Слободни партии за слободно општество (2)

Во претходниот коментар, ја коментирав употребата на меѓуетничките односи и заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар, како еден од клучните проблеми во државата. Длабочината на проблемот е и поради тоа што ваквата состојба ја употребуваат сите партии од „големата четворка“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Повеќе се фокусирав на заробувањето на политичките партии и политичкиот натпревар, што се одвива во три фази: елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители, елиминација на конкуренти надвор од големата четворка и на крај заробување на сопствените партии. И на крај, сите три фази на заробување на политичкиот натпревар, се цементира со „американизација“ на изборните кампањи во Македонија, односно со доминација на телевизискиот политичкиот маркетинг, како најскап можен маркетинг за кој се потребни големи кампањски буџети.

Прочистување на избирачки список е важна мерка, но повеќе во односите на големата четворка, во стилот на приказната за Мурто и Курто. За ослободување на партиите, не се доволни ниту 6 или 12 или 18 месеци, потребни се структурни реформи на средни и долги патеки. Тие треба да одговараат на анализа на проблемите.

Потребен е развој на непартиски политички ангажман, развој на граѓанското општество, развој на партиципативна демократија, развој на директната демократија (граѓански иницијативи, референдуми)… Движењето против полициска бруталност, но и еколошките иницијативи, дури и иницијативата „На точак“, го воспоставија основите на еден автохтон, вкоренет, граѓански непартиски политички ангажман. Овие иницијативи неформални во својот карактер делумно и како протест кон организираното граѓанско општество, го имаат пред себе предизвикот на одржливоста (институционализацијата).

Вториот аспект е намалување на прагот на влез во Собранието. Македонија има повеќе од 30-тина политички партии, но во основа функционираат коалициите на партиите на големата четворка. Изборниот модел е воспоставен на идејата дека на Македонија не и одговара фрагментација на партискиот простор, со повеќе партии во Собранието и коалициски влади со многу партнери, што евентуално би водело во нестабилни влади. Но од друга страна резултатите на овој модел се охрабрување на бипартизам, секако поделен дополнително по етничка припадност. Можеби е време за јавна расправа дали е потребен изборен модел, кој ќе ја фрагментира политичката сцена и ќе ги присилува партиите на дијалог.

Секако главна точка е подобрување на политичките партии како централен дел на политичкиот натпревар. Прв чекор мора да биде поблизок однос со граѓаните и повеќе идеологија. Доколку одредена партија претендира да биде десна партија, таа мора да биде економски либерална. Доколку друга партија претендира да биде лева партија таа мора да се отвори за работниците, за малцинствата, вклучувајќи и ЛБГТ. Вториот чекор мора да биде нивно зајакнување, бидејќи политиките партии надвор од државата се сведени на привезоци. Сите политички партии заедно имаат дваесетина вработени, и буџет многу поскромен од тој на синдикатите на пример. Трет чекор мора да биде нивна демократизација, односно враќање на моќта на нивното членство. Со статутите мора да бидат воспоставени минимум стандарди за внатрешна демократија. Од избор на раководство со гласање на сите членови, преку децентрализација на изборот на општински раководство до главната промена – отворени листи. Со сегашниот модел на затворени листи се раскинува врската меѓу пратеникот и граѓанинот. Од партијата и лидерот зависи кој ќе биде на „добитно“ место на листата. Со отворените листи се враќа моќта граѓанинот на одлучи кој кандидат, без разлика каде е на листата ќе стане пратеник. Така пратениците нема да го црпат својот легитимитет од партиите и лидерите, туку од граѓаните.

На врв на претходните активности мора да го решаваме проблемот на нетранспарентното финансирање на политичките партии. Советот на Европа бара партиите да бидат финансирани од граѓаните. Во нормална земја тоа така треба да биде. Но во земја како Македонија со третина невработени и луѓе под линијата на сиромаштијата, финансирањето од граѓани се сведува на „десеток“ – секој партиски вработен да издвојува дел од платата за потребите на политичката партија. За неопходната финансиска стабилност, и одбегнување на корпоративно финансирање, на средни патеки потребно е значајно државно финансирање на партиите. Со тоа тие би ја добиле неопходната финансиска стабилност, а би се одбегнале нетранспарентните финансирања.

На крај, сето претходно мора да биде засновано на одреден вредносен систем и човечки капитал. Во менаџментот се вели за одредени процедури, алатки и слично „garbage in, garbage out“ или ѓубре на влез, ѓубре на излез. Ние можеме да се истоштуваме во креирање на перфектни системи, механизми. Но доколку тие не се потпираат на соодветни вредности и луѓе, тогаш нема да ги дадат очекуваните резултати.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.