Кога минатата недела го пишував коментарот #ThisIsACoup за договорот од Брисел (за грчкиот долг), ја начнав темата за зазорот кон Германија. Но немав претстава дека ќе се развие во толку силна анти-германска реакција ширум Европа. Но за тоа повеќе во некоја друга летна жешка седмица. Сега од трите важни договори од минатата седмица, се враќам на нашиот политички договор.
Договорот постигнат меѓу партиите на „големата четворка“ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, на 2 јуни и дополнет со протоколот од 15 јули, во јавноста е рефериран како политички договор или договорот постигнат во Пржино (ете и Пржино ќе стане историско место!). Некои политичари велат дека договорот е рамка, која треба да се надградува во понатамошните преговори.
Јас на договорот реферирам како на Пржинскиот рамковен договор, со јасна алузија на Охридскиот рамковен договор. Охридскиот рамковен договор е договор за споделување на моќта, кој има елементи како заштита на малцински права (по нашки права на заедниците), децентрализација и одлучување со двојно мнозинство. Голема коалиција (меѓу партии за кои гласаат етнички Македонци и етнички Албанци) не е дел од Охридскиот рамковен договор, но е непишано правило уште од првата влада на независна Македонија. Охридскиот рамковен договор е резултат на тоа што во етнички и верски поделена Македонија, одредени заедници не гледаа начин да излезат од спиралата на маргинализација од мнозинството, освен на добијат трајни механизми кои ги заштитуваат нивните права. Охридскиот рамковен договор е резултат на нашата тогашна неспособност низ политички дијалог да најдеме решенија за предизвиците. Тука не би навлегувал во расправа дека конфликтот во 2001 година всушност го прекина политичкиот дијалог меѓу тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДПА што водеше кон решенија на одредени прашања на етничките Албанци.
Алузијата на Охридскиот рамковен договор не е поради тоа што Пржинскиот рамковен договор се регулираат права на етнички заедници. Иако Мендух Тачи, лидерот на ДПА, тврди дека со Пржинскиот рамковен договор се решаваат етнички прашања, тој договор, освен вообичаената фраза за целосно исполнување на Охридскиот рамковен договор, нема спомнување на етнички права. Алузијата на Охридскиот рамковен договор е бидејќи Пржинскиот рамковен договор е резултат на неспособноста на мнозинството (власта) и малцинството (опозицијата) за соочување со предизвиците низ политички дијалог. Овој договор покрај елементите за справување со прислушувањето, со механизми како специјална анкетна комисија, засилена работа на парламентарната комисија за надзор врз државната безбедност и специјалниот јавен обвинител, содржи елементи на споделување на моќта – како опозицијата да обезбеди трајни механизми за нејзина заштита, посебно во процесот на парламентарни избори. Договорот има елементи на споделување на моќта, како на пример воспоставување на преодна влада 100 дена пред парламентарните избори, кое е форма на голема коалиција. Понатаму измените во Државната изборна комисија (ДИК), Македонската радиотелевизија, Агенцијата за медиуми, Антикорупциската комисија и други институции ќе треба да обезбедат трајни механизми за гаранции на местото на опозицијата во хиерархијата на моќта во македонската држава.
Охридскиот рамковен договор претходно, и сега Пржинскиот рамковен договор се резултат на културата на „јас победник – ти губитник“ или „победникот добива сè“. Секако дека традиционалниот парламентарен систем значи дека има власт и опозиција, но тоа не значи дека моќта е само за и исклучиво за партиите во власта. И не станува збор за поделба на законодавната, извршната и судската власт, која е најосновен минимум, туку за грижа и за интересите на опозицијата (или малцинството).
Една илустрација од Велика Британија. Таму постои „Најлојалната опозиција на Нејзиното Височество“ (Her Majesty Most Loyal Opposition) што се употребува за втората најголема партија или најголемата партија во опозицијата. Иако опозицијата формално не може да влијае на дневниот ред на Парламентот, најмалку 20 дена на работа на парламентот во една сесија се резервирани за прашања на опозицијата. Дополнително лидерот на опозицијата има плата и привилегии на министер, гарантирани со закон. Најважната парламентарна функција на лидерот на опозицијата прашања до премиерот е, 30 – минутна сесија, секоја среда, во која лидерот на опозицијата има право да му постави шест прашања на премиерот.
Пржинскиот рамковен договор ќе треба да мине низ фаза на додефинирање на содржината на рамката пред да стигнеме до предизвикот на „целосно спроведување“ на Пржинскиот рамковен договор. За новите предизвици во седмиците и месеците кои претстојат.
Тука би посочил на еден клучен предизвик. Охридскиот рамковен договор е политички договор кој е преточен во уставот и во законите на Македонија. Сега тоа ќе се претстои за Пржинскиот рамковен договор. Наспроти големиот фокус на закони, системи, процедури, кои секако се потребни малку внимание се посветува на духот на договорот или на политичка култура на која се заснова договорот. Во договорот се зборува за „добра волја“, „ договор преку консултации и координации со најголемите партии во земјата“, „интересите на сите граѓани“, „на прво место да се ставаат интересите на државата“. Без такав политичка култура, донесувањето на нови закони за новата рамка ќе се сведе на „garbage in – garbage out“ – ќе имаме уште подобри закони, системи на проверки и баланси, но без очекуваните резултати.