Пред неколку дена новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), ми постави прашања за моите очекувања од продолжението на разговорите за спроведување на пржинскиот рамковен договор. Морам да кажам дека се замислив бидејќи бев затечен дека всушност немам очекувања. Откако се објави написот, го прочитав и најдов потврда на ставот дека врз сите вклучени страни (партии) постои силен и внатрешен и надворешен притисок да постигнат согласност. Тоа го видов во исклучиво позитивните изјави од сите страни.
Досегашните најави се дека се разговара за изборите, специјалниот јавен обвинител и слободата на медиумите. Но како што пишував минатата седмица, од кругови блиски на работните групи се најавува дека четврта тема ќе бидат меѓуетничките односи, нешто што барем во медиумите на македонски јазик воопшто не се спомнува.
Во изјавата за РСЕ реков дека изборот на специјалниот јавен обвинител, кој треба да се случи веќе на 15 септември, е од клучно значење. Прво затоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и ДУИ и ДПА ќе мора да се договорат за неколку седмици и декларативната конструктивност ќе треба да се демонстрира во практика. Доколку се договорат, тоа ќе му даде поттик на натамошниот политички дијалог, во спротивно, пржинскиот рамковен договор ќе се распадне. Од друга страна, квалитетот на законското решение, како и на личноста што ќе се избере за специјален јавен обвинител, ќе биде ран знак дали македонските политички елити се спремни на разбистрување. Како што пишував во „Документи, снимки… за не дај боже“, македонската политика мора да се ослободи од заложништвото на неказнивоста. Без правна разврска, брз разлика дали ќе заврши без или со обвинение, ќе расте поларизацијата во општеството, која неминовно ќе ја подрива довербата во институциите, во политичките партии, во медиумите… А без доверба во институциите, нема функционална држава. Затоа ни треба специјален јавен обвинител компетентен и независен. Има такви во Македонија. За жал, според многумина, најдобрите кандидати, најверојатно нема да бидат прифатливи ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ, бидејќи и двете партии суштински се плашат од независен специјален јавен обвинител. Можеби ќе биде добро, замајќи во предвид осетливоста на оваа прашање, да се разгледа опцијата за избор на странец за специјален јавен обвинител.
