Соборувањето на рускиот авион во Сирија и обвинувањата за улогата на Турција изречени од рускиот претседател Путин поттикнаа лавина на анализи и коментари, кој, кого и зошто подржува во конфликтот кој ја создаде Исламската држава на територијата на Сирија и Ирак.
Турција за руските обвинувања за поддршка на ИСИС одговора кратко: докажете! А Русија и нема потреба да докажува. Доказите веќе ги има обезбедено Западот. На пример, Институтот за изучување на човековите права на Универзитетот „Колумбија“ составил „ИСИС-Турција листа“ на обвинувања, кои се кредибилни, а се изнесени од меѓународни извори како „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон Пост“ или „Гардијан“ и Би-би-си, но и од турски извори како Си-ен-ен Турк, „Хуриет“, „Џумхуриет“ и други. Во листата се наведуваат обвинувања за поддршка на ИСИС од Турција, со чинење или не-чинење, и тоа во испорака на оружје, транспортна и логистичка поддршка, поддршка во регрутација и обука на борците на ИСИС, медицинска поддршка, и финансирање преку илегална трговија со нафта, до најтешките обвинување дека турските сили се борат заедно со ИСИС (посебно поврзано со битката за сириско-курдскиот град Кобане). Всушност, најсолидните докази против Турција, за транспорти на оружје за џихадистите во Сирија организирани од турската тајна служба, ги имаат обезбедено турски новинари од Република – Џумхуриет (Cumhuriyet), кои деновиве беа уапсени и обвинети за шпијунажа.
Еден секојдневен пример обезбедува самиот ИСИС со својата електронска публикација „Хиџрах до Исламската држава – што да се спакува, со кого да се контактира и каде да се оди“. Ова публикација направена како имитација на популарен туристички водич на „Лонли планет“ за Исламската држава, дава насоки како џихадистите од Западот да пристигнат до Исламската држава. Меѓу другото во водичот се објавени и сведоштва на борци за контакти во Турција и како најлесно може да се помине турската граница, вклучувајќи и со подмитување на турските гранични сили. Земајќи во предвид дека за Исламската држава се борат десетици илјади странски џихадисти, Турција ако не со чинење, тогаш со не-чинење обезбедува „автопат“ за џихадистите.
Британскиот „Гардијан“ тврди дека уништувањето на Исламската држава е можно и дека Западот треба да побара Ердоган да допушти курдските сили да се борат против ИСИС. Курдските сили досега се покажале како најефективна сила против ИСИС и курдските сили (YPG) ги контролираат териториите во северна Сирија, со исклучок на централниот дел од турско-сириската граница западно од Еуфрат, меѓу градовите Џарабулус и Килис. Овој дел од границата јужно од турскиот Газиантеп и северно од Рака – главниот град на Исламската држава е главниот коридор од Турција за Исламската држава, и негово блокирање би довело до пад на Исламската држава. Но додека Турција одбива да ја блокира границата кон Исламската држава, ја блокира својата граница со територијата контролирана од сириските Курди. Уште повеќе Турција ги бомбардира сириските курдски сили и се заканува со воена интервенција, ако Курдите прејдат западно од Еуфрат и го освојат градот Џарабулус.
Значи, Турција треба на границата кон Исламската држава да го направи само тоа што го прави кон курдските територии – целосна блокада. Тоа деновиве го бараат и САД, и според нивни проценки за тоа би биле потребни околу 30.000 турски војници. Но Турција не го прави тоа, поради „турски национални интереси“. Ноќна мора за Турција е создавање на независен Курдистан на руините на Сирија. И така ИСИС, непријателот на турскиот непријател Курдите, ако не е пријател на Турција, станува нужно зло кое стои на патот на независен Курдистан. Затоа и Турција, затворањето на границата со Исламската држава, го условува со формирање на заштитна зона на границата, што би оневозможило да се спојат курдските територии од источниот и западниот дел. Турција нема да ја пресече поддршката за ИСИС, доколку не добие гаранции за своите национални интереси. Ова е уште еден пример за комплексноста на испреплетени судири на интереси и политики во и околу Сирија (и Ирак), што го отежнува политичкото решение на војната во Сирија (и во Ирак).
Но зад турските национални интереси, можеби се затскриваат и други интереси како идеолошки. Дел од обвинувањата се дека дел од АКП – партијата на Ердоган, го дели истиот поглед на светот со ИСИС. Покрај изјави за поддршка за ИСИС од членови на АКП, клучни се обвинувањата за вклученоста на Билал и Сумеја Ердоган, син и ќерка на Ердоган, во подршката на ИСИС, едниот во трговијата со нафта, втората во медицинската грижа за борците на ИСИС. Но и идеолошките интереси, можеби затскриваат алчност и лукративни/коруптивни интереси. Трговијата со „крвава нафта“ не е само начин на финансирање на ИСИС, туку начин и на лесно збогатување на организаторите на шверцот, бидејќи нафтата се тргува по цени кои не се ни пола од цените на светскиот пазар.
Ако се декомпонираат турските национални интереси, па дури и идеолошките и коруптивните интереси, можеби трагите ќе водат кон борбата за моќ во самата Турција.
[продолжува]