И роднини и добри соседи [2]

Минатиот коментар „И роднини и добри соседи [1]“ беше вовед за што можеме да направиме за македонско-бугарското добрососедство. Бев свесен за предизвикот на темата, но тој предизвик некако стана поголем, потежок за само една недела. Прво, минатата недела на мојот напис како читател реагираше Јордан Костадинов, претседател на ОМО „Илинден“, кој напиша дека „ не може да се зборува за пријателство со нашите соседи“, поради нивното непризнавање на македонската нација и „насилната асимилација под нивна окупација“. Потоа подготувајќи се, читав написи на веб страната на „Бугарскиот културен клуб“ – Скопје (БККС). Тоа е организација чија декларирана цел е „промоција и афирмација на ценостите на бугарската култура“ и зближување и меѓукултурна толеранција на Бугарија и Македонија. Написите содржат ставови полоши од комбинираните службени ставови на Софија и Атина. Ако БККС така го доживува „заемното почитување“ на кое се повикива во нивната програма, како ли изгледа „нетолеранција“. А БККС во април имале средба со Марин Рајков, новиот бугарски премиер со стари ставови.

i-rodnini-i-dobri-sosedi-2-2Тоа што некои Бугари го доживуваат како добрососедство и како заемно почитување, всушност е барање за македонско само-укинување или во подобар случај како што напишав минатата недела како „територијално и временско ограничено“ признавање на македонската нација само во Република Македонија и само по 1944 година (АСНОМ). За среќа, не сите Бугари размислуваат така. Уште еднаш ќе се повторам, да, можеме да бидеме лути, но мора да бараме решение. Решението мора да е засновано на опстојување на македонската нација, култура и јазик и истовремени чекори на градење на доверба.

Најмалку спорна одредба на идниот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, базиран на Декларацијата од 1999 година, се заеднички седници на нашите Влади, нешто што веќе е договорено со Србија. Исто така, не треба да е спорно обновувањето на бугарски воени гробишта кај нас, како што е направено со англиските, француските и други воени гробишта, потсетници на воениот пекол, или со српските воени гробишта во Зебрењак, Младо Нагоричане, Кумановско и одбележувањето на 100-годишнината на Кумановската битка.

За прославување на заеднички личности и настани, зошто да не почнеме со св. Кирил и Методиј. Ги слават не само Македонија и Бугарија, каде 24 Мај е државен празник, туку и Чешка, Словачка, сите словенски нации. Дилемата дали ќе ги славиме како бугарски, македонски, словачки или сесловенски, треба да ја оставиме на страна – секој нека си ги слави како што сака. Како што ако отворевме дебата дали Мајка Тереза, ја славиме како скопјанка, албанка или христијанска мисионерка, никогаш немаше да ја воспоставиме државната награда Мајка Тереза.

i-rodnini-i-dobri-sosedi-2Заедничката историја, односно историски учебници, е прашање на кое е веќе работено. Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа, со седиште во Солун од 1999 година започна „проект за заедничка историја“, чија цел е да е отвори дебата, да се слави диверзитетот и да се препознае споделеното страдење и постигнувања, а во чиј склоп се издадени четири прирачници. Секако дека не сакаме ревизија на идентитетот за атер на Бугарите, но може да разговараме за избегнување на стереотипите, ставови кои поттикнуваат конфликт и дозволување на идејата за многукратни интерпретации на настаните. Идеја на која нашите историчари се веќе посветени. Идеја која веќе е општо достапна преку Википедија, каде што можат да се најдат статии со заемно прифатените факти, како и различните погледи на различните страни.

Во слична насока треба да бидат и акциите за говор на омраза во медиумите. Треба да се демонополизира медиумската комуникација. На пример, сега како Бугарија гледа на Македонија се презентира скоро исклучиво преку ставовите на бугарски Фокус, и ставовите на Каракачанов и Димитров, патем двајцата лустрирани соработници на бугарските служби. Така се поттикнуваат еднострани погледи и предрасуди. Чекор, на демонополизација на медиумската комуникација, може да биде вклучување на бугарска телевизија (БНТ) во кабелската понуда на Македонија, и македонска телевизија (МРТ) во кабелската понуда во Бугарија.

Најтешко и најболно ќе биде прашањето на националните малцинства. Мора да се напушти реториката на поединци за окупација на Македонија од соседите, бидејќи тоа го држи отворено прашањето на границите и на територијалниот интегритет на соседите. А тоа се затворени прашања, вклучувајќи со Аманданот 1 на Уставот со кој се потврдува дека Македонија нема територијални претензии кон соседите. Може да се говори за националните малцинства. Со членот 49 од Уставот Македонија се грижи за положбата и правата“ на етничките Македонци во соседните земји. Но со Амандманот 2 се вели дека „притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“. Сега Бугарија бара да во договорот за добрососедство се вклучи ставот од декларацијата од 1999 година, дека ниеден став од Уставот на Македонија не може да се употреби за мешање во внатрешните работи на Бугарија, во одбрана на статус и права на лица кои не се граѓани на Република Македонија. Тоа во практика значи бугарско барање дека Марин Рајков може да прими делегација на БККС, а Никола Груевски не смее да прими делегација на ОМО „Илинден“. Како со еднаквоста на формулацијата, во декларацијата од 1999 година, склучена на службените јазици на двете земји, на македонски јазик според нашиот Устав, но и на бугарски јазик според нивниот Устав, секако дека треба да инсистираме на еднаквост: или двете држави ќе се грижат само за своите граѓани, односно и Бугарија би се обврзала за грижа само за нивните граѓани, или двете држави ќе дозволат грижа и за националните малцинства.

Да покажеме добра волја, ќе најдеме поддршка за градење на доверба и од другата страна, во Бугарија.

twitter@sklek хаштаг: #добрососедство

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.