Во Македонија кружат политички приказни дека властите, поранешни и сегашни, во текот на владеењето собираат документи, снимки, досиеја и други материјали за наводно сторен криминал од своите политички ривали. Целта на таквото собирање на документи најверојатно не е борба против криминалот и владеење на правото, туку тие документи, снимки, како во приказната за кубурот и Македонецот, се да се најдат, за не дај боже, да бидат употребени против политичките ривали, во негативна кампања, во тешки политички моменти. Така се случуваат пронајдени по дворови досиеја од безбедносни служби до снимки од непознати извори.
Минатите денови опозицијата ја објави наводната афера „Македонска банка“ со обвинувања за наводна вмешаност на врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Наводното противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок, за што СДСМ поднеле кривична пријава, се случиле во 2003-2004 година.
Уште еднаш „Македонска банка“ е во фокусот на интерес на јавноста, иако е во процес на ликвидација од пред повеќе години. Уште еднаш, бидејќи таа банка продуцираше афери уште како Љубљанска банка, во која исчезнаа милиони германски марки при распадот на Југославија, потоа при обидот на Љубчо Георгиевски, тогаш премиер, да создаде „банка на ВМРО-ДПМНЕ“ наспроти една друга голема банка која беше перципирана како „банка на СДСМ“, до одлуката на Петар Гошев, тогаш гувернер на НБМ, за одземање на дозволата за банка поради несоодветна сопственичка структура на банката. Толку за контекстуализација.
СДСМ неколку дена велат водат борба против криминалот, за владеење на правото… Дали е така, или станува збор за ново продолжение на негативната кампања „Зад маската на чесноста“, со исклучива цел влијание на изборите?



