Претходниот коментар го посветив на „Безомразно“ проект што го адресира проблемот на говорот на омразата во нашето општество. Проблемот на говорот на омразата, заедно со казнените, кривичните дела на омраза, е врвот што се гледа на сантата на мраз, на нетолеранцијата, неприфаќањето и непочитувањето на разликите, предрасудите, пристрасноста, дискриминацијата, ксенофобијата. Политичарите и медиумите се издвојуваат како чинители кои влијаат негативно. Проектирањето на вината кон политичарите и медиумите е делумна само-амнестија на сите нас, граѓаните. Сè додека врв на политичка дебата е таа на Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, која заврши со жестоко меѓусебно навредување, тешко до пристојна јавна дебата, во која говорот на омраза ќе се смета за непримерен и неприфатлив. И сензационалистички пристап на медиумите ќе продолжи, сè додека медиуми и емисии во кои има говор на омраза имаат високи рејтинзи (гледаност/читаност).
Со растечката политичка поларизација, со растечкиот јаз меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или на поддржувачите и противниците на власта, во пораст е и говорот на омразата. И едните и другите ја правдаат својата страна, со однесувањето на другата страна. Препознавање на (говорот на) омразата само на другата страна, го прави проблемот на борбата против (говорот на) омраза, дополнително тешко, покрај веќе постоечките проблеми во превенцијата и во сузбивањето на (говорот на) омраза.
Говор на омраза, има насекаде, во сите земји. Разликата е во тоа што општеството прави во борбата против говорот на омразата. И ми се чини тука е разликата меѓу нас и земји на кои сакаме да личиме и со кои сакаме да се споредуваме. Во повеќето земји говорот на омразата се превенира и сузбива, и тој е на маргините на општеството. Сите клучни чинители имаат свој дел во превенцијата и сузбивањето на говорот на омраза. Политичарите се оградуваат и се извинуваат за говор на омраза. Никола Саркози, лидер на француската умерена десница, отфрла каква било можност за коалиција со екстремниот Национален фронт. И не само во Франција или во „далечната“ Шведска, туку и во нам поблиските Хрватска и Израел. Колинда Грабар-Китаровиќ во текот на изборите за претседател на Хрватска се огради од говор на омраза на свои поддржувачи на Фејсбук. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се извини за коментар на Интернет на денот изборите во кој за Арапите, граѓани на Израел, вели дека се „гласачка толпа“.
Кај нас политичарите не семо што не се оградуваат од говорот на омразта, туку сметаат дека целта ги оправдува средствата, вклучувајќи охрабрување на говор на омраза. И оправдувањето за тоа е едноставно – така прават и другите! Одговорноста е пред сè на власта, која мора да престане да ги охрабрува, да кокетира со тие што користат говор на омраза. Не може да биде оправдување дека говор на омраза користат и проопозициски чинители. Туѓата омраза, не може да биде оправдание на сопствената омраза! Министрите што и во приватни телефонски разговори употребувале термини како „цигани“, доколку немаат доблест за оставки, барем да соберат сила да се извинат за тоа. И тоа не само поради Ромите, граѓани на Македонија, туку и поради нас етничките Македонци. Ние кои сме жртви на (говор на) омраза на некои од Грција, кои нè нарекуваат „циганоскопјани“, „фиромјани“, „славомакедонци“, не смееме самите да употребуваме говор на омраза кон било која етничка група. Како ќе задржиме морална предност во спорот со Грција? Власта мора да се огради од екстремните чинители, исто така како што Саркози се оградува од Ле Пен. И дури тоа да ја чини губење на екстремните гласови на изборите. И опозицијата ќе има свои предизвици, за кои се уверивме пред неколку денови со еден многу грд напис во пропозициски интернет-портал против новинарки.
За да не биде само попување по политичарите. Секој граѓанин има своја одговорност. Одговорност имаат сите кои постираат на фејсбук, имаат наставниците и професорите, имаат спортските клубови. Имам и јас, лично, и да ме читаат или слушаат и двајца, и сто и илјадници, морам да водам сметка и за слободите и еднаквоста и на другиот, и за достоинството на другиот! Колку повлијателен, толку поголема одговорност!
Македонија во моментот има закони со кои делата на омраза се кривични дела и постои двоен пристап и се сметаат за отежнителна околност при било кое кривично дел и има посебни кривични дела за омраза, додефинирани со измените на законите во 2014 година – предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа (членот 319), како и ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (членот 394). Има закони, но нема постапки. Кривичната статистика покажува дека во повеќето изминати години нема ниту еден судски случај по членот 319. Делумно е тоа така поради разграничувањето на слободата на изразување и говорот на омраза. Сите кои се сеќаваат на вербалниот деликт во социјализмот, стравуваат дека говорот на омраза може да биде ново ограничување, нов вербален деликт. Но тоа не е така. Не постојат неограничени, асполутни слободи и права, туку секоја слобода и право се ограничени со еднаквите слободи и права на другите. Европската конвенција за човековите права го уредува односот меѓу слободата на изразување и нејзините ограничувања, на кои може да се надоврзат со закон предвидени казнено-правни забрани. Постои и доволно меѓународна судска пракса од кои правосудството може да извлече искуства. Но кривично гонење нема да се случи сè додека постои општствена толеранција кон нетолеранцијата и (говорот на) омразата.
(Говорот на) Омразата, превенцијата и сузбивањето, е нашиот цивилизациски вредносен предзвик, неопходниот предуслов за развој на дијалог, политички, социјален, граѓански… за функционална партиципативна демократија, за нормално општество!
***
Честит 8 април – Меѓународен ден на Ромите! Честит Велигден!