Ќе го биде ли договорот?

Пред неколку дена новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), ми постави прашања за моите очекувања од продолжението на разговорите за спроведување на пржинскиот рамковен договор. Морам да кажам дека се замислив бидејќи бев затечен дека всушност немам очекувања. Откако се објави написот, го прочитав и најдов потврда на ставот дека врз сите вклучени страни (партии) постои силен и внатрешен и надворешен притисок да постигнат согласност. Тоа го видов во исклучиво позитивните изјави од сите страни.

ke-go-bide-li-dogovorotДосегашните најави се дека се разговара за изборите, специјалниот јавен обвинител и слободата на медиумите. Но како што пишував минатата седмица, од кругови блиски на работните групи се најавува дека четврта тема ќе бидат меѓуетничките односи, нешто што барем во медиумите на македонски јазик воопшто не се спомнува.

Во изјавата за РСЕ реков дека изборот на специјалниот јавен обвинител,  кој треба да се случи веќе на 15 септември, е од клучно значење. Прво затоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и ДУИ и ДПА ќе мора да се договорат за неколку седмици и декларативната конструктивност ќе треба да се демонстрира во практика. Доколку се договорат, тоа ќе му даде поттик на натамошниот политички дијалог, во спротивно, пржинскиот рамковен договор ќе се распадне. Од друга страна, квалитетот на законското решение, како и на личноста што ќе се избере за специјален јавен обвинител, ќе биде ран знак дали македонските политички елити се спремни на разбистрување. Како што пишував во „Документи, снимки… за не дај боже“, македонската политика мора да се ослободи од заложништвото на неказнивоста. Без правна разврска, брз разлика дали ќе заврши без или со обвинение, ќе расте поларизацијата во општеството, која неминовно ќе ја подрива довербата во институциите, во политичките партии, во медиумите… А без доверба во институциите, нема функционална држава. Затоа ни треба специјален јавен обвинител компетентен и независен. Има такви во Македонија. За жал, според многумина, најдобрите кандидати, најверојатно нема да бидат прифатливи ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ, бидејќи и двете партии суштински се плашат од независен специјален јавен обвинител. Можеби ќе биде добро, замајќи во предвид осетливоста на оваа прашање, да се разгледа опцијата за избор на странец за специјален јавен обвинител.

Во подрачјето на изборите, покрај мислењата на големата четворка (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА) мора да се земат во предвид мислењата на другите политички партии и на граѓанското општество. Суштински измени како измена на број на изборни единици или, пак, отворени листи се битни за демократизација на политичкиот простор е се спротивни на интересите на лидерите на големата четворка. Предлогот, пак, на СДСМ за активни избирачки списоци, односно за самопријавување на граѓаните ќе води кон отуѓување на граѓаните од изборите. САД, земјата каде има активни избирачки списоци, е земја со едни од најниските стапки на одѕив на избори. Ќе се регистрираат најзаинтересираните, односно директно засегнати страни од власта како јавна администрација, што ќе го редуцира легитимитет на изборите. Патем не знам кој ги советува СДСМ, ама имам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде најизрадувана со активен избирачки спиоск – како партија со најдобра организираност  ќе поттикне повеќе свои членови и симпатизери да се регострираат.

Малку за слобода на медиумите. Ме фасцинира опседнатоста на СДСМ со јавниот сервис – МРТ. Дали МРТ има влијание што го потценувам или не го гледам, или пак СДСМ има грешен пристап останува за понатамошни анализи. Несреќната изјава за „контрола“ на Агенцијата на медиуми, звучи на „Мурто и Курто“ наративот. Зоран Трајчевски, директорот на агенцијата, и во анкета на Фокус беше еден од ретките сегашни функционери што доби доверб да биде во преодна влада. Доколку е квалитетен кадарот, зошто е потребна „контрола“? За да биде „наш човек“!?

Како што пишував во „Пржинскиот рамковен договор“ наспроти големиот фокус на закони, системи, процедури, кои секако се потребни, малку внимание се посветува на духот на договорот или на политичка култура на која се заснова договорот. ВМРО-ДПМНЕ, но и СДСМ, ДУИ и другите политички партии, како и сите ние граѓаните на Македонија, треба да си одговориме на прашања како има ли живот, надвор од власта; дали постојат други опции од победник-губитник однос; како се однесуваме кон послабите, кон малцинствата; дали ѝ е потребна на земјава опозиција; или, пак, дали да сакаш да победиш е доволно за победа. Ова последното посебно се однесува на опозицијата која летниов период е како заспана убавица која мисли дека сè ќе се сврти за нејзе најдобро со бакнежот со вистинската љубов од принцот од меѓународната заедница.

А, граѓаните, имаат јасни очекувања, овој договор да се спроведе. Мора да се запре поларизацијата, енергијата која ја трошиме на спорења и караници мора да се насочи кон развој.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.