Вината на Грција

Последниов период во известувањето за Грција, често се среќаават написи за ксенофобијата во Грција, осебено поврзани со третманот на доселениците, издигнувањето на Златна зора, кои се во спротивност со вообичаените изјави за Грција како колевка на западната цивилизација и родно место на демократијата.

Таквите спротивности колку се вина на Грција, толку се и на Европа. Грција како „најромантичниот дел“ од историјата на Европа, во основа е одраз на европското разбирање на конвенционална национална држава или држава – нација. Тоа е разбирање за луѓе со заедничко минато, култура, јазик, економија и територија и единствена самосвест. Обединувачкиот капацитет го обезбедуваат државата, религијата и култура. Конвенционалната национална држава накратко ја опишувам со „еден крал, една нација, една црква, еден јазик“.

vinata-na-grtsija-1Во Грција, воспоставувањето на држава-нација, од борбата за независност (1821-1829 г.), преку независноста (1830 г.), неколкуте територијални проширувања (од 1864 до 1947 г.) е надгледувана од големите сили. И не само што надгледувале, туку големите сили директно се мешале. Веднаш по независноста големите сили ја укинуваат првата грчка република и Грција во 1832 година станува монархија, со кралот Ото, од баварската куќа (династија) на Вителсбахови, заменет во 1862 година со Принцот Вилхелм од Данска. Така едно национално и социјално револуционерно движење на „Рум милет“, кое во 1821 година започнало во денешна Романија(!), било целосно преземено од големите сили. И сега многу грчки историчари трагаат длабоко во историја по корените на грчката сина боја на националното знаме, а тоа повеќе личи на некои нордиски знамиња. А сегашната форма на грчкото национално знаме е утврдена дури во 1978 година.

По европскиот рецепт, по „еден крал“ следувало воспоставувањето на „една нација, еден јазик, една црква“.

Битен чекор во создавањето една нација е образованието, културата и науката. Тоа започнува со воспоставувањето на Националната библиотека, Националниот и каподистријански универзитет на Атина (основан како Отовиот Универзитетот) и Академијата на науките. Во Атина тие ја формираат „класичната трилогија“- трите соседни згради, градени од 1839 до 1885 година, во неокласичен стил, по нацрти на данските браќа Хансен. Едниот од браќата Хенсен бил градски архитект на Атина, со задача Атина да ја трансформира од мало гратче во главен град на новата држава. Создавањето на еден стандарден јазик, покрај тврдењето за 34 вековната традиција, завршило во 1976 година, кога е завршена „двојазичноста“ на модерниот грчки јазик, односно паралелната употреба на „димотики“ и „катаревуса“ – јазик развиен во 19 век, како имитација на класичниот грчки јазик. Од 1976 година, со закон е утврдена употребата на димотики, со одредени стандарди од катаревуса. Грција го дефинира државјанството по начелото на „jus sanguinis“ или “крвно право“. Државјанство може да стекне секој „секое дете на грчки маж или грчка жена“, односно секој што ќе се определи како Грк по род. Така, државјани многу лесно стануваат етнички Грци од Русија, но не луѓе кои се родени во Грција.

Концептот на „една црква“ е одразен во нејзиното име „Црква на Грција“, позната како Грчка православна црква. Името е по западен калап и асоцира дека постои само една црква. Автокефалноста на црквата е признаена од Константинопол, во 1850 година, 20 години по независноста на Грција. Црквата на Грција се однесува на „стара Грција“, а „новите територии“ како Македонија или Крит сè уште се под формална или суштинска управа на Патријархот од Константинопол. Грција сè уште е несекуларна земја, една од последните во Европа, концепт што го напуштаат и скандинавските монархии. Несекуларноста е видлива на секој чекор. На пример, централната литургија за Велипеток, не се одржува во црква, туку пред Парламентот во Атина, со државни и воени почести!

vinata-na-grtsija-2И покрај се, Грција во 20-от век влегла како мултикултурна држава. Во 1909 година, во стара Грција, околу една третина од имињата на населените места биле не-грчки. Таа мултикултурност се зголемила со „новите територии“ стекнати во 1913 година. Мултукултурност повторно е потисната во дваесетите години на минатиот век со договорите за размена на население со Турција и Бугарија и со преименувањето на населените места. Само со размената со Турција, од Грција иселени се 500.000 муслимани, а доселени 1.5 милион Грци и христијани. Населението во Грција во 1923 година се зголемило од 5 на 6 милиони, а новодоселените бегалци („маџирите“) од Турција, сочинуваат околу 25% од вкупната популација. Овие договори за размена на население се со благослов од големите сили.

Една банална презентација на конфузијата нација, етничко, Европа, во секојдневниот живот се наоѓа во ГПС-автоводичите: на екранот е испишано „етники одос“, со значење на нацинален автопат, следено со гласовна команда на англиски „европска рута“.

Големите сили имаат голема одговорност во трансформацијата на националната и социјалната револуција на „рум милет“ (римската нација) во градење на нација, кој резултира со постигнувањето на „една нација, една црква, еден јазик“ до крајот на седумдесеттите години од минатиот век. И затоа колку што може да се говори дека „Грција е колевка на западната цивилизација“, толку може да се тврди дек „Грција е творба на западната цивилизација“, односно дека „Грција е одраз на западната национална држава“. Но мултикултурноста е нормалната, природната состојба. Оттука е противењето на Грција на современите текови за правата на националните малцинства и регионалните и малцинските јазици.

Но таман Грција ја консолидира националната држава, по деведесеттите од минатиот век, Грција се соочува со нов мултикултурен предизвикдоселениците на пописот во 2001 година сочинуваат околу 10% од населението.

twitter@sklek хаштаг: #Грција

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.