Во последниот четврток во 2014 година, мојот последен 47. коментар во оваа година, е преглед на годината што изминува. Во оваа година коментирав за евергрин-теми како стратегиската ориентација на Македонија, за ЕУ, за регионот и добрососедството, за спорот за името. Коментирав и теми кои произлегоа во годината која изменува, надворешнополитички како војната во Украина и референдумот во Шкотска или, пак, изборите во Романија, внатрешнополитички како претседателските и парламентарните избори, помилувањето на Вранишковски. Повеќе коментари посветив на меѓупартискиот натпревар: за пописот, за екстерното (за власта), за казните (кои не се бауч), за „бомбата“. И три коментари посветив на мојот прекрасен Охрид.
Пишувањето на неделни коментари, поставува неделна рамка, што е актуелно за претходната или тековната седмица. Затоа годишниот преглед овозможува поглед на поголемата слика. Кои беа процесите, надвор и дома, кои ја карактеризираа годината што поминува? Накратко, 2014 година е година на поларизација, и на меѓународно ниво и дома.
Три важни процеси на поларизација за нас, кои се продлабочија во 2014 година се: политиката во ЕУ, Запад-ислам и Запад-Русија, од кои првите два имаат негативни последици за нас.
Политиката во ЕУ, каде што глобалната конкурентност ја загрозува државата на благосостојба, е во големи искушенија. Главните политички партии добиваат свои екстремни алтернативи на десницата и левицата, кои ги напаѓаат основите на ЕУ-политиките. Од екстремната десница се напаѓа имиграциската политика и слободата на движење, а од екстремната левица еврото и политиката на фискална дисциплина (штедење). Пролетните избори, и покрај влезот на екстремни партии во ЕУ парламентот, не е толку проблем, колку што се реакциите на главните политички партии. Сето накратко ќе резултира со „помалку Европа“, помал ентузијазам за ЕУ проширувањето, што за нас значи одлагање на ЕУ перспективите.
Односите Запад-ислам во 2014 година ќе достигнат ново дно. Раѓањето на Исламската држава (ИД), со средновековна бруталност што ја шокира Америка, Европа, светот, внесе посебна загриженост во Европа поради илјадниците ЕУ граѓани кои се борат на страната на ИД. Најмногу, процентуално изразено, борци има од земјите со најмалку муслимани, како Финска. Како што ПЕГИДА, кратенката на германски што значи „Патриотските Европејци против исламизација на Западот“ собра најмногу, 17.000 протестанти во Дрезден, град каде има само 4 отсто странци и уште помалку муслимани. Овој процес може да ја погоди Македонија на две нивоа. Првото ниво е намалување на прифатливоста од страна на ЕУ на мултикултурна Македонија, каде секој трет граѓанин е муслиман. Второто ниво е радикализација на меѓуверските односи во Македонија. Петнаесетина македонски граѓани загинати, најверојатно најмалку десеттина пати повеќе борци во Сирија, го менуваат балансот и внесуваат ризик од насилство.
И третиот процес на поларизација Запад-Русија, кој по Сирија, се пренесе во Европа и се огледа во војната во Украина, но и засилениот притисок на Русија врз Молдавија, или пак најавите за конфронтација на Балканот (БиХ, Србија). Тоа не создава поволен амбиент за Македонија, бидејќи конфликтот не е добар за никого, а дополнително може да доведе и до амбиции за дестабилизација на Македонија. Од друга страна, „спасиба Путин“, бидејќи конфонтацијата, го врати заборавениот Балкан во фокусот на Западот (НАТО, Германија), што може позитивно да се одрази на евроатлантските перспективи на Македонија.
И само за одбележување, додека расте поларизацијата во повеќе оски, нешто како додека двајца се караат, третиот користи, Кина почна да го етаблира своето економско присуство во нашиот регион.
Збирно иако Путин нè врати назад во интересот, „помалку Европа“ не дава надеж за брза евроатлантска интеграција на Македонија. Спорот за името, со заканата што за ЕУ би значел падот на Владата на Самарас и можноста за победа на Сириза, се одлага за „аврио, метаврио“.
Внатрешната сцена ја карактеризира новото дно на односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Најдобра илустрација за степенот на поларизација и конфликтност е употребата милитантен речник како „бомба“, та дури и „касетна бомба“ (м.з. забрането оружје) во меѓупартиските односи. Во време кога Вучиќ и Тачи водат дијалог, тоа, барем јавно, не се случува меѓу Груевски и Заев. Опозицијата, заглавена во сопствената неуспешност, со понуда која се сведува на контра, се заглави со „бомбата“, наместо да се врати во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ мора да прифати дека СДСМ е главната опозициска партија и да отфрли сценарио, да отфрли можност да има Парламент без СДСМ. Веќе овој петок ќе биде јасно дали меѓупартиските односи ќе ескалираат понатаму, или пак ќе влезат во период на помирување.
За тоа како поларизираните односи ќе се развиваат, дали ќе има разрешници, повеќе во 2015 година.
***
Среќни празници!