Тринаесетти август е денот кога свечено се потсетуваме на (Охридскиот) рамковен договор. Во медиумите се објавуваат пригодни интервјуа и анализи, се одржуваат трибина, со кои јавноста за момент ќе се потсети на договорот кој внесе најголема промена во политичкиот систем на Македонија.
Вообичаените прашања кои се обидуваме да ги одговориме дали Рамковниот договор е спроведен или не, дали ги подобри состојбите или не, понекогаш некој ќе го спомне „духот“ на рамковниот договор. И најчесто одговорите одат од крајност во крајност во зависност од етничката или партиската припадност.
Во дебатата за спроведеност доминираат правичната застапеност и јазикот, иако тие се само еден дел од резултатите кои требаа да се постигнат со рамковниот договор. Всушност тоа што треба да се постигне со рамковниот договор може да се групира во пет подрачја: прекин на непријателствата, вклучувајќи враќање на раселените лица и обнова, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, заштита од мајоризација (двојното или „бадинтеровото“ мнозинство) и идентитет, култура, јазик и образование. Да спомнам неколку работи кои најчесто не се спомнуваат, а се значајни постигнувања. Заштитата од мајоризација, двојното или бадинтеровото мнозинство, беше најавувано како катастрофа за Македонија, а се спроведува без проблеми години наназад. Употребата на знамињата на етничките заедници, прашање за кое се проли крв во Гостивар во 1997 година е зад нас. Бројот на студенти од етничките заедници е повеќекратно зголемен. На пример бројот на студенти етнички Албанци е зголемен од 586 (2.2 отсто) во 1992/93 година на 9.926 (16.5 отсто) во 2008/9 година, на студенти етнички Роми од 13 на 229, на студенти етнички Турци од 172 на 995.
Едната крајна позиција е дека рамковниот договор е спроведен, реферира на тоа дека рамковниот договор е преточен во Уставот и законите, и тоа беше постигнато веќе во 2005 година, кога главно со таа заслуга на Македонија ѝ беше доделен кандидатскиот статус во ЕУ. Но да се спроведат политики не е доволно да се донесе закон, треба процес на спроведување. Дека рамковниот договор не е спроведен не е став само на етничките Албанци, со тоа се согласува и ВМРО-ДПМНЕ, кое во Манифестот за реформи и развој, како еден од петте стратегиски приоритети за 2011-2015 година го наведува „довршувањето на спроведување на Охридскиот рамковен договор“. Но тука лежи замка, бидејќи рамковниот процес може да се доврши само ако се гледа како квантитет, на пример процент на правична застапеност, но тој не може да се заврши ако се гледа како квалитет, на развој на децентрализацијата, на недискриминацијата или пак, образованието.
Затоа не се одржливи ставовите дека не треба да се говори повеќе за Рамковниот договор, туку за спроведување на Уставот и законите. Рамковниот договор не е само низа на мерки кои се преточени во закони, туку ги поставува целите и принципите на основниот општествен договор. Принципите на рамковниот договор се конструктивно разрешување на проблемите (сега сè почесто се нарекува политички дијалог), територијален интегритет и унитарност, учество на граѓаните и унапредување на идентитетот, одраз на мултиетничкиот карактер во јавниот живот, и развој во согласност со меѓународните стандарди. А целите на рамковниот договор се: Македонија интегрирана во евроатлантската заедница, развој на демократијата и граѓанското општество и развој на мултикултурното општество со почит на етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани. Сето тоа за мир, хармонија и просперитет во Македонија. Тие цели и принципи се тоа што многумина го нарекуваат „духот“ на рамковниот договор.
И во согласност со тие цели и принципи, а прифаќајќи дека рамковниот договор ги нема опфатено сите прашања, решавани се предизвици како амнестијата за ОНА или пак двојното мнозинство на локално ниво. И секако дека ќе има понатамошни предизвици кои треба да се решаваат во согласност со целите и принципите, или „духот“ на рамковниот договор.
Секако, како и во толкувањето на спроведеноста, така и во толкување на духот, секој настапува со свој поглед. На една страна се барањата за граѓански концепт, на друга за национална држава со почит на малцинските права, на трета страна барањата за бинационална држава. Предизвикот на „духот“ на рамковниот договор е во постојаната потрага за баланс, за мирни и хармонични односи меѓу граѓанското општество и мултикултурното општество. На пример, во секојдневието тоа е баланс меѓу начелото на стручност и компетентност и начелото на правична застапеност. Или пак како ќе го постигнеме тој баланс во образованието, каде успехот во примената на право на образование на мајчин јазик, доведе до поделеност од градинки до високо образование, што е во корист на мултиетничкото општество, но не е во хармонија со граѓанското општество.
Затоа, наместо повремени коментари и трибини, нам ни е потребна стратегија заснована на целите и принципите на рамковниот договор, стратегија за споделена иднина, во која треба да се опфатат прашањата како од квантитет да се придвижиме кон квалитет, како да го децентрализираме рамковниот договор, како со развој на помалубројните етнички заедници можеме да обезбедиме вистинска мултикултура и медијација на односите меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, како со сеопфатна борба против дискриминацијата по било која основа можеме да го адресираме основниот проблем на етничките заедници, како да ги подобриме меѓуетничките односи и хоризонталната поврзаност. Прв чекор кон стратегијата, за таа да биде споделена е ДУИ да престане да го присвојува рамковниот договор – ДУИ треба да го демонополизира рамковниот договор.
Секако чувството на нееднаквост, нема да се надмине само со мерки за подобри меѓуетнички односи. Врвни општествени приоритети на граѓаните се намалување на невработеноста и на сиромаштијата. Без социјални придобивки за пониските општествени слоеви, нема да се создаде поволна околина и за рамковниот договор и за меѓуетничките односи.