Се случи првото поголемо изненадување во предизборието 2014 година – Зоран Заев, лидерот на СДСМ, нема да ја предводи кандидатската листа на СДСМ на предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година. Изненадувањето можеше да се види пред сè во проопозициските редови, наслови на проопозициски медиуми како контроверзна одлука, втора постава и слични, а во новите, социјални, медиуми, неверување, а објавата на кандидатската листа на СДСМ за пратеници помина без еуфорија и ентузијазмот кој што беше присутен при објавата на кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на државата.
Секако не е изненадување отсуството од листите на кандидатските листи на пратениците кои го означија претходниот период, бидејќи подолго време се најавуваше дека на листите ќе ги нема Јани Макрадули, Горан Минчев … За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое влегува во овие избори со хомогено раководство и партија, СДСМ на овие избори треба да го консолидира раководството и партијата. Затоа за СДСМ очекувано и неминовно е дека во натамошната консолидација на раководството и партијата мора да дојде до промена на пратеничката група.
Изненадувањето е отсуството на раководството на СДСМ од кандидатските листи, или поточно отсуството на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска. Одбраната на вака поставените кандидатски листи е дека тоа се најдобрите кандидати поддржани од членството и проверени и со повеќе анкети, дека се неутрализира негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, и дека се докажува прекинот со претходното лидерство на СДСМ.
Покрај отсуството на Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, не држи констатацијата дека ова е втора постава, ниту дека е листа на анонимуси. Да не именувам некои од раководството на СДСМ, на пример од потпретседателите кои се по анонимни отколку некои од носителите на листи. На пример Ренета Тренеска Дескоска е одличен професионалец, но поаѓајќи од фактот дека носител во изборна единица 1 досега бил лидерот на СДСМ, има хендикеп дека подготовката и нејзината промоција не е започната порано. Има и други личности, особено надвор од Скопје, кои се почитувани во своите заедници. Позитивен чекор е делумната локализација на листите, но и таа делумна бидејќи не сите листи ги водат кандидати кои живеат во своите изборни единици.
