ЕУ-оценка: 3-добар, поведение: 1-незадоволително

Октомври е месец за подготовка на ајвар и за објавувањето на ЕУ-извештајот за Македонија (и другите земји аспиранти). Оваа година условите влијаеја  традиционално октомвриски работи да се случат во ноември.

eu-otsenka-3-dobar-povedenie-1-nezadovolitelnoКоментирајќи го минатогодишниот извештај ја опишав атмосферата како „октомвриски патардии“ или врева која постојано се случува пред и со објавувањето  на ЕУ-извештајот. Како што повеќе пати сум коментирал ЕУ-извештајот во македонското општество доби статус на матура во животот на пубертетлии, стана ритуал на премин. Сите засегнати страни секоја година во октомври се во исчекување – дали напредувавме изминатиот период, дали нашата транзиција ќе влезе во завршница, дали ќе бидеме прифатени како полноправна членка на ЕУ-семејството.

Ова година во контекст на „прислушуваните разговори“ оценките на ЕУ-извештајот уште повеќе се поларизираа. ЕУ-извештајот за Антонио Милошовски е „пораз за политиката на СДСМ“, за Радмила Шеќеринска „вистината за Македонија одекна и во Брисел“ и секако ДУИ укажува на потребата „да се подобрат односите меѓу заедниците“. Самите коментари на извештајот се најдобра потврда на клучни изјави како  „распад на политичкиот дијалог“ со „нагласена политичка култура на поделби“. Донекаде со својата умереност отстапуваше изјавата на Никола Поповски, министер за надворешни работи кој укажа на значајноста  на задржувањето на препораката како силен мотив за продолжување на политичкиот дијалог и за неопходните итни реформи.

Во зголемувањето на вревата и збрката, може да влијаат и банални прашања како преводот на текстот од англиски на македонски. Една илустрација е преводот на  препораката поврзана со Охридскиот рамковен договор, односно  завршување на неговиот „review“, преведено на македонски како „ревизија“, наместо посоодветните зборови на македонски како преглед или оценка. Зборот ревизија во македонскиот јазик може да се толкува како преглед, проверка или оценка на исполнувањето на целите и мерките на Охридскиот рамковен договор, но и како преразгледување или промена на целите. Зборот ревизија на Охридскиот рамковен договор, во комбинација со изјави на поединци за федерализација на Македонија, може да доведе до погрешни перцепции на јавноста, што точно е препораката на ЕУ.

За самиот извештај. Тој ги собира наодите, заклучоците и препораките на ЕУ во исполнување на политичките и економските критериуми, како и способноста за исполнување обврските на членството во ЕУ во 33 подрачја. Во извештајот се оценува, во основа со оценки во ранг од 1 до 5,  постигнатото ниво на подготвеност (рана фаза, некое ниво, умерено, добро и многу добро ниво на подготвеност), како и напредокот во 2015 година (назадување, без напредок, одреден напредок, добар напредок, многу добар напредок).

Какви се оценките?

Во политичките критериуми само јавната администрација е оценета со умерено подготвена, додека владеење на правото, борба против корупцијата и слободата на изразување се оценети со некое ниво на подготвеност. Во 2015 година само кај јавната администрација има одреден напредок,  кај борбата против корупција нема напредок, а владеење на правото и слобода на изразување бележи назадување. Во економските критериуми развојот на функционалната пазарна економија е оценето како добро ниво на подготвеност, без напредок во 2015 година, а нашата способност да се справиме со конкуренцијата во ЕУ оценета како умерена подготвеност, со одреден напредок во 2015 година.

Во 33 подрачја Македонија има добро ниво на подготвеност во 4 подрачја, одредена подготвеност во 24 подрачја, а некое ниво и рана фаза има во по две подрачја. Или ако се квантифицира средната оценка за подготвеност би била 2.97. За напредокот во 2015 година, оценето е дека добар напредок има во три подрачја, одреден напредок во 28 подрачја и нема напредок во две подрачја. Или ако се квантифицира средната оценка за напредокот би била 3.03. Двете подрачја каде нема напредок се подрачјето 22 – Регионална политика и координација на структурните инструменти и подрачјето 23 – Судство и фундаментални права.

Ако се сумираат оценките може да се заклучи дека ЕУ ја оценила Македонија со 3-добар, и во подготвеноста и во напредокот, но во поведението со 1-незадоволително. Зошто оценка на поведението 1-незадоволително? Споредбата ја правам со нашиот школски систем каде имаме оценки за знаења и за однесување (поведение). Поведението го одразува однесувањето, кое пак е засновано на вредности. Отсуството на политички дијалог е однесување, а тоа укажува на недостаток на одредени вредности. Овој извештај, покрај отсуството на политички дијалог и нагласена политичка култура на поделби, се фокусира на отсуството на напредок или назадувањето во владеење на правото и во фундаменталните права. Тоа укажува на друг вредносен проблем кој би го нарекол „парохијализам“ или постапување од лични и/или тесно-групни интереси и неспособност за водење сметка за општи и/или професионални интереси и стандарди. Отсуството на политички дијалог и нагласена политичка култура на поделби, со доминација на лични ли тесно-групни интереси, не е проблем за нашето членство во ЕУ, туку е сериозна закана за самата држава и општеството. Дали сме способни за политички дијалог и за грижа општи и/или професионални интереси, ЕУ ќе го тестира преку спроведување на договорот од Пржино.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.