Во јануари оваа година, по победата на Сириза на изборите во Грција, го напишав коментарот „Грција кон радикални промени или ќе си легне на брашно?“. Тогаш ѝ посакав успех на новата грчка влада, поради релативно позитивниот став кон Македонија, но и поради тоа што успехот на СИРИЗА во економијата и посебно во демократизацијата и секуларизацијата може да создаде поповолен амбиент за грчко-македонските односи.
Развојот на настаните во Грција, непостигнувањето на договор со кредиторите, како и одлуката да се одржи референдум за понудениот пакет на мерки ме асоцира на „Иде Дунав, нема спас, ризик јак, мила душа….И да погинеш колку можеш ќе се спасиш“ – легендарната изјава по поплави во Куманово. Асоцијацијата е неизбежна. Грчката влада на надојдената должничка криза, реагира повеќе инстинктивно, преземајќи огромен ризик со навлегувањето во непознати подрачја, со надеж дека ќе преживее.
Пред луѓето во Грција, на 5 јули, се поставува тешко прашање. Толку тешко прашање што ги подели и нобеловците Џозеф Стиглиц и Кристофер Писаридес, кои претходно имаа заедничка изјава за олеснување на грчкиот долг, а сега зазедоа спротивни страни. Кристофер Писаридес директно го поддржа изјаснувањето со „да“ како начин на продолжување на дијалогот со кредиторската „тројка“. Стиглиц, од друга страна имплицитно се определи за „не“. Стиглиц смета дека и двата избори се тешки и со големи ризици. Изборот на „да“, според него, би значела депресија без крај, уништена земја со распродадени богатства, со емигрирани млади луѓе, која можеби откако ќе стане средно развиена по една или две децении би добила поддршка од Светската банка. Изборот на „не“ може да значи преземање на судбината во свои раце, можност за обликување на иднината, која не била толку просперитетна како минатото, но би била многу понадежна од неподносливата тортура на сегашноста.
И додека нобеловците се поделија, екстремната левица (Сириза) и неонацистите од Златна Зора се обединија во поддршка на „не“, наспроти мејнстрим-партиите кои поддржуваат „да“ за пакетот на мерки на кредиторската „тројка“.
Грција не може до крај да ги користи искуствата на Аргентина и Исланд, кои поминаа низ банкрот и девалвација, бидејќи за разлика од нив нема сопствена валута, туку е членка на еврозоната. Годините на просперитет за Грција се годините на членство во ЕУ и еврозоната, така што ризикот од напуштање на еврозоната е клучно психолошко прашање, кое веројатно значително ќе влијае на исходот на референдумот. Затоа и ЕУ се заканува со бркање од еврозоната, а владата на Сириза ги убедува Грците дека ќе го брани останувањето во еврозоната. Не е јасно колку е јака поддршката за драхма-сценарио, и колку изјавите на Ципрас за останување во еврозоната се (не)искрени, односно наменето само за зголемување на поддршката на гласањето со „не“.
Всушност, отсуството на показатели кои се вистинските намери на Ципрас и Сириза, ги држи отворени сите опции и сценарија – од употребата на референдумот за зацврстување на преговарачките позиции до цврста намера за грегзит (grexit) – воведување на драхмата и девалвација. Некои коментатори во меѓународниот печат сметаат дека всушност станува збор за дилетантизам на Ципрас и на Сириза. Колку и да изгледаат симпатични твитовите како тој на Варуфакис, грчкиот министер за финансии, со кој ѝ се извинува на ММФ за доцнењето во плаќањето на долгот, бидејќи не можел да најде отворена банка, на Грција ѝ се потребни повеќе од лидери во бели кошули со јака харизма. На Грција и се потребни компетентни лидери, кои знаат што прават. А знаци за загриженост има и доволно. Со месеци грчката влада не продуцира план вклучувајќи и за мерки што имаат поддршка од сите како борбата со корупцијата, или, пак, контролата на повлекувањето на капиталот од банките е релативно хаотичен. И Кипар вовел контрола на повлекувањето на капиталот, но многу понавремено и со обезбедување на исклучоци како лекување и образование во странство.
На ЕУ-страната, повеќето финансиски експерти се сложуваат дека грегзит на кратки патеки нема да предизвика проблеми во еврозоната. Грчкиот долг од банкарски во најголем дел е трансформиран во институциски, така што европските банки би требало да бидат безбедни. Европската централна банка ќе обезбеди ликвидност да ги стабилизира пазарите, а Грција учествува само 2 отсто во БДП на ЕУ, така што грегзит би предизвикал минимална штета на порастот. Но постојат несогласувања дали на долги патеки грегзит ќе охрабри други (периферни) земји да излезат од еврозоната или дали ќе се поттикне понатамошната политичка унија неопходна за долгорочната одржливост на еврото.
Грегзит нема само финансиски последици, туку може да има и геостратегиски и безбедносни последици. Грција е на браникот на европските граници кон разбрануваниот Блиски исток. Сега низ Грција поминуваат двапати повеќе бегалци, а колку би поминувале кога грчката гранична полиција ќе прима девалвирана плата или ќе престане да прима плата? Иако Ципрас внимателно ги одбива руските пари (и влијание), дали банкротот нема да го премисли?
Посебно кога станува сè појасно дека и доколку Грција има иднина во ЕУ, тоа тешко може да се каже за Ципрас и Сириза. Ароганцијата во односите со ММФ и европските лидери, најверојатно ги оштетија односите до таа мерка, да не можат да се поправат. Однесување на челниците на Сириза ѝ оставаат на Меркел малку простор за маневар. Меркел изјави „Без евро, нема ЕУ“, што укажува на одреден степен на спремност за попуштање, но на 70 годишнината на ЦДУ изјави дека „Европа се развива на способноста за наоѓање компромиси“. А Ципрас и Сириза досега не покажа таква способност.
Им посакувам на Грција и грчкиот народ, да успеат да се вратат на патот на просперитетот. Грција ѝ е важен сосед и економски партнер на Македонија. Економска и политичка дестабилизација на Грција неминовно ќе има негативни последици по Македонија. Тоа е причина уште повеќе ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да постигнат договор за излез од политичката криза што поскоро. Грчката криза нема да го намали меѓународниот интерес за Македонија туку, напротив, ќе го зголеми поради интересот за стабилизација на грчкото соседство. Сега е моментот за решение. Да ја парафразирам Меркел, просперитетот на Македонија зависи од способноста за наоѓање на компромиси и соработка меѓу заедниците и главните политички партии.