Сите се Шарли, а ние?

Минатата недела за очекувањата од 2015 година, за односите Запад-ислам, како еден од трите процеси кои го одредуваат нашиот меѓународен контекст, напишав дека имаат завршница site-se-sharli-a-nieво 2014 година или почеток во 2015 година што не ветува многу. Во моментите кога го пишував тоа, се случуваше најголемиот, најбруталниот терористички напад во Франција по 1961 година – се случуваше егзекуцијата на редакцијата на сатиричното списание „Шарли Ебдо“. Во моментите на шок, болка, инстинктивниот одговор на Франција, на Европа, на светот беше сочувство и солидарност. Над четириесетина лидери, над милион луѓе се собра во Париз, како и во многу други градови, вклучувајќи го и Скопје, под слоганот „Јас сум Шарли“. Собраните на Плоштадот на Републиката во Париз потсетија на значењето на малку подзаборавеното мото на Републиката „Liberté, égalité, fraternité“ (слобода, еднаквост, братство). Покажаното братство, посебно поради учеството и на лидери од земји со муслиманско или арапско потекло, како и на многу обични граѓани, како тие во Мадрид кои носеле пароли „Не во наше име“, ќе биде барем малку мелем на раната.

Демонстрираното братство во многу ќе помогне и во справувањето со одговорноста, клучен фактор во какво ќе биде влијанието на овој брутален терористички напад.

Во терористичкиот напад има многу елементи како: отстапување на стилот на нападот – професионална егзекуција наспроти стереотипот за бомбаши самоубијци, заборавена лична карта која овозможува идентификација, осомничени кои имаат алиби или кои се отсутни, ликвидирани осомничени, самоубиен инспектор, кои на љубителите на теориите на заговор, ќе има дадат материјал за многу шпекулации. Но да се вратиме во реалноста. Со месеци се говори за илјадниците наши сограѓани од Европа, од Франција, од Финска, од Македонија, кои се борат за Исламската држава на Ирак и Левантот (ИСИЛ, ИСИС) и ризикот од насилство кога тие луѓе ќе се вратат назад. Досега ИСИЛ покажа дека е способна за многу погрозоморни работи, за да бидеме изненадени од тоа што се случи. Зар мислевме дека ѕверствата од Ирак и Сирија нема да пристигнат во Европа?

На другата страна е кристално јасно дека жртвите, „Шарли Ебдо“, немаат никаква вина. Одредени култури колку и да се осетливи на сатира на нивните вредности, како муслиманскиот свет или пак Америка, каде нема сатира за религија, ниеден искажан збор или слика или карикатура не може да оправда насилство и убиство.

Сликата за братство не смее да ги покрие незадоволството, што обезбедува погодна почва за екстремизам. Одредени гласови говорот за тоа дека сатирата на „Шарли Абдо“, не се конфронтирала со предрасудите за исламот, напротив, ги продлабочувала. Додека тоа што го објавува „Шарли Абдо“ е слобода на изразување,  а тоа што го говори францускиот хуморист Диедоне Мбала-Мбала е говор на омраза и антисеметизам. Мора да се отвори дебата зошто фејсбук страната „Јас не сум Шарли“, за кратко време ја „лајкнале“ над 20.000 луѓе, зошто макар за кратко постоела страна „Јас сум Каучи“ (браќата терористи) ила пак зошто Мбала-Мбала ќе каже „Јас сум Шарли Кулибали“ (комбинација на „Шарли Ебдо“ и Кулибали терористот од кошер супермаркетот). Мора да се отвори дебата зошто илјадници наши сограѓани се борат за каузата на ИСИЛ?

За конструктивна дебата Запад-ислам, мора да се прифатат две основни начела: слобода на изразувањето и индивидуална одговорност. Ова второто значи дека не може вината за тероризмот да биде на сите муслимани. Една од жртвите на терористичкиот напад – полицаец бил муслиман.  Понатаму двете страни треба да погледнат што го храни тероризмот, дали е тоа неуспехот на општествената интеграција и кохезија или дали е тоа култура на одобрување на насилство? Колумнистот Дејвид Брукс од „Њујорк Тајмс“ пишува за потрагата на баланс меѓу провокација, навредувањето од една страна и граѓанско однесување и почит од друга страна, како и дека општествената исклученост и дискриминација не може да биде оправдување за нетолеранцијата и насилството.

За Македонија овие процеси се многу значајни. Не само од аспект на зголемена безбедност и поставување на полицајци со „калашникови“ пред објекти (патем полицајците не го одбранија „Шарли Ебдо“). Туку посуштинскиот процес на општествена интеграција и кохезија.  Во сенката на „Јас сум Шарли“, поминаа тивко коментарите, каде е нашата реакција за илјадниците убиено од Боко Харем, или пак за илјадниците убиени во Палестина, Сирија, Ирак… Каде е западната реакција за убиените на Смиљковско езеро? Каде беа застапниците на „Јас сум Шарли“ во одбрана на слободата на изразување на Вевчанскиот карневал? На фејсбук напишаа „Зошто Шарли, а не Нигерија е левичарскиот демагошки еквивалент на зошто права за ЛГБТ, а не за православните од Матејче“.

Поради географската близина, културната сличност и други фактори човечки е да повеќе сочуствуваме со едни или помалку со други луѓе. И нашата субјективност, не ја исклучува оправданоста на сочуството. Разногласието на очекувањата го поставува пред нас предизвикот на дијалог во сите форми и на сите нивоа. Да се разбареме што на кого му е важно и зошто!
И поради близината и сличноста целосно ми е неразбирливо отсуството на македонскиот државен врв од собирите за солидарност во Париз! Македонија, како европска земја, како членка на франкофонијата, како земја што промовира мултикултура и меѓуверски дијалог, мораше да биде присутна во Париз!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.