Пописот како поле на партиски натпревар [2]

Претходниот четврток, отворајќи ја темата за пописот, напишав дека со таква историја на пописи каква што ја имаше Македонија, зачудува дека е изненадување неуспехот на пописот од 2011 година. Во мултикултурен контекст да се спроведе успешен попис потребно е да се избегне играта на добитници и губитници. Тоа може да се постигне преку употреба на непристрасен модел – попис заснован на регистри или да одлучиме да не се попишува етничка и верска припадност, или доколку такви податоци се собираат да не се објавуваат.

По неуспехот на пописот во 2011 година, пописот станува важен дел од агендата за критика на власта од страна на опозицијата. Со вклучувањето на пописот во  петте теми за кои СДСМ бара да бидат опфатени во политичкиот дијалог, пописот во Македонија станува двојно невозможна мисија, покрај поле за меѓуетничка пресметка, станува и поле за меѓупартиска пресметка. Пописот како партиска пресметка СДСМ го употребува во постигнување на две цели: да се потврди неуспехот на власта во подобрување на благосостојбата и да се оспори избирачкиот список, а со тоа регуларноста на изборите.

popisot-kako-pole-na-partiski-natprevar-2Првата цел која СДСМ и проопозициските коментатори сакаат да ја постигнат е да се потврди неуспехот на власта во подобрување на благосостојбата со тврдењето дека Македонија нема повеќе од 1.8 милиони жители, односно дека 300.000 луѓе ја напуштиле земјава во последните десетина години и популацијата е намалена за околу 15 отсто. И со и без попис скоро е сигурно дека Македонија има помалку жители од проценетите 2.1 милион, бидејќи таков е регионалниот тренд. Бугарија која својот популациски врв од околу 9 милиони жители го постигнала во 1989 година, на пописот во 2011 година брои околу 7.3 милиoни жители, што е намалување од околу 19 отсто. И Косово за кое во 2010 година се проценуваше дека има 2.2 милиони, според пописот во 2011 година, без трите општини на северот, има околу 1.7 милиони жители и популацијата е помала за околу 23 отсто. Неспорно е да се очекува дека Македонија има помала популација од проценетата, и тоа не само како резултат на стагнирачкиот природен прираст, туку и поради миграциските трендови. И наместо дневнополитички, темата за миграцијата мора да се истражува, како што Хелтгрупер ја истражува миграцијата на докторите, во потрага по политики и мерки кои ќе ја намалат миграцијата.

И доколку критиката на СДСМ, во погорниот случај, е оправдана и го насочува вниманието кон едно толку важно прашање како популацијата и миграцијата, аргументите за пописот и оспорувањето на избирачкиот список се климави.

Клучното тврдење на СДСМ и проопозициските коментатори е дека е не е можно во земја во која живеат околу 1.7-1.8 милиони жители, избирачкиот список да брои 1.780.128 гласачи. Влијателни коментатори тврдат дека во земјава има 1.7 милиони здравствени осигуреници, што укажува на иста бројка на жители и дека не може да има повеќе гласачи. И се чини дека на ова прашање од теснопартиски причини се шири конфузија. Жители и гласачи не се синоними, немаат исто значење. Жители се сите лица кои во време на пописот живеат во Македонија. Гласачи се сите граѓани – државјани на Македонија, без разлика каде живеат – во земјава или во странство. Еден секојдневен пример. Тетка Злата, е државјанин на Македонија, има стан во Скопје, има македонски пасош, но веќе со децении живее во Србија. Тетка Злата  не живее во Скопје со децении, и не би била попишана како жител, но како македонски државјанин има право да биде гласач и да биде вклучена во избирачкиот список. Уставот го гарантира правото на гласање на сите граѓани, и никој не смее да ги избрише иселените од гласачките списоци.

Прашањето за жители и избирачкиот список не може да се надмине со попис. Доказ е соседно Косово, каде што според пописот од 2011 година има околу 1.73 милиони жители, а според Централната изборна комисија во 2014 година во Косово биле регистрирани 1.799.023 гласачи. Значи во Косово и покрај спроведениот попис во 2011 година, има повеќе гласачи од жители. Затоа што едноставно не може да се одземе правото на глас.

Пописот е неопходен, но СДСМ мора да престане да го употребува за партиска пресметка, и да го исклучи од петте теми за политичкиот дијалог. Доколку СДСМ се сомнева за злоупотреба на гласачкото право на отсутните  или иселените граѓани, пописот нема да го реши проблемот. За тоа е потребно СДСМ треба да има подобро набљудување со кое ќе понуди докази дека лица кои не живеат во Македонија и не биле во земјата на денот на гласање го употребиле своето гласачко право и дека тоа е во таков обем да влијае на изборните резултати. И второ може да бара промена на изборното законодавство со кое ќе се воведе активна регистрација на гласачи, односно дека на избирачкиот список ќе бидат вклучени само тие граѓани кои самите ќе се впишат во избирачкиот список.

***

Деновиве започна собраниската процедура за измени на Уставот, без присуство на опозицијата во Собранието. Таквите измени на Уставот ќе бидат легални. Но Уставот треба да го одрази најширокиот можен општествен договор и за легитимноста на уставните измени неопходно е учество на опозицијата во расправата за нив. Поради тоа Собранието мора да ја одложи понатамошната процедура за измени на Уставот, до вклучувањето на опозицијата во расправата.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.