Во атмосфера на растечка партиска поларизација меѓу власта и опозицијата, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, често се говори за промена на владата. Промена на владата е прашање за кое ако се гледа површината е едно од ретките прашања за кое навидум постои согласност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Навидум, бидејќи кога говорат за промена на владата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ мислат на многу различни работи. За ВМРО-ДПМНЕ тоа е реалност кое се случува во моментот. Според нив, односно според операцијата „Пуч“, СДСМ и странска разузнавачка служба соработуваат во наводен заговор, чија цел е разнишување на институциите и слабеење на земјата во контекст на спорот за името. За СДСМ тоа е посакувана состојба во иднина. Според нив, односно според изјави на водечки опозиционери, без вклучување на меѓународната заедница, не е можно решение на политичката криза, кое според нив би завршило со избори и промена на власта. Оттука има уште една точка во која ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласуваат: улогата на странски држави или меѓународната заедница. И, секако според едните во дестабилизација, а според другите во стабилизација на Македонија. Како и да е, се чини и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ придаваат големо значење на улогата на странски држави и меѓународната заедница.
Улогата на меѓународната заедница во промена на режим (влада) е омилена тема во конспирациските разговори. Таа улога е видлива, транспарентна во промена на диктаторски режими, како тие во Ирак или Либија. Од друга страна улогата во промена на влади избрани на (горе-долу) демократски избори е предмет на континуирани полемики. Колкава е улогата на меѓународната заедница во мајданските настани и промена на власта во Украина, или пак во протестите кои ја потресоа Турција е полемика која никогаш нема да заврши. Љубителите на конспирации ќе тврдат дека сето тоа е заговор на Западот, други пак ќе тврдат дека е одраз на слободарските и демократските стремежи на граѓаните. Иако тие две работи не неминовно се исклучуваат.
Многу ретко, обично од одредена временска дистанца, се добива пристап до релевантни информации за вистината или барем за фрагменти за вистината. На пример, што се случуваше во Србија при промената на власта на Слобадан Милошевиќ, можеше да се прочита десетина години по падот на Милошевиќ, на 5 октомври 2000 година.