СЈО – специјален или странски?

Во коментарот од минатата седмица „Специјални или нормални“, пишував за критиките на договорот од Пржино, како специјални решенија кои се исклучоци и не се вообичаени решенија за нормални држави. Аргументирав дека нема специјални или нормални решенија, туку решенија што решаваат проблеми, но тоа исто така не мора да значи дека сите решенија од Пржинскиот или Охридскиот рамковен договор се добри.

Пред да продолжам понатаму да се извинам за моето спомнување на почитуваната Ванковска, во минатиот коментар. Прво, многу ја почитувам Билјана Ванковска. Второ, бидејќи многу ја почитувам сакав да дебатирам, не да водам полемика, бидејќи дебатата има за цел разбирање, а полемиката наметнување на сопствениот став. За жал јас пишувам политички коментари во Нова Македонија, мојот блог и на твитер, а Фејсбук, каде Ванковска е активна го употребувам само за лични цели, а не за политички дебати.

Во критиките на Ванковска во „Игорче и Кејти“, покрај одредени работи за кои не се согласувам, има работите за кои се согласувам. Не се согласувам дека Законот за специјален обвинител, не е вообичаен во нормални држави. Во САД е вообичаено именување на специјални обвинители за истраги на злоупотреби од власта, поаѓајќи од тоа дека Јавниот обвинител е дел од владата во поширока смисла. На пример последна расправа во САД за потребата од специјален обвинител е во врска со Хилари Клинтон и нејзината употреба на приватна електронска пошта за службени цели. За оцена на уставноста на законот, дали се коси со одредбата дека „Јавното обвинитеоство е единствен и самостоен државен орган“, останува да се изјасни Уставниот суд. Но фактот дека специјалниот јавен обвинител (СЈО), како и помошниците, е од редот на јавните обвинители и дека го избира советот на јавни обвинители, говори во прилог на запазување на интегритетот.

katica-janevaОд друга страна, се согласувам со критиката на изборот на Катица  Јанева, за специјален јавен обвинител. Не е во прашање само штуроста на нејзината биографија. Основно јавното обвинителство на Гевгелија, каде Катица Јанева е јавен обвинител, нема надлежности и искуство со организиран криминал и корупција. Соодветно со тоа Катица Јанева нема искуство и потврдени резултати во подрачјето на организиран криминал и корупција. И тука е всушност клучната разлика на формулацијата на критериумите за избор на јавниот обвинител и специјалниот јавен обвинител. И за едната и за другата функција може да се изберат правници со правосуден испит со осумгодишно работно искуство или професори на Правен факултет со десетгодишно работно искуство. Разликата во формулацијата е дека за избор на јавен обвинител се потребни „потврдени резултати“, а таквата формулација отсуствува во критериумите за избор на специјалниот јавен обвинител. Како пишувачот на законот, да ја испуштил ова формулација, бидејќи веќе имал во предвид правник без потврдени резултати.

И тука има прашење до меѓународната заедница, но пред сè за ЕУ. Во секој годишен извештај на Европската комисија се пишува против партиските вработувања во јавната администрација, се пишува за воспоставување на систем на вработување и напредување заснован на заслуги, а не на партиски избор. И имаме избор на Специјален јавен обвинител кој тешко дека има потврдени резултати и заслуги за избор. Или ЕУ се води според изреката „слушај ме што говорам, не ме гледај што правам“. Како поинаку да се објасни бранењето на систем на заслуги и изборот на специјален јавен обвинител без потврдени резултати. Да, треба да се даде шанса на Катица Јанева, но зошто истото да не важи за сите партиски вработени. Зар и тие не заслужуваат шанса да се докажат на своите работни места. Но тогаш зошто се критериуми за вработување или избор на функција?

Ваквиот избор на специјален јавен обвинител остава две сценарија како можност: сценарио на забошотување на прислушувањето и прокси-сценарио. Во првото сценарио, постои премолчен договор на големата четворка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, дека ќе продолжи неказнивоста на клучните фигури во македонската политика. Во ова второто сценарио, СЈО е прокси за некој друг, за странски фактор.

Ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не криеја дека законот, не е нивен предлог, туку е напишан од странци. Јас повеќе пати го имам брането вклучувањето на странско стручно мислење , иако во конкретниов случај, во законот не можев да воочам решенија до кои не би дошле македонски стручњаци. ВМРО-ДПМНЕ од време на време, погласно или потивко, тврди дека странци се замешани во скандалот со прислушување. Од таму наваму вклученоста на странците е транспарентна. Од медијацијата меѓу партиите, преку извештајот на Прибе, законот за СЈО, изборот на Катица Јанева. Не би ме чудело и следните чекори да се веќе подготвени.

Кога во март оваа година пишува за „Бомбите, пучот и меѓународната заедница“, ја нагласив нејасноста на мотивацијата на вклученоста на меѓународната заедница и издвоив две можни сценарија: остварување на специјален интерес (спорот за името) и борба против корупцијата и декриминализација, а двете и не се исклучуваат меѓусебно. Многу веројатно постигнувањата на специјалниот јавен обвинител ќе одговорат, кое сценарио се одвива.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.