Добротворството сè уште живее тука

Пред две години, во мај 2012 година, во „Еден суперхерој не е доволен“, еден од моите први написи за „Нова Македонија“, го коментирав големиот пад на Македонија на Светскиот индекс за добротворство, вест што тогаш помина незабележено. Светскиот индекс за добротворство се состои од три критериуми: донации на пари, волонтирање и помагање на непознати. Денес, по две години, можам да констатирам дека нема напредок, во последниот извештај за Светскиот индекс за добротворство (World Giving Index), Македонија го дели со Бугарија 118-то место од 135 земји, далеку пред нас е Словенија (44. место), а зад нас се Србија, Црна Гора, Турција, Албанија и на последното место е Грција. За моите погледи на причините пишував тогаш во 2012 година, сега може да вклучам и регионален социокултурен фактор. И додека во донации на пари сме во средината (75. место), Македонија е на дното во волонтирање (121. место) и помагање на непознати (129. место).

dobrotvorstvoto-se-ushte-zhivee-tuka-1Зошто е потребно внимание за донации, волонтирање, помагање? Поплавите во регионот го даваат одговорот. Шокот на една од најголемите непогоди кои ги има погодено Босна и Херцеговина и Србија, како и Хрватска, ги разбуди погодените земји, но и сите земји во регионот. Известувањето за огромното човечко страдање, набргу го замени известувањето за солидарноста и човечноста – добротворството сè уште живее тука. Сликите на илјадници волонтери, кои се борат со водената стихија, на илјадници луѓе што донираат тоа што го имаат,  е неспорен показател дека само во заедница може да се справиме со несреќите што нè погодуваат. Солидарноста и човечноста, ги помина границите на погодените земји, и како што е нормално први во поддршка дојдоа соседите.

Се слушаат коментари „секоја чест на Србите, кај нас тоа е невозможно“. Тие што тоа го коментираат веројатно не сакаат или не можат да ја видат мобилизацијата што се случи во Македонија. И тука не говорам за помошта од државата, ниту, пак, само за донациите во пари преку мобилен, кои во првиот ден како што коментираа некои достигнаа една четвртина од првата помош на САД. Тука говорам за илјадниците граѓани кои се помрднаа и направија нешто за соседите во неволја. Тука говорам за стотиците волонтери, пред сè на Црвениот крст и на некои општини, кои помагаа во собирањето, сортирањето и пакувањето на помошта.

dobrotvorstvoto-se-ushte-zhivee-tuka-2Од друга страна коментари „е да, се мобилизираа граѓаните,  е да, за Србите се ќе направиме, дали тоа ќе го направиме за други?“. Точно е дека многумина во Македонија ја доживуваат Србија како најпријателски сосед, точно е дека во многу пораки, или бар медиумите ги нагласуваа, доминираа пораки на братство. Точно е дека граѓаните, не само во Македонија, туку во било која земја се помотивирани за волонтирање и донации за локални каузи, за блиски и познати луѓе од своите опкружување. Но граѓаните на  Македонија покажале и докажале дека, тоа не е клучно за мобилизацијата за регионите погодени од поплавите. Македонија се мобилизира и во јануари 2005 година, и за далечни и непознати, кога во кампањата „Македонија за жртвите од цунами“ од граѓани и фирми беа собрани околу 200.000 евра.

Добротворството сè уште живее тука, и сите, државата, граѓаните и фирмите треба да го негуваат. И државата не треба да биде суперхерој, и да организира работи, како хуманитарни концерти, кои можат и други да ги организираат. Државата треба да создава поволен амбиент за добротворството. Донациите во пари на мобилни телефони јасно лоцираа еден проблем кои државата мора да го реши – плаќањето ДДВ од 18% на секоја донација на мобилен или за 100 денари донација се плаќа 18 денари ДДВ. Поради протестите на големиот број граѓани кои донираа и станаа свесни за даночниот проблем, Владата направи отстапка и одлучи ДДВ да биде донација. Но тоа е ад хок мерка – што станува со оданочувањето на донациите за болни деца, за болници или други добротворни цели? Зарем и тие не треба да бидат ослободени од ДДВ?

***

dobrotvorstvoto-se-ushte-zhivee-tuka-3Пред неколку дена беше убиен младиот Ангел Петковски, од Ѓорче Петров, Скопје. Убиен во спречување на ситна кражба. Нема ништо поболно од загуба на млад живот за неразумна, банална причина. Ниедно жалење, ниедно сочувство нема да го вратат младиот Ангел, нема да ја намалат загубата на неговото семејство, пријатели, соседи. Сите ние мора да создаваме околина во која нема да се случуваат вакви трагедии. И одмаздата во ниту еден случај не е одговор на трагедијата! Вината за стореното убиство, за сторениот криминал е на конкретна индивидуа и за тоа злосторство ќе има казнаиндивидуална. Жртвите на одмаздничките акции не се виновни, одмаздничките акции мора да запрат, а виновните за тоа мора да одговараат. А сите заедно можеме  да ја покажеме нашата човечност и да му помогнеме и на семејството на Ангел Петковски, и на жртвите на одмаздничките акции.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.