Судови на кои им треба едукација

Сосема неблагодарно е да се коментира нечија одлука, вклучувајќи и судска одлука, без да имате пристап до сите информации и факти, врз чија основа е донесена таа одлука . Но судската одлука, односно пресудата во процесот за Томислав Кежаровски, а уште повеќе судското прес соопштение дека пресудата е во согласност со законот, мора да биде коментирано. Судот упатува на едукација на незадоволните од пресудата, но можеби судот ќе треба да се едуцира за слободата на печатот.

sudovi-na-koi-im-treba-edukatsijaНе сум правник и почнав со моја самоедукација. Делото за кое се товари Томислав Кежаровски „неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица“ е содржано во Законот за заштита на сведоци, а го нема во Кривичниот законик. Според Законот за заштита на сведоци, членот 42, лицето што ќе открие идентитет на заштитен сведок што „би им го загрозила животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имотот од поголем обем“ ќе се казни со најмалку четири години. Од тука произлегува дека прво треба да е докажано откривањето на идентитетот, а второ дека тоа треба да предизвика последици по заштитениот сведок. Во Кривичниот законик  најблиски се делата од член 368а „незаконито влијание на сведоци“ казниво со 1 до 3 години, односно до 10 години во случај на тешки последици или тешки телесни повреди, како и член 369 „повреда на тајноста на постапката“ казниво со парична казна или до една година затвор.

Судот тврди дека е изречена најблагата можна казна. Судот не е виновен што законодавецот одредил казна од најмалку четири години затвор. Но судот сигурно знаел за членовите 40 и 41 од Кривичниот законик со кои е предвидено ублажување на казната кога „ќе се утврди дека постојат особено олеснувачки околности и дека со ублажената казна може да се постигне целта на казнувањето“. Доколку судот го применел овој член ублажената казна би била две години затвор.

Од друга страна судот ќе треба да се едуцира за слободата на печатот. За слободата на печатот што е поважна и од националната безбедност. Така има одлучено Врховниот суд на САД во случајот „Њујорк Тајмс против државата“ од 1971 година. Весникот доаѓа до воени планови во Виетнам, наречени Пентагонови документи, за кои Владата обезбедува судска забрана за објавување. Врховниот суд, со гласање 6-3, одлучува за „Њујорк Тајмс“. Претседателот на Врховниот суд Ворен Бургер изјавил „неопходноста на слободен и неограничен печат доаѓа во судир со друга неопходност на ефективно функционирање на владата“. Тој ја оспорува мудроста на објавувањето тајни документи, но ја почитува слободата на печатот. И во скорешните протекувања на тајни документи, не се обвинуваат медиумите кои тие информации ги објавуваат, туку лицата кои ги откриле тие информации.

Соодветно, дали ако Томислав Кежаровски воопшто сторил откривање на идентитет, тоа го сторил Кежаровски или  лицето што евентуално му ги соопштило информациите за идентитетот на заштитениот сведок.

Уште еден судски случај од Врховниот суд на САД. Во случајот на Ропер против Симонс, во 2005 година, за извршување на смртна казна врз малолетници, судот се повикува на меѓународната пракса. Смртна казна постои во Иран, Јемен, Саудиска Арабија, Пакистан, Нигерија, Конго и Кина, но повеќето не ја практикуваат и таа е пракса само во САД. Во републиканската ера на Џорџ Буш, прорепубликанскиот  Врховен суд се одлучува да ја укине смртната казна за малолетници, бидејќи судиите не сакаат да бидат во друштво на наведените земји. Дали судиите согледаа во какво друштво ќе биде Македонија? Според Комитетот за заштита на новинарите во 2012 година, глобално во затвор се 232 новинари, од кои само еден во Европа (Италија), а другите во Иран (45), Еритреја (28) итн. Во кое друштво посакуваме Македонија да биде?

И да, Меѓународни кривични судови основани од Обединетите нации имаат осудено пет новинари или службени лица за откривање на заштитени сведоци. И судиите се оправдуваа со овие пресуди, но не ги соопштија деталите. Два случаи се поврзани со Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. Во првиот случај Домогој Маргестиќ, уредник на „Ново хрватско слово“, во 2007 година, е осуден на три месеци затвор и парична казна од 10.000 Евра. Тој е осуден за откривање на идентитет на два сведоци по нивното сведочење во случајот против Тихомир Блашкиќ, обвинет и осуден за воени злосторства во Босна. Маркица Ребиќ, разузнавач, кој го открил идентитетот на заштитените сведоци на Блашкиќ е осуден на парична казна од 15.000 евра. Во вториот случај Ивица Маријачиќ, уредник на „Хрватски лист“ е осуден за кршење на законите за заштита на сведоци и казнет е со парична казна од 15.000 евра. Ваквите одлуки на трибуналот се жестоко критикувани од повеќе новинари и здруженија.

Слободата на печатот мора да биде првенствено начело, а сигурно е дека и никој не сака со оваа пресуда Македонија да се најде во друштво на земји како Иран и Еритреја. И праксата на  Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија со парични казни и казни затвор до три месеци, сигурно не е оправдување за висината на казната за Томислав Кежаровски.

И вообичаената поделба на навивачки блокови, не смее да ја замагли суштината на расправата за судската одлука за Томислав Кежаровски. И со позајмени зборови на судијата Ворен Бургер, и доколку некој сомнева во мудроста на евентуалното објавување, слободата на печатот мора да е првенствена.

Судот треба веднаш да обезбеди итна жалбена постапка пред Апелацискиот суд, кој мора да ги земе во предвид и првенството на слободата на печатот и меѓународната практика. И Претседателот Ѓорѓе Иванов, треба да размисли за последиците по угледот на земјата и да ги употреби правните инструменти кои му се на располагање за ослободување на Томислав Кежаровски.

Честит 23 октомври, Денот на револуционерната борба!

2 thoughts on “Судови на кои им треба едукација”

  1. Одличен напис, и правец по кој треба да се постапува во овој случај. Што би рекле Америте ” Common sense” . Меѓутоа за мене ова покажува една друга работа , а тоа е ноншалатноста со која некои Македонци се однесуваат кон работите кои ги засегаат нивните животи. За овој закон се криви сите , и опозицијата и позицијата. Расправата за овој закон треба да се води на друго место, не по блогови. Сега сигурно се носи некој нов закон за кој ќе расправаме кога ке не заболи….

    Common sense еон ашто недостасува во Македонија. Американската амбасада се обиде со “НЕ БИДЕТЕ ПАПАГАЛИ“

    Одговори
  2. Дополнително, судот треба да земе предвид информации од друг процес кои значително може да влијаат на одлуката а тоа е дека сведокот бил под присила натеран да сведочи. Ова за Кежаровски е значајно затоа што е основа за докажување на јавен интерес на објавување на информацијата. Исто така би било олеснителна околност за информаторот.

    За жал, проактивноста на судството и неговата флексибилност се поголема карактеристика на САД отколку на Европа каде сме и ние. Ова е извор на способноста и мандатот на судиите во САД да размислуваат пошироко, па дури и надвор од пишаното право. Затоа и САД е местото од каде на пример се објавуваат податоците добиени од Едвард Сноуден, бидејќи во Лондон е започната истрага против Гардијан.

    Секако кај нас „слепилото“ кон очигледни работи не е секогаш предизвикано од незнаење. Во овој случај може да се претпостави дека одлуката е однапред донесена.

    Одговори

Напиши одговор на meglena Откажи одговор

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.