Ова година август како да не е месец за одмори! Али Ахмети го отвори месецот со иницијативата за спорот за името, која падна во „сенка“ на сечата на дрвата пред хотел Бристол – Скопје. Неделава почна со првичните наоди од комисијата на општина Центар за ревизија на проектот „Скопје 2014“. Сите овие настани заслужуваат анализа и коментар, но можеби понатаму, сега за нешто друго. Неделава помина и 13 август – дванаесетгодишнината од потпишувањето на рамковниот договор. Помина без ниедна насловна страница на главните дневни весници на македонски јазик, со кратки агенциски вести и ретки пошироки коментари. Тоа е така зошто рамковниот договор не функционира или зошто функционира, или е нешто трето во прашање?
Не ретко рамковниот договор е оспоруван, дека не е решение, дека лошо се спроведува… Некои од критиките на Охридскиот рамковен договор или се неоправдани, или не нудат алтернатива. Често во расправите се убедувам со соговорниците дека квалитетот може да се мери исклучиво преку споредба меѓу најмалку два модели, решенија… бидејќи критики на еден модел, да кажеш дека нешто не чини, без понуда на подобра алтернатива се беспредметни.
Секоја оценка на рамковниот договор мора да се заснова на оценување на постигнувањето на целите (интеграција на Македонија во евроатлантската заедница, развој на демократијата, граѓанското општество и мултукултурното општество), принципите (конструктивно разрешување на проблеми, територијален интегритет и унитарност, локална самоуправа, мултиетничкиот карактер одразен во јавниот живот, развојност во согласност со меѓународните стандарди) и очекуваните резултати (прекин на непријателства; развој на децентрализирана власт; недискриминација и правична застапеност; заштита од мајоризација; идентитет, култура, јазик, образование).
Првата критика е дека моделот на рамковниот договор не е добар. Од една страна таа критика на рамковниот договор доаѓаше од професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и беше критика на консоцијалниот модел (заштитата од мајоризација, двојното или бадинтеровото мнозинство). Всушност двојното мнозинство е единствената битна состојка на рамковниот договор (заедно со високо образование на мајчин јазик) со која Македонија немала искуство, сите други мерки биле дел од политичкиот систем во одреден историски период. Консоцијалниот модел во Македонија не е универзално применет, туку се применува на прашања важни за етничките заедници. Со договорот се хармонизира граѓанското општество и мултикултурното општество преку консоцијалната демократија. Каков е балансот може да се дебатира, но најцрните прогнози дека консоцијалниот модел ќе го блокира политичкиот систем и Македонија ќе пропадне поради тоа не се остварија! Дури напротив, сега етничките Македонци се тие што бараат примена на двојното мнозинство. Проблемите со примената на двојното мнозинство во одредени случаи во општини каде етничките Албанци се мнозинство не е аргумент против туку аргумент во прилог на двојното мнозинство.
Од друга страна, ДПА, донекаде и НДП сметаат дека рамковниот е мртов, но конкретни алтернативи не се нудат.
За втората критика, за тоа што рамковниот договор не е спроведен во целост се согласни сите. Договорот е преточен во уставна и правна рамка, но не се спроведени одредени мерки. Со тоа се согласува и ВМРО-ДПМНЕ, за кој ОРД е еден од петте стратешки приоритети на партијата за периодот 2011-2015 г. Но рамковниот договор како и секој друг модел функционира врз основа на принципот „ѓубре влегува, ѓубре излегува“ (garbage in, garbage out). Какви се резултатите не зависи само од моделот туку и како го спроведуваме. Затоа се потребни поголема анализа и расправа за подобрување на спроведувањето. И таму каде што доброто спроведување, на пример образование на мајчин јазик, има негативни споредни ефекти кои мора да се корегираат.
Не е грев да се разговара и за измени и дополнувања на рамковниот договор. Тоа е содржано во принципите на самиот договор: конструктивно разрешување на проблемите и развојност во согласност со меѓународните стандарди. И досега се применети решенија кои не биле дел од самиот договор: амнестијата, двојното мнозинство на локално ниво, законот за јазиците… Но при тоа мора да имаме стратегија, да постигнеме согласност за поместување од брзи мерки кон долгорочни мерки, од квантитет кон квалитет, од истакнување на посебноста кон градење на заедништвото…
Но неколку од клучните критики не се поврзани со самиот договор. Клучна е поделбата за начинот на кој е постигнат договорот, како што и рече премиерот Никола Груевски во говор на 5 септември 2011 година „се согласувам со Рамковниот договор, но не со начинот на кој е постигнат“. Дел од етничките Македонци и етничките Албанци се согласуваат дека правата можеле да се постигнат по мирен пат, но мнозинството од двете групи стои на спротивставени ставови, додека за едните 2001 година е „меѓународен заговор“, „етно-сепаратистичка борба“ или „агресија од Косово“, за другите е „оправдана борба за човекови права“. Поради тоа е важно да расправаме за 2001 година и како да постигнеме помирување.
И втората битна поделба е тоа што ДУИ го „приватизираше“ рамковниот договор, како свое ексклузивно постигнување. Нормално таквата, ексклузивност неминовно води кон исклучување на другите политички чинители, кои стануваат критични кон рамковниот договор. ДУИ мора да ја сподели „сопственоста“ на рамковниот договор, вклучувајќи и со отстапување на функцијата на заменик премиер на кадар кој не е од ДУИ или е неалбанец.
И на крај. Многу граѓани имаат едноставно очекување – подобар живот. Самиот рамковен договор не е толку висок приоритет на граѓаните. Граѓаните очекуваат повеќе работа, помалку сиромаштија и помалку корупција. Политичарите мора да престанат да го мешаат незадоволството од тие прашања со рамковниот договор и меѓуетничките односи.