Признание, почитување!

Во 1998 година ми се случи едно од најпријатните изненадувања. Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој тогаш го водев, доби награда за демократија и граѓанско општество, доделена од priznanie-pochituvanје-1ЕУ и САД, по повод на 40-та годишнина од Римскиот договор. Наградата беше потпишана од Вилијам (Бил) Клинтон, Тони Блер, како претседавач на ЕУ и Жак Сантер, претседател на Европската комисија, а ни ја предаде тогашниот британски амбасадор Марк Дикинсон. Тоа што ме изненади не беше паричниот износ на наградата, тоа што ме изненади беше признанието. Признанието тешко се вклопуваше во мојата, во нашата негативна култура, култура на непрепознавање, на непризнавање на успехот, на доброто. Култура во која секогаш кога говориме за некој или нешто, почнуваме со слабостите, а добрите страни не стигнуваат на ред. Тогаш ја разбрав моќта на признанието на добрите страни, наспроти нагласување на слабите страни. Тогаш разбрав дека покрај проблеми, потребни ни се и успеси, потребни ни се позитивни модели.

Толку бевме инспирирани сите во МЦМС да донесовме одлука за воспоставување на две македонски награди: за демократија и граѓанско општество, и за одржлив развој „Херт Јан ван Апелдорн“. Низа на активисти и организации беа добитници на наградите во годините кои следеа. Последна година во која се доделија наградите беше 2005-та година. И тоа не беше свесна одлука за престанок на наградите, едноставно се случи. Дали како што ми вели еден од моите најдраги пријатели „на крај сето ова ќе го изеде ентропијата“, дали надвладеа непризнавањето?

priznanie-pochituvanје-2На признанието ме потсети трагедијата која се случи минатата недела – трагичната смрт на Никола Младенов. Никола Младенов наместо со (минута) молк, беше испратен се гласен аплауз. Кој човек! И Ерол Ризаов и Зоран Димитровски, и Горан Михајловски и Катерина Блажевска, и Мирка Велиновска и Сашо Ордановски, и Александар Чомовски и Теофил Блажевски, и Насер Селмани и Дарко Јаневски и…. сите со убав збор за Никола Младенов. Луѓе што тешко ќе се согласат за било што. Ретки се моментите кога Македонците ги надминуваат своите етнички, идеолошки, партиски, професионални и други јазови и поделби. И како што Јадранка Костова напиша во „Последната битка“, таму беа многумина „кои некогаш беа наша мета“. Нема поголемо признание од тоа! Се надевам дека повикот на Кире Наумов, повторен и од Синдикатот, за враќање на оштетите и откажување од тужбите против Фокус, покрај Срѓан Керим, ќе го следат и другите. И како врвен новинар-истражувач заслужува екстра-врвна истрага за неговата смрт!

Но тоа што ме натера понатаму да мислам, беа неколкуте искази, дека луѓето пропуштиле да му се заблагодарат, да му кажат убав збор на Никола Младенов, кога работите се случувале. Ме замисли и Билјана Ванковска која напиша „Жално е општество што најубавите зборови ги чува за погреби. Сета атмосфера остава горчлив вкус, па и мачнина од дозата на лицемерство. Каков е тој народ што знае да реди и плаче над мртви, но не знае да ги препознае великите додека се живи?“. Така беше и повеќепати во минатото.

Кога трагично загина претседателот Борис Трајковски, ни требаа неколку дена да ја разбереме неговата величина, која беше во неговата едноставност и човечност. Требаше десетина претседатели и премиери од други земји да дојдат во Скопје да му оддадат последна почит, да се прашаме што пропуштивме да видиме, признаеме и почитуваме, што странците го видоа, признаа и почитуваа! Да, денес Борис Трајковски е еден од ретките личности што граѓаните на Македонија го доживуваат како заеднички, без разлика на припадноста.

Та и за Тоше Проески, еден од заедничките, не македонски, туку балкански митови, сторивме многу повеќе по погибијата. Точно е дека Тоше Проески го доби признанието од Македонците за време на животот, како ретко кој. Но ме копка дали признанието дојде по големиот успех надвор од Македонија, дали само ми се чини дека неговата музика повеќе ја слушам на радијата кога патувам во Хрватска и Србија, дали средствата вложени во неговиот музеј ќе бевме спремни да ги вложиме во неговиот успех, пример, во студио за неговата работа?

А тие што заминаа остарени и природно, како Киро Глигоров, прв претседател на независна Македонија, не го добија потребното признание ни постхумно.

priznanie-pochituvanјe-3Да споменам еден човек кој неделава замина тивко, без признанието што го заслужува. Во саботата, во родното Кичево, беше погребан Јагуб Селимоски (Јакуп Селимоски). Јакуп Селимоски беше претседател на Исламската заедница на Македонија во деценијата пред независноста и беше последниот претседател на Исламската заедница на Југославија. Јакуп Селимоски не само што беше последен реис-ул-улема на Југославија и единствениот реис од Македонија, туку и првиот и единствениот реис кој не доаѓаше од Босна и Херцеговина. Јас разбирам дека во сегашните редакции и кабинети постои многу кратко паметење, но недозволени беа штурите соопштенија и отсуството на државата, надвор од ДУИ, на неговиот погреб. Рахмет нека е.

Зошто е така? Зошто ги чуваме најубавите зборови за погреби, а некогаш ни тогаш не ги кажуваме? Дали е така саде тука? Има странска изрека „луѓето кажуваат толку убави зборови на погребите, што ме прави тажен што нема да бидам на сопствениот“. Признание и почит во своето место и во своето време, тешко се стекнува и добива. Многу сликари, уметници, умреле во беда, а сега нивните дела достигнуваат баснословни вредности. Та и Исус Христос, не бил избран од народот, да биде спасен од распнувањето, туку толпата го ослободила другиот осуден.

Олеснување е дека тоа што не знаеме да ги препознаеме великите додека се живи, не е само наша македонска карактеристика, туку е универзална. Но тоа олеснување не треба да значи дека треба да престанеме да се трудиме да бидеме подобри. Треба да се трудиме да го препазнаеме, признаеме и почитуваме успехот, доброто… Треба да си кажеме убав збор додека сме живи!

twitter@sklek хаштаг: #почит

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.