Предизборново формирање на нови политички партии и граѓански движења со желба да прераснат во политички партии за час потсетува на македонското политичко минато обележано со голем број на политички партии. По ослободувањето од пресијата на комунистичкиот еднопартиски систем, се формираа повеќе партии како Лигата за демократија, Сојузот за реформски сили, сега Либерална партија која го слави 25-годишниот јубилеј, МААК, ПДП итн. Но понатаму, делумно формирани од големите лидерски суети, делумно од тајната полиција достигнавме до над 150 партии. Тоа се големи партиски амбиции за малобројна земја како Македонија. По врвот од 2009 година бројот на партии опаѓа и денес изнесува околу 35 партии.
Во Македонија постепено се етаблира двоен бипартизам, на една страна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а на друга ДУИ и ДПА. Тие четири партии сега ја формираат „големата четворка“. Тоа е делумно поради демографијата на земјава и ограниченоста на ресурсите, делумно поради изборниот модел. Многуте обиди и по првичниот успех, како на пример на ДА и НСДП или на ВМРО-НП, постепено се претопувале во бипартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и на ДУИ и ДПА (претходно ПДП). Почетен успех имале и партиите кои се основале со отцепување на фракција (НСДП, ВМРО-НП), поретко сосема новите (ДА). ЛДП која беше трета партија и во еден момент имаше околу 100.000 гласачи, помина низ фрагментација со заминувањето на Стојан Андов (Либералната партија), Лилјана Поповска (ДОМ) и Стевче Јакимовски, Аце Коцевски и Владо Поповски.
Новиот бран на политики партии се поттикнати од значајниот број на неопределени граѓани. Кај политичките партии кои се надеваат на гласовите на граѓаните етнички Албанци се формира Движењето за реформи на ДПА или во жаргон ДПА-Села, која се формира со отцепување на Зијадин Села од ДПА. Тоа не е првпат да се случува во историјата на ДПА, каде што незадоволните се одалечувале, на пример Замир Дика, Руфи Османи, Имер Селмани и други, а некои и формирале нови партии како Нова Демократија (Имер Селмани) или НДП (Руфи Османи), кои често целеле на гласачкото тело на ДПА во нивниот регион. Овие партии постигнале почетен успех, обично локално или регионално, таму откаде потекнува лидерот, Скопје, Гостивар, со привлекување најчесто на гласачкото тело што го имала ДПА, но не успеале да стекнат поддршка на национално ниво, по што се губеле од политиката. Голема е веројатноста тоа да се случи со ДПА- Села: да постигне успех во Струга, со постоечкото гласачко тело на ДПА, но са мали шанси да се одржи на подолги патеки. Освен ако со значајноста на својот успех не поттикне како што нејзиното име говори – реформа во ДПА.
Партиите кои ги формирале политичари отцепени од ДУИ, досега не успеале да постигнат забележлив успех, пред се поради моќта на ДУИ. Унитети, партијата во најава, е непознаница сè додека не се објави лидерството и програмата. Партијата ја основа пензионираниот Гзим Острени од Дебар, кој колку и а да е славен, подолг период не е политички активен, и нема големо влијание во Тетово и Скопје. Почетните најави беа дека Унитети ќе ја има за агенда федерализацијата на Македонија. Со досега познатите членови и со агенда за федерализација таа партија ќе помине како тие што прогласуваа Илирида – многу (медиумска) драма, мал (изборен) ефект. Со најавите деновиве се тврди дека Унитети ќе има граѓански концепт. Тоа е голем лупинг од најава на агенда за федерализација до граѓански концепт. Беше најавувано дека на партијата ќе се приклучат Хазби Лика и Рафиз Алити, односно военото или командантското крило, што звучи многу неверојатно. Многу поверојатно звучеше партија на военото крило на ДУИ со федералистичка агенда отколку со најавениот граѓански концепт. Командантска партија со федералистичка агенда, ќе ги наметнеше меѓуетничките односи, како важна тема на следните избори, дури дотаму да ги засени темите што сега се актуелни. За заклучок, со досега објавеното Унитети не остава јак впечаток.
За разлика од првите два случаи, БЕСА, потекнува од незадоволството и од ДУИ и од ДПА. За потсетување на гласовите на етничките Албанци незадоволни од ДУИ и ДПА се надева и СДСМ. Зоран Заев, претседателот на СДСМ, прави обиди да ја отвори партијата за етнички Албанци. А и ВМРО-ДПМНЕ, посебно со брзината на реакцијата и ангажманот на поплавите во тетовско, покажа дека сако да ги подобри односите со тоа избирачко тело.
Ситуацијата на незадоволството кај граѓаните етнички Албанци го поттикнува создавањето на нови партии, но големата фрагментација на релативно и така мало гласачко тело, цела Македонија е мало гласачко тело, ја сече гранката на која сакаат да седат новоформираните партии. Колку повеќе партии, колку поголема фрагментација на незадоволните од ДУИ и ДПА, толку е подобро за ДУИ и ДПА.
Успехот на новите партии, покрај лидерството, во многу зависи од политичкиот пристап и програма. Во минатото НД и Имер Селмани тргнаа со граѓанска опција, што беше релативно успешно, но веројатно под очекувањата на раководството, по што НД се сврти на албански национализам. Играњето на национализам, е едноставна и евтина алатка за мобилизација, по што посегнуваат политичари во далеку позрели демократии од Македонија. И за политичките партии е полесно да бараат повеќе употреба на албанскиот јазик, бидејќи тоа може да се оствари со законски измени. Економски раст и работни места не се остваруваат толку едноставно и толку бргу. Но вртењето на НД кон албански национализам беше големо политичко промашување тогаш, а ќе биде и сега. Сите партии кои се обидуваа да играат исклучиво на гол албански национализам, не постигнаа успех. Се чини дека кај етничките Албанци, како и кај етничките Македонци, доколку постои незадоволство, тоа е пред сè од социо-економската состојба – невработеноста и сиромаштијата.