Раскол и единство

Расколот и единството се постојана тема, а повремено влегуваат во средиштето на расправата, како сега по повикот на премиерот Никола Груевски, искажан во последното интервју, за единство по прашање на спорот за името. Критиката на разбирањето на единствотото од страна на премиерот е претставена од еден од најпознатите колумнисти и уредници, кој пишува дека „неединството во Македонија ги надмина рамките на политичка борба меѓу партиите“ и дека „неединството стана начин на живеење меѓу луѓето“ илустрирајќи ги поделбите на наши и ваши, патриоти и предавници, лустрирани и нелустрирани, геј и антигеј, за споменици или против споменици, за црква или против црква итн. Завршува со „а порано си бевме само Македонци и Албанци“.

raskol-i-edinstvoТука главно прашање е како го доживуваме единството и расколот (расцеп, јаз, поделба, cleavage). Поаѓајќи од културата на апсолутни вистини, каде само еден став, уверување, верување е вистински, се чини дека единството се меша со едноумие.

Минатата година, во интервју за „Актив“, дадов одговор кој беше веднаш нападнат. Одговорив дека „протести и контра-протести се нормална работа“. Тоа го илустрирав со два примери: ако во Дрезден има пронаци-протести, задолжително ќе има антинаци-контрапротести. Ако во Вашингтон има антиабортус-протести, задолжително ќе има проабортус-контрапротести. Понатаму истакнувам „тоа е демократијата – плурализам на идеи и организации за исти прашања“ и „сигурно не е демократија да имаме една идеја, една партија, еден синдикат, една организација (на студенти, жени…) како во социјализмот“. А во тој натпревар „граѓаните се тие кои ќе дадат легитимитет на едни или други“. Секако тој натревар мора да се одвива во рамка на ненасилство, слобода и еднаквост.

Во политиката ќе мора да се навикнуваме на расколи, поделби, јазови. На класни поделби (работодавачи-работници), на географски поделби (региони, урбани-рурални, центар-периферија), на секуларни поделби, на генерациски поделби, на други поделби (вработени-невработени), кои ќе ја создаваат основата за поделба на гласачите во гласачки, партиски блокови.

Во скорешни студии партиските поделби се доживуваат како најзначајни. На пример во студија од 2011 година, најчеста основа на диксриминација е таа на партиска основа. Како поделбите, расколот може да биде добар за нацијата? Точно е дека поделбите може да доведат до несогласување, поларизација и конфликт околу политиката и политиките. Посебно зацрвстувачките поделби, поделби кои се преклопуваат, може да бидат поразделувачки и да го заострат конфликтот. Од друга страна напречните поделби, може да го намалат конфликтот меѓу групите. Погоре цитираниот колумнист заклучува „а порано си бевме само Македонци и Албанци“. Всушност тој раскол, посебно бидејќи етничката поделба е зацврстена со верската и јазичната поделба, е клучниот ризик за Македонија. Затоа другите напречни поделби како географската поделба или секуларната поделба, го намалуваат етничкиот раскол. За Македонија е суштински постоењето на партиски плурализам или најмалку две партии во секоја етничка група, бидејќи внатре-етничкиот партиски раскол го релативизира меѓуетничкиот раскол. И од тие причини бев и сум против етнички коалиции како тие на локалните избори во Кичево и Струга. Во трудот „Хоризонтални нееднаквости, напречни расколи, и граѓанската војна“ авторите преку податоци од преку 100 земји, обезбедуваат докази дека граѓанска војна е приближно дванаесет пати помалку возможна во општества каде етничките поделби се напречни со социоекономските (класни) поделби, географскиот регион и религијата. Секако некои од погоре споменатите поделби како таа „за споменици и против споменици“ може да делува зацврстувачки на етничките поделби и е потребно внимание да се намали тој ризик.

Дали како некој што промовира дијалог, социјален капитал, не си влегувам во контрадикција со мојата поддршка на напречните расколи и поделби? Не, бидејќи верувам дека „цивилизацијата се мери со степенот на постигнатата разноличност и степенот на зачувано единство“. Едноставно не е предизвик да се има единство во едноумие, туку да се постигне единство во разноличност, разноумие, разногласие. Затоа треба да постои капацитет да се осознае во што ќе постојат разлики, а во што треба да се постигне единство. На пример, глобалните тутунски компании водат вистинска војна со кршење на правила на маркетинг, шверц итн, но истовремено сите заедно ја имаат една од најјаките лоби групи во Брисел. И покрај жестоката конкуренција, знаат да постигнат единство за тоа што нив им е потребно. Во Холандија, и покрај сите поделби, сите се единствени во одбрана на земјата од морето: километрите брани и канали се резултат на единство и колективна акција. За тоа треба да се гради довербата и дијалогот.

Да се вратам назад на повикот за единството за спорот за името. Тоа единство е суштинско за нацијата. И тука нема дилема. Прашањето е како тоа единство се гради. Единствен начин е дијалог на клучните политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. И бидејќи политичките партии сигурно се склони да го употребуваат спорот за името во дневнополитички цели и изборни цели, клучнa улога во постигнување на посакуваното единство има претседателот на Републиката. Претседателот на Републиката, како натпартиска институција, има должност да ги повика политичките лидери, да воспостави дијалог за единството, за заедничките црвени линии во спорот за името. Единство не се постигнува со прокламирање на сопствениот став и очекување другите да го следат, туку со вклучување во дијалог на сите, и на опозицијата. Само така ќе го постигнеме единството што толку го посакуваме.

twitter@sklek хаштаг: #Раскол

1 thought on “Раскол и единство”

  1. Почитуван Клековски,
    Ќе бидам краток:
    1. Сето ова за кое Вие пишувата СИТЕ сериозни држави го имаат регулирано во ДОКУМЕНТОТ што се вика “Национална Стратегија“ која ние ја немаме.
    2. Прашање : Кој Претседател во РМ бил непартиски, или откако бил избран се ослободил од партиската припадност и влијание ?
    Со почит
    Чиракот

    Одговори

Напиши одговор на перо чиракот Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.