Кога пишувате за изданието што ќе излезе на 13 август, некако неминовно е да се осврнете на Охридскиот рамковен договор. Но кога повеќе години пишувате за тоа, постои ризик за повторување. Во мојот минатогодишен коментар „Духот на рамковниот договор“ ги синтетизирав моите клучни мислења за Охридскиот рамковен договор. На крајот на минатиот месец пишував и за „пржинскиот рамковен договор“. Гледајќи на двата договори, читајќи други анализи, коментари се добива впечаток на страв од договори.
Стравот од договори се согледува во критиката на две подрачја: дека со политичките договори се дерогираат Уставот и законите и дека со политичкиот дијалог во Клубот на пратеници се дерогира Собранието.
Дали со политичките договори се дерогира Уставот и законите? Одговорот е краток, не! Уставот и законите, како и институциите за нивна примена, се резултат на политички договор. Уставот е политички договор на граѓаните на Македонија, претставени од политичките партии, во каква држава сакаат да живеат и како ќе ја организираат државата да го постигнат тоа. И Уставот, и законите и институциите, се засноваат на согласноста на граѓаните, претставувани од политичките партии. Тоа што одреден политички договор ќе биде преточен во Уставот и законите, не значи дека не треба да се реферира на политичкиот договор, бидејќи договорот содржи визија, долгорочни цели. На пример повикувањето на Охридскиот рамковен договор, или на неговиот „дух“ е всушност предизвикот на постојаната потрага за баланс, за мирни и хармонични односи меѓу граѓанското општество и мултикултурното општество.
Следниот аргумент против политичките договори е дека дијалогот за нив не треба да се води во Клубот на пратеници, туку во Собранието. Да, за Уставот на независна Македонија, расправата се водеше во Уставната комисија, но сигурно далеку од очите имаше дијалог на лидерите на политичките партии. И оваа дилема за местото и улогата на Собранието или Парламентот, не е само отсега и не е само наша. На пример, во Холандија се практикуваат детални предизборни коалициски договори. Пред неколку години еден таков предизборен коалициски договор (програма) беше на повеќе од 600 страници. Дебатата беше која е улогата на холандскиот парламент, ако политичките лидери склучиле толку детален предизборен договор што ја одредиле агендата на Парламентот за следните четири години. Да не говорам за Европската Унија каде е клучен договорот на политиките лидери. Ете, толку многу се напиша за случајот на Грција, каде премиерот се нафати да спроведува договор во кој не верува и кој граѓаните на Грција го отфрлија на референдум.
Дали е тоа суспензија на демократијата или, пак, е преземање на лидерство, на носење на тешки одлуки, што не се прифатливи за јавноста, за граѓаните, а мораат да се направат. Стравот од договори не и ниту поради дерогирање на Уставот и законите, ниту дерогирање на Собранието, туку е страв од промени, од новото, од неизвесното. На пример се сеќавам на многу изјави од експертската јавност дека Македонија ќе пропадне поради двојното или Бадинтеровото мнозинство. Се сеќава некој на тоа? Го спомнал некој двојното мнозинство последниве години?
Политичките договори се непопуларни поради тоа што се од една страна промена, ќе го нарушат статус квото, ќе нè извадат од комфор-зоната, а од друга страна се компромис и не ги исполнуваат максималните очекувања на страните. Поради тоа стануваат неминовни уште два елементи на политичките договори: вклученоста на трета страна и тајноста.
Во повеќе случаи, поради динамиката на конфликтот, потребно е вклучување на трета страна, за постигнување на политички договор. И тоа не само во „балканските“ ситуации. И во Велик петок договорот за Северна Ирска, меѓу Ирска и Велика Британија, беа вклучени странци. Тоа во повеќето случаи служи за градење на доверба. Но кај нас третата страна или „странците“ се употребуваат од нашите политички лидери за префрлање на одговорноста за постигнатиот компромис. Едноставно политичарите се кријат зад странците. Во една мачо политичка култура, култура на непопустливост, постигнувањето компромис е непопуларно пред сопствените поддржувачи. За да се зачува аеролот на мачо политичари кои се непопустливи, „вината“ за договорот се префрла на притисокот на „странците“.
Тајноста на политичкиот дијалог е една од карактеристиките, која се чини неизбежна. Водењето на политички дијалог што ќе резултира со договор тешко прифатлив од сопствените поддржувачи наметнува потреба да се спречи ширење на информации поврзани со содржината, сè до постигнување на договор, за да се спречи откажување на страните. Секако конспиративноста на политичкиот дијалог ги прави политичките договори уште потешко прифатливи.
И на крајот да се вратам на Охридскиот рамковен договор. Во пржинскиот рамковен договор, спомнато е спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Тогаш коментирав дека во сегашниот договор нема елементи кои укажуваат дека ќе се разговара и за Охридскиот рамковен договор. Сега од кругови на работните групи кои водат дијалог за спроведување на пржинскиот рамковен договор, се говори за три теми на разговорите: изборно законодавство, јавен обвинител и меѓуетничките односи. Досега во јавноста, барем кај етничките Македонци, нема индикации дека воопшто ќе се разговара за меѓуетничките односи, а да не збориме за тајноста на можната содржина на таквите разговори. Доколку е точно дека предмет на разговор ќе бидат и меѓуетничките односи, целосната конспиративност нема да биде штетна само за меѓуетничките односи, туку и за Охридскиот рамковен договор и за пржинскиот рамковен договор.