Меѓупартиските преговори не водат до излез од кризата, но во моментов нема друг пат, што општетвото го става во circulus vitiosus, ситуација во која решението на проблемот, создава нови проблеми кои ќе придонесат да биде сè потешко да се реши почетниот проблем. Тоа можеше да се заклучи од дебатата на Младинскиот образовен форум минатата недела, кога на темата „Меѓупартиските преговори (не) водат до излез од кризата“ дебатираа „за“ тимот: Бујар Османи, Фросина Ременски и Петрит Сараќини и „негацискиот“ тим: Лилјана Поповска, Гордан Калајџиев и Миша Поповиќ.
Дали договорот меѓу четирите партии со посредство на меѓународната заедница беше единственото решение за излез од оваа криза?
Аргументите „за“ се засноваат на гледањето „тие што ја направија кризата, тие треба да ја решат“. Политичката криза е настаната со непризнавање на резултатите на парламентарните избори во 2014 година од страна на СДСМ, продлабочена со аферата со прислушување, и мора да се реши низ договор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Земјата не можеше да продолжи без опозиција во Парламентот, ниту пак беа можни нови избори на кои СДСМ нема да учествува. И секако индициите од аферата со прислушување мора да имаат правна разврска. Соодветно мораше да има договор и тој договор мораше да има мерки и за политичка разврска (избори) и за правна разврска (специјално јавно обвинителство). Договорот од Пржино е можност за обнова на политичкиот дијалог, кој беше целосно прекинат и да се запре поларизацијата и започне процес на премостување на поделбите.
Подлабока анализа на политичката криза укажува на недемократскиот карактер на нашите политички партии, која авторитарност се прелева врз институциите, нераздвојување на партијата од државата, доминација на извршната над законодавната и судската власт. За суштински излез од политичката криза треба обновување на моќта на институциите и поради тоа не Клубот на пратеници туку Собранието треба да биде домот на политичкиот дијалог. Собранието има законски можности, за организација на поширок јавен дијалог, во кој покрај пратениците (политичките партии) би биле вклучени и граѓанското општество и стручната јавност. Тоа со зголемен јавен притисок преку непартиски политички протести би требало да води кон одржлив излез од политичката криза.
Теоретски тоа е така. Но тука настапува дилемата за „кокошката и јајцето“. Доколку е точно дека „институциите се пеплосани“, тогаш Собранието не ги има потребните моќи да биде место за политичкиот дијалог. Реалната моќ е во политичките лидери и тогаш „чаушите“ треба да се договорат. Но така само се зајакнува перцепцијата дека „институциите се пеплосани“ и се создава circulus vitiosus.
Колку решенијата во договорот од Пржино нудат излез од овој circulus vitiosus?
Политичките партии кога разговараат за избори, најчесто разговараат за нееднаков терен за избори и реферираат на прашањата како (зло)употребата на јавни ресурси, како и избирачкиот список. Бидејќи овие прашања се битни за нивниот меѓусебен политички натпревар. И прашањето на учество во дијаспората се најде во фокусот само затоа што изборната пракса покажа дека му носи на ВМРО ДПМНЕ стартна предност од три пратеници пред СДСМ и така влијае на нивниот меѓусебен политички натпревар.
„Големата четворка“, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА не е подготвена да разговара за ослободување или споделување на политичкиот простор и него го бранат со елиминација на „заканата“ од непартиски политички чинители – од граѓанското општество, елиминација на конкуренти надвор од големата четворка – помалите или новите политички партии и на крајот со контролата на сопствените партии.
Според препораките на Советот на Европа, големи реформи на изборниот систем треба да се направат најмалку една година пред нивното одржување. Со самото одредување на датумот на изборите, големата четворка, се откажа од позначајни измени. И тоа поради многу едноставниот факт дека сегашниот изборен систем, генерално е префериран од големата четворка затоа што вака поставен ги фаворизира нив и е брана за независен настап на другите или новите политички партии и со затворените пратенички листи овозможува контрола на лидерите врз сопствените партии.
Повеќепати нагласувам дека заробувањето на државата започнува со заробувањето на политичките партии од страна на партиските лидери. Лидерите ги избираат партиски конгреси каде делегатите се избрани од раководството на партијата. Нема никаква желба за подемократски избор на лидерите, на пример со гласање на членовите на партијата како неодамна во Лабуристичката партија, но таква пракса нема само во Велика Британија, туку и во Грција во изборот на лидер на Нова Демократија. И понатаму кандидатите на пратеници на пропорционалните листи ќе се одлучуваат од тесни партиски групи. И во следното Собрание пратениците ќе ја имаат перцепцијата дека својот легитимитет, својот мандат го црпат од својот партиски лидер, а не од граѓаните. И ќе сметаат дека не се одговорни пред граѓаните, туку пред своите партиски лидери. И повторно Собранието ќе биде во сенка на Владата. И така во затворен круг.