Меркел мачител, Меркел спасител

Европската Унија само што помина низ врвот на „должничката криза“ во Грција, се соочи со нова криза овој пат „мигрантската криза“. Европа стана свесна за кризата гледајќи ги неверојатните слики од железничката станица Келети во Будимпешта, мртвото тело на детенцето Ајлан Курди исфрлено на турските плажи, очајни сиријски семејства кои ги ризикуваат своите животи во ноќните патувања за грчките острови.

Но многумина оспоруваат дека станува збор за „мигрантска криза“. Први спорат дека станува за бегалци од со војна уништени земји, а не за мигранти. Втори спорат дека станува збор за криза. Се сложувам со овие спорења, но поради поедноставување ќе го користам терминот мигрантска криза.

Бегалци од војни и конфликти отсекогаш постоеле, но Европа за првпат по војните во поранешна Југославија, е соочена со бегалски кризи со размери на хуманитарна катастрофа. Бегалците најчесто потекнуваат од „пропаднати земји“ разорени од (граѓански) војни, во кои своја улога има и западниот воен интервенционизам. Над половина (53 отсто) од бегалците на глобално ниво потекнуваат од три земји: Сирија, Авганистан и Сомалија, а ако се вклучат бегалците од Судан и Јужен Судан, Конго, Мијанмар (Бурма), ЦАР, Ирак и Еритреа, овие десет земји вкупно сочинуваат 77 отсто од бегалците. Распадот на Либија пак за шверцерите на луѓе ја отвори средномедитеранската маршрута од Либија кон Италија преку која во 2014 година се прошверцувани над 200.000 луѓе, а трагично се загинати околу 3.400 луѓе. Сега бегалската река е насочена во источномедитеранската маршрута која понатаму минува низа Македонија и Балканот.

Тоа што уште минатата година го привлече вниманието не е само бројот на бегалците, туку и отсуството на солидарност, како и нечовечкиот третман посебно од страна на шверцерите со луѓе. Уште минатата година беше шокантно отсуството на солидарност (со Италија) поради кратење на програмите за бегалците. И тоа не тренд само во ЕУ. И далечната Австралија одби да ги прифати бродовите со бегалци кои половеа кон нив. Или, пак, богатите земји од Персискиот залив кои се длабоко вмешани во сиријската војна, немаат прифатено сиријски бегалци. Шокантните загинувања на десетици бегалци во Македонија и на илјадници во Медитеранот неминовно го свртеа фокусот на јавноста кон третманот од изнудувања, кражби и киднапирања на бегалци до масовни гробници во Тајланд на бегалци убиени само зошто немале повеќе пари да платат на шверцерите на луѓе.

merkel-machitel-merkel-spasitelНо дали може да збориме за мигрантска криза во Европа? Ако се погледне светската мапа на бегалци, минатата година најмногу бегалци прифатил Пакистан (од Авганистан) околу 2 милиони, а оваа година се тоа Турција, Либан и Јордан кои даваат прибежиште на околу 4 милиони Сиријци. Најмногу бегалци по глава на жител има Либан, кој на 1000 жители има околу 250 бегалци. Во првите десет земји кои најмногу прифатиле бегалци има само две од ЕУ: Шведска и Малта на 9-то и 10-то место. ЕУ има околу 500 милиони жители и во екстремен случај сите 4 милиони сиријски бегалци и 2.5 милиони авганистански бегалци да дојдат во ЕУ тоа би било 13 бегалци на 1000 жители. Толку сега има во Малта или Шведска и нема толкава драма.

Чуму тогаш толку вознемиреност во ЕУ? Должничката криза во Грција е во земја која чини само 2 отсто од БДП на ЕУ. Сегашниот број на бегалци во ЕУ не ниту 0.1 отсто од популацијата на ЕУ. Дали станува збор за должничка и мигрантска криза или криза во солидарноста во ЕУ? Таа дилема беше силно нагласена во должничката криза во Грција, чие решение, како што пишував во #ThisIsACoup предизвика голем зазор кон Германија. Најчестата слика за илустрација беа Меркел и Шојбле, министерот за финансии, во нацистички униформи. Или уште подлабоко, дали мигрантската криза е криза на либералната демократија? Тоа прашање се поставува во врска со однесувањето на земјите од Источна Европа, посебно на Унгарија, Чешка, Словачка и Полска. Но секако е полесно да стигматизираш цели земји и нивните либерални елити, кога се тоа помалку моќни земји од истокот. Многу потешко е тоа да се каже за Велика Британија која што исто толку се противи на бегалците колку и некои од источно европските земји.

И сега драматичен пресврт. Од Меркел мачител во должничката криза до Меркел спасител во мигранстската криза. Ангела Меркел ги отвори вратите на Германија за бегалците, ја покажа својата солидарност. Секако се најдоа некои да ги оспорат мотивите на Ангела Меркел, од дека тоа е наменето за подобрување на германскиот имиџ по катастрофата со должничката криза, до Лепеновите обвинувања дека Германија го пополнува својот намален прираст на население.

Но, колку и да се оспорува, Ангела Меркел покажа вистинско лидерство. Му се спротистави на растечкиот десен екстремизам во Германија – само во оваа година во Германија има над 200 напади над бегалци и нивни прифатилишта. Дури ги вознемири ЦСУ, своите баварски коалициски партнери. Додека политичарите од Словачка до Британија, со едно око на рејтинзите, кокетираат со десниот популизам и екстремизам, Ангела Меркел се спротивстави. Тоа e восхитувачки, тоа е за почит.

Македонија може да научи повеќе од љубезноста на германската полиција. Да ние сме сиромашни, но имаме дополнителна морална обврска – во војните во минатиот век многу бегалци од Македонија беа прифатени во други земји. Доаѓа зима, Македонија мора да направи сè да обезбеди достоинствено прифаќање на бегалците.

На крај, мерките на кризен менаџмент може да дадат резултати само ако се решаваат причините на мигрантската криза – војните во Сирија, Авганистан, Сомалија… Потребен е мир, потребни се мерки за развој и просперитет во земјите од кои доаѓаат бегалците.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.