политичките партии, и на власта и во опозиција, и нивниот сегашен неубедлив демократски капацитет, и во медиумите, ќе ни требаат среднорочни структурни мерки.

За почеток, веднаш мора да запре прелевањето на политичката криза во медиумска криза. Медиумите, како трансмисија на партиите, се претвораат во црна дупка која со натамошна поларизација на јавноста создава „затворен круг“ – вител кој нè вовлекува сите во дупката. И за ова одговорноста е кај новинарскиот еснаф, особено кај уредниците. За градење на одреден општествен консензус, неопходни ни се домашни, годишни извештаи за слободата на медиумите. Слични на годишниот извештај за човекови права на Хелсиншкиот комитет, на годишниот извештај на „Транспарентност Македонија“ или пак на индексот на граѓанското општество на МЦМС. На тоа, покрај постојните парцијални стратегии на Советот за радиодифузија и на Антикорупциската комисија, мора да се надоврзе сеопфатна национална стратегија за развој на слобода на медиумите.

twitter@sklek  хаштаг: #прес-слобода

1 thought on “Црна дупка”

  1. Почитуван Клековски,
    Прво треба да се средат во новинарската фела, па потоа останатото.Позиција, опозиција има секаде, во целиот демократски свет.Новинарите ( ти добро рече уредниците ) се тие што го бранат новинарството.А тука? Бог да ни е на помош и со уредниците и со новинарита ( и двете под наводници ). Имаат синдикат-немаат синдикат, имаат здружение на новинари-немаат здружение на новинари. Кој новинари? Дури неможам да кажам : со чест на некои исклучоци.

    Одговори

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.