Локални или национални херои?

„Центар немал право да гради споменици и мостови“, „централната власт без законска оправданост префрлила 58 милиони евра“ беа насловите по објавувањето на „Прв извештај за вклученоста на Центар во ‘Скопје 2014’“ од авторите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, избрани со решение на градоначалникот Андреј Жерновски.

Изlokalni-ili-natsionalni-heroiвештајот е анализа на правната рамка, на постапките за подигање на спомениците и на постапките за јавни набавки. Во него се заклучува: (1) „Центар немал надлежност за ваков тип на објекти“, како што и (2) „немала надлежност за објекти на реката Вардар“, (3) „градоначалникот на је контролирал законитоста на прописите донесени од советот“, (4) „сериозно нарушено функционирање на правната држава“, (5) „средства за оваа намена од централниот буџет на сметката на Центар нема законска оправданост“, (6) „реализација се одвивала на начин кој создава простор за нерегуларности и злоупотреба на буџетските средства“, (7) „во многу значајни фази од постапката реализацијата била оставена без јасно видлива и ефективна контрола“.

Четири од заклучоците, тоа првиот, третиот, четвртиот и петтиот, се засноваат на Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата (ЗМССО). И сите четири се засноваат на ограничена анализа на законот, без анализа на споредбени случаи и без да се  има во предвид одлуката на Уставниот суд.

Според извештајот, а врз основа на членовите 2,3,4 и 5 од ЗМССО, Центар подигнал меморијални споменици – монументални дела (чл. 3), а не спомен обележја – скулптури, фонтани (чл.4). Првите меморијалните споменици се надлежност на Собранието, а вторите, спомен-обележјата се надлежност на локалната самоуправа (чл. 5). Авторите се повикуваат на одредувањето дека меморијален споменик се подига за „настани и личности од исклучително значење“, а спомен-одбележја за „локално значење“. Но при тоа никаде не наведуваат дека и меморијални споменици и спомен-обележја се подигаат за настани и личности од членот 2 во кој член е уредено за кои настани и личности може да се подигне споменик. Од тука произлегува дека и меморијалните споменици и спомен-одбележјата може да бидат за исти настани и личности, можат да бидат скулптури и фонтани, а разликата меѓу меморијалните споменици и спомен-одбележјата се сведува на нивната монументалност. А што е монументално, а што не, е многу субјективно прашање. Тоа го прави законот фактички неприменлив во разграничување на меморијалните споменици и спомен-одбележјата и на надлежностите на Собранието и на локалната самоуправа. А Собранието реагирало, но на друга, етничка основа, но закажаната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците во 2010 година никогаш не е одржана.

И таква е практиката. Струмица му има подигнато споменик на претседателот Борис Трајковски, Карпош на Кузман Јосифовски Питу, Чаир на Скендер-бег и Хасан Приштина, Охрид на Св. Наум и најавено подигање на споменик на Христо Узунов (одбележан и во „Скопје 2014“), во Велес на гемиџиите (одбележани и во „Скопје 2014“) итн. Дали сите овие личности се од локално значење? Дали Христо Узунов и гемиџиите се од исклучително значење во Скопје, а од локално значење во Охрид и Велес?

И таква е одлуката на Уставниот суд од 29.09.2010 година, со кој претседавал Трендафил Ивановски,  кој ја отфрла иницијативата за оцена на законитоста на Програмата за спомен-обележја, поднесена од Мирослав Грчев, со образложение дека „неспорно е дека постои законско овластување на Советот на општината Центар за донесување на Програмата“, а во врска со вклучените личности дека „Судот не е надлежен да одлучува по однос на целисходноста и оправданоста на таквата определба на општината“.

Уставниот суд го потврдил законското овластување на Советот на  Центар за донесување на програма, па така не е точен третиот заклучок дека градоначалникот не ја контролирал законитоста.

Неточен е и петиот заклучок, дека централната власт немала законска основа за финансирање на спомениците. Во членот 5 од ЗМССО  јасно е наведено дека „правни и физички лица  може да поведат иницијатива…, како и да вложат средстава за негово подигање“. Формулацијата е сеопфатна и секој може да вложи средства. Та, сигурно и Министерството за култура е правно лице?

Иако звучи банално, вториот заклучок „немала надлежност за изведување на објекти на реката Вардар“, е крајно проблематично формулиран. Самите автори констатираат дека општините имаат надлежност за подрачја кои „не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт“,  а „ регулација, одржување и користење на речните корита во  урбанизираните делови“ е надлежност на град Скопје. Не знам како за авторите пешачките мостови спаѓаат во регулација на реки. Патем и Карпош има изградено пешачки мост на Вардар, а и Карпош и Аеродром имаат изградено патеки на брегот на Вардар. Вака произволно ограничување на надлежностите на општините може да се врати како бумеранг.

Четвртиот заклучок за „сериозно нарушено функционирање на правната држава“ се доведува во прашање поради неодржливоста на претходните заклучоци. Особено ако според ЗМССО инспекцијата за спомениците ја врши Министерството за култура, а подигање на споменик надвор од програма не е кривично дело, туку прекршок со парична казна од 200-300 илјади денари. Како е сериозно нарушување, ако е само прекршок?

Всушност, не разбирам зошто толку акцент во извештајот се ставил на пет заклучоци кои лесно се оспоруваат, а клучни се последните два:  отсуство на јасна и ефективна контрола, и за можности за нерегуларности и злоупотреба на буџетските средства.

Потребен е посебен коментар за „Скопје 2014“, но накратко. Може да се тврди дека „Скопје 2014“ чини двојно помалку од националниот стадион во Варшава, кој чинел над пола милијарда евра. Но примерите со споменикот на Никола Карев, како и со патните и дневните трошоци од 1.5 милион евра не може да се релативизираат. Настрана моралната страна за трошење на толку пари за патувања. Еден милион евра за авиобилети, ако еден билет чини 500 евра, се 2000 билети!?  Со сегашните законски ограничувања за дневни трошоци тешко е можно е да се потрошат толку многу пари. „Постапуваме без никакви консултации“, изјави министерката Гордана Јанкуловска за случајот на Паско Кузман, обвинет за штета на буџетот од 20.000 евра. И за Центар треба исто така. На потег е јавното обвинителство и МВР да постапат независно и професионално.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.