Пред 25 години, кон крајот на осумдесеттите во минатиот век, поминав неколку месеци во Атина. Тогаш како студент го искусував преку „направи сам“ тоа што сега туристичките агенции го нудат како „работи и патувај“ (work & travel). Атина, Грција, во тоа време беше нормален избор. Со економија во пораст, во Грција постоеше потреба од (сезонски) работници во земјоделието, градежништвото и туризмот. А истовремено Грција беше и е врвна туристичка дестинација. Во значаен дел од времето поминато во Атина работев во младински хостел на плоштадот „Викторија“ во Атина. Идеална работа за студент. Малку работа, малку забава, во исклучителна разновидност. Атина ја запаметив по убаво: отворена, разновидна, забавна, безбедна… Се стекнав со нови умеење, вклучувајќи готвење на кари, што го научив од готвачите Цејлонци во хостелот. Покрај поминатото време таму, сопственикот на хостелот беше единствениот Грк со кој комуницирав, но можев да го набљудувам грчкото општество: од вообичаените политички расправи на пензионерите на „Омониа“, бучниот зелен пазар во близината, преполните Монистираки и Плака, марините на Ејгина… И со единствениот Грк со кој комуницирав, имавме несогласување. За што друго ако не за Македонија. Во расправата понекогаш на моја страна се приклучуваше рецепционерот, Иранец, кој студирал во Скопје и така имавме долги „грчко-македонско-персиски“ полемики.
И покрај неколкуте можности да патувам во Атина, поради службени потреби, тоа не се случи во минатите години. Слично „ембарго“ на патувања имав и за главните градови на поранешна Југославија, за што ми требаа 15 години да го надминам. По 25 години се одлучивме за краток одмор во Атина. Се колебав, дали е вистински момент, со социјалните немири таму, со насилството на Златна зора со… Но се донесе одлуката и заминавме.
Ги посетивме сите места кои ги паметев – Монистираки, Плака, „Викторија“, „Синтагма“, Глифада… Не знам дали тогаш на дваесет години сè ми изгледаше подобро, но тоа не беше Атина која ја паметев. На „Омониа“ немаше пензионери во жива политичка полемика, туку доселеници од азиско потекло. На „Викторија“ го немаше младинскиот хостел, туку имаше етнички бизниси: албански, бугарски, романски, арапски. Немаше написи за гиро и пиво, туку „Тирана травел“, „Блгарија всеки ден“ „Романски продукти“. Немаше млади западни туристи кои преноќуваат по парковите во своите вреќи, туку бездомници и доселеници кои спијат во близина на метро станиците. Во Монистираки немаше врвулица, туку многу напуштени, руинирани и затворени дуќани. Со првиот самрак, улиците се празнеа. Единствено живо беше во Плака. И го немаше чувството за безбедност. Првата вечер чувството за безбедност ни го разби еден Атињанин, кој ни пријде и нè предупреди дека сме во опасно соседство. Соседство во кое некогаш безбедно се движев во било кое време на денот или ноќта.
Добро, тоа може да се очекува со повеќегодишната економска рецесија во Грција. Но Атина, не е погодена само од националната економска рецесија, туку и од постепеното намалување на централната улога. Еве два примери од туризмот и транспортот. Туризмот со близу 20 милиони туристи и 15% од ГДП е клучен сектор на Грција. Некогаш Атина беше туристичкиот јазол на Грција. Во Атина, со познатите возови Минхен – Атина или по пат, пристигаа најголем дел од туристите, кои понатаму со ферибот продолжуваа за островите. Директниот авиопревоз во тоа време беше луксуз. Во меѓувреме поради војните во поранешна Југославија и железницата и автопатиштата се прекинаа. А сега со евтините авионски летови се пристигнува директно на посакуваната островска дестинација (околу две третини од туристите во Грција пристигнуваат со авион). Над еден милион туристи во Грција пристигаат со бродови. Многу туристи во Атина пристигнуваат со бродови на крстосување, но ефектите на овие туристи по локалната економија се многу мали. Надвор од посета на археолошки места и музеи, туристите сите други услуги ги добиваат на бродовите. И иако Атика (регионот на Атина) има околу три милиони туристи годишно, регионот на Централна Македонија, како што Грците го нарекуваат регионот на Солун и Халкидики е водечки туристички регион во Грција со близу 20% од вкупниот број на туристи. Показател од транспортот: Грција го заврши А2 автопатот или Егнатиа одос (Игуменица-Турција), а најстариот автопат А1 или Етники одос (Македонија –Атина) сè уште има незавршени делници кај Олимп и кај Ламиа. Градилиштата на делницата кај Ламиа, од 80 км, која чини 800 милиони евра, и која требало да биде завршена во 2011 година, се напуштени.
Ваквиот развој ги фаворизира регионите како Јужен Егеј или Централна Македонија, а за Атина носи нови предизвици.