Деновиве два конфликти еден нов, во Украина, и еден повеќедецениски во Палестина, постигнаа нови жални епизоди. Нови жални епизоди во кои страдаат цивили, деца и жени.
Над Украина е соборен авион, цивилен, 298 луѓе загинаа, од кои околу 80 деца. Ужас, човечка трагедија, на која страните во конфликтот веднаш се обидоа да направат добивки, во својата војна за поддршка од светската јавност. Од една страна беше објавено дека авионот е соборен со ракети земја-воздух од територија контролирана од милициите на Донбас, дека е пресретнат телефонски разговор што тоа го потврдува, дека постојат снимки на ракетниот лансер на кој му недостига една ракета, дека… Од другата страна информации дека на локацијата има активни ракетни системи на украинската војска, дека авионот летал 14 километри надвор од коридорот, дека постојат снимки на украински борбени авиони кои летале на неколку километри од авионот. Од трета страна, основни прашања, како цивилни авиони летаат над територија каде се соборени повеќе авиони во последните недели, месеци? Како надлежните авторитети одлучуваат каде е безбедно, а каде не е безбедно да се лета. Од вчера-завчера, првата страна ретерира, дека авионот е соборен по грешка, поради погрешно радарско читање, дека ракетниот лансер можеби бил управуван од дезертери на украинската армија, кои можеби носеле украински униформи… Во целата војна за светската јавност, ме чуди како сега и едните и другите имаат снимки на лансери, борбени авиони во близина на цивилниот авион, снимки на кои може да се види и униформата на нелуѓето кои го притиснале копчето за лансирање на ракетите. А од друга страна со месеци не може да се утврди во кое море или кој океан падна малезискиот авион на летот за Пекинг, дали е во Јужно Кинеско Море, дали е во Индиски Океан, каде е? Oдносот без почит кон жртвите ги засилија сликите на ужасот. Да, местото каде е соборен авионот е конфликтна зона и веројатно не е можно да биде обезбедено како место на сторен криминал како што гледаме на ЦСИ-сериите. Но секој со малку човечност очекува достоинствен третман на телата на погинатите патници. И не само од страна на милициите од Донбас или страните во конфликт во Украина. Туку и од одредени новинарски екипи, како таа на Еј-би-си, кои во лов на насловни стории на бранот на силни емоции, не се срамеа да допираат предмети на погинатите, или пак други и да претураат по куферите на жртвите.
Мораше да се случи крик на родители на деца кои беа жртви „Путин, врати ни ги децата“, за да политичарите и медиумите, забревтани во своите напори да ја (зло)употребат трагедијата за сопствени добивки, се приземјат и се обидат да бидат почовечни во моментите на огромна болка на семејствата и блиските на жртвите. А вистината за што се случи политичарите да им ја остават на експертите за тоа.
Во македонската јавност, помалку во сенка на ова нова трагична епизода на свежиот конфликт во Украина, се одвива новата трагична епизода во Палестина. Од една страна обвинувања за употреба на забранети оружја врз цивили од страна на ИДФ, израелските одбранбени сили. Повеќе организации тврдат дека ИДФ употребуваат флешет-гранати кои ослободуваат илјадници метални острици од 3-4 цм, кои можат да ранат или убијат во подрачје од 300 на 90 метри. Од друга страна, обвинувања за употреба на цивили како штит, на употреба на возила на итна медицинска помош, за транспорт на борци на Хамас. „Уште еден транспорт на повеќе десетици осакатени и крвави, сè уште имаме езера на крв на подот, купишта на крвави завои, насекаде крв, човечки ткива, коса, облека, канили, остатоци од смртта…“ Не, ова не опис од местото на падот на соборениот малезиски авион, тоа е опис на болница во Газа, Палестина. Потребен е еден крик „Г. Обама – имате ли срце“ на Мадс Гилберт, професор на итна медицина од Норвешка, на служба во болница во Газа, да се врати човечката трагедија во центарот на вниманието.
За одбележување е донекаде тажната улога, во двете човечки трагедии, на водечките светски медиуми. Би-би-си, Киевпост, Раша тудеј, Си-ен-ен, Ал Џазеира, како да не известуваат за истите конфликти, за истите трагедии. Некои малку попрофесионално, некои помалку професионално, покрај сензационалниот пристап на трагедиите, како да ги туркаат сториите на нивните политичари и политики.
Точно е дека сите трагедии се повеќеслојни и со комплексни одговорности. Путин лаконски ќе тврди дека за се е крив Порошенко, украинскиот претседател, бидејќи да го продолжел примирјето, соборувањето на малезискиот авион нема да се случело. И на писмото на норвешкиот доктор имаше одговор од Нета Израели Ерлих, израелска докторка, која посочува на комплексноста на состојбите во израелско-палестинскиот конфликт. Во таквите комплексности и повеќеслојности се повеќе се губи човечката перспектива, таа на човекови права, а преовладува таа на реалполитика.