Бомбите, пучот и меѓународната заедница 12.03.2015 Автор: Сашо Клековски, Нема коментари

Во актуелната политичка криза, и во наративот на ВМРО-ДПМНЕ за „Пуч“ и во наративот на СДСМ за „Бомбите“, како што пишував во „Промена на режим во три чекори“, има една точка во која ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ навидум се согласуваат: улогата на странски држави или меѓународната заедница. Исто така се чини и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ придаваат големо значење на улогата на странски држави и меѓународната заедница. Секако во едниот наратив во дестабилизација на земјава, а во вториот наратив за стабилизација.

Пред да продолжам, мал осврт за геостратегискиот контекст. Статус квото за блокадата на евроатлантските интеграции на Македонија, од страна на Грција, во релацијата Македонија, Грција и меѓународната заедница (читај Запад), се смени кај меѓународната заедница. Како што пишував во „Спасиба Путин“, односот на Русија во поранешните советски простори, но и глобално (Сирија) го врати интересот за евроатлантските интеграции на Балканот и на Македонија. За да не бидам разбран погрешно со претходното „Спасиба Путин“, имам пишувано за пет причини поради кои Македонија треба да ја поддржува Украина.

Не дека балканските земји имаат желба за вртење кон Москва, туку дел од нив се ранливи (политички, економски, енергетски) и подложни на дестабилизација. И не дека Москва сериозно смета на балканските земји, туку е одлична можност ривалството со НАТО да се држи што подалеку од Русија и поранешните советски простори. И тоа богами Москва со режимот на Милошевиќ го правеше успешно десетина години.

bombite-puchot-i-megunarodnata-zaednitsaИ Македонија се наоѓа не по свој желба и избор, кои се јасно евроатлантски, во простор на геостратегиски натпревар на Западот и Москва. На тоа нè потсети реакцијата од руското МНР за „пучот“, прво огласување на Москва за состојбите во Македонија по 2001 година. Или, пак, изјавата на американскиот секретар Кери за Македонија како земја на линијата на судир меѓу Запад и Русија, што беше ублажена последователно. Но и без таа изјава во САД и минатата година ја продолжија „вонредната состојба“ (National Emergency) за Западен Балкан. Тоа што САД сè уште го третираат така регионот мора постојано да нè потсетува на регионалната геостратегија. Инаку, тој акт на Вашингтон ја создава и правната основа за „црните листи“, во случајот на Македонија на тие што го подриваат Охридскиот рамковен договор и меѓуетничките односи. Германија со минатогодишната средба во Берлин, согледувајќи го геостратегискиот вакуум поради одолжените ЕУ-интеграции на Западен Балкан, го презеде водството во одржување на животот на ЕУ-агендата.

Во таков меѓународен контекст се случуваат и „бомбите“ и „Пучот“.

Во наративот на „пучот“ СДСМ и странска разузнавачка служба соработуваат во наводен заговор, чија цел е разнишување на институциите и слабеење на земјата. Овој наратив како што пишував  има слабост во отсуство на именување на странската земја, и преземање мерки во најблаг случај на врачување на нота. Провладините медиуми не именуваат, но прават алузии на Грција. Одредени провладини коментатори го обвинуват САД (Нуланд-приказната) или Западот генерално и одат чекори понатаму нудејќи „неутралност“ на Македонија. Ова е опасно и од внатрешни и од надворешни причини. Во Македонија веќе егзистира митот на меѓународен заговор за конфликтот од 2001 година. Поттикнување на непријателство кон тоа што е наша стратегиска цел, ЕУ и НАТО, може да отвори длабоки внатрешни поделби. ЕУ и НАТО, Германија и САД, какви, такви, ни се клучни пријатели. Македонија никогаш не видела добро од Москва. Дополнително за сите неупатени нека ја погледнат Украина за да видат што е цената за промена на геостратегиската ориентација. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нека ја именува странската земја која не и сака добро на Македонија, или да престане да ја спомнува.

Во наративот на „бомбите“, вмешаноста на Западот е посакувана состојба. СДСМ очекува да на крај дојде анегдотскиот „шумар“ и да ја искара и да ја повлече власта за ушите. За некои работи ни треба шумарот, но во овој случај барањето за вклучување на меѓународната заедница е само знак на немоќта на СДСМ. А дополнителен знак на немоќ е кога проопозициски коментатор фрла дрвја и камења по западните амбасадори (Пол Волерс, Мариет Шурман поранешната амбасадорка на Холандија), им порачуваат да си го земат ајварот дома, поради нивното незафаќање страна.

Од две причини меѓународната заедница, односно ЕУ ќе се држи донекаде настрана. Прва и главна ќе сака да ја види нашата зрелост како општество. Дали Македонија има капацитет да си ги решава своите проблеми и предизвици? ЕУ сака во своето членство земји и општества кои обезбедуваат стабилност и просперитет, а не нарушувачи. Втора причина, вмешување на ЕУ, без јасна желба и повик и на власта и на опозицијата, ќе ја направи ЕУ дел од проблемот, а не дел од решението.

Изјавата на премиерот Груевски за поширока стратегија во која Зоран Заев е пион, најавените мерки за градење на доверба меѓу Македонија и Грција, ненајавената посета на премерот Груевски на НАТО, отстапувањето на Зоран Заев, на настапот во вторникот, исклучиво од политичка разврска (избори организирани од преодна влада), со вклучување на непристрасна истрага за прислушувањето, резолуцијата за вклучување на Федерика Могерини, ЕУ комесар во медијација меѓу двете партии, во само една седмица, говори за висок интензитет на случувања, кои не до крај се јасни и транспарентни за јавноста.

[продолжува]

Be Sociable, Share!
 

Објави коментар

Име (задолжително)

E-пошта (нема да биде објавена) (задолжително)

Вебсајт