Минатата седмица започнав да пишувам за борбата против корупција на високо ниво, преку примерот на Романија, Националниот директорат за антикорупција (ДНА) и Лаура Кодрута Ковеси, главната обвинителка.
Импресивните резултати на ДНА во Романија: над илјада обвиненија годишно, со над 90 проценти пресуди, осудени премиери, министри, пратеници, градоначалници, офицери, судии, покажува дека битката против корупцијата на високо ниво не е невозможна мисија! ДНА е едно од петте најуспешни тела во борба против корупција во Европската Унија. Според самата Лаура Ковеси, тоа се должи на ДНА како специјализирана структура, со соодветни закони и административни и раководни капацитети. ДНА има право на тајни истраги преку надгледување на комуникации и сметки, како и право на конфискација, заштитени сведоци и спогодување за казната.
И импресивните резултати во работата не значи дека немало и нема проблеми и предизвици. ДНА се соочува со институциски опструкции и јавни дисквалификации. Иако романските политичари најчесто јавно ги поддржуваат антикорупциските активности, во практика често го менуваат законодавството со цел да ги ограничат надлежностите на ДНА за да се заштитат самите себеси. Ковеси вели дека тоа што е јавно дисквалификувана од политичари е показател дека добро си ја врши работата! Најголем сојузник на ДНА и Ковеси е огромната доверба од 61 проценти што ја ужива во јавноста.
Што можеме да научиме од споредбата на ДНА во Романија и специјалното јавно обвинителство (СЈО) во Македонија?
Националниот директорат за антикорупција (ДНА) е специјализирана агенција за борба против корупција на високо и средно ниво и е формирана на неодредено време, додека СЈО има делокруг што е ограничен на случаи кои произлегуваат од прислушуваните материјали и што е ограничен на одреден временски период. ДНА има многу појасен фокус на борба на корупција на долг рок, додека СЈО нема толку јасен фокус (досегашните случаи се од избори до полициска бруталност) со одреден рок (18 месеци за покренување на обвиненија).
ДНА е организациски и функционално независен директорат, но е поврзан со Врховниот суд на Романија. И СЈО организациски и функционално независен директорат, но недостасуваат јасна институциска позиција и поврзаност на СЈО. Отсуството на таа институциска врска поставува неколку ризици. Првиот ризик е Уставниот суд да донесе одлука за неуставност на СЈО. Вториот ризик е неможноста да се употребуваат специјални мерки како заштитени сведоци. И третиот ризик е предизвикот на институциски ривалитет, наместо соработка.
Институциските капацитети на ДНА (двесте обвинители) и СЈО (десетина обвинители) е неблагодарно да се споредуваат, поради разлики во земјите и надлежностите, но се чини дека СЈО има недоволен капацитет посебно во достапните експерти. И додека и ДНА и СЈО имаат можности за пристап до сите потребни информации, за разлика од ДНА, СЈО нема можност за примена на специјални мерки како заштитени сведоци.
Резултатите на ДНА во многу нешто се поврзуваат со личноста на Ковеси. ДНА постоела и пред Ковеси, но резултатите не биле тие. Слично е искуството и во други земји од регионот дека ловот на крупни риби зависи во многу од личноста што го води ловот. Се чини дека во нашиот случај Катица Јанева и покрај посветеноста, не се снаоѓа најдобро и во водењето на СЈО и во односите со јавноста. Минатонеделната изјава дека и Собранието и претседателот се нелегитимни, дека само СЈО е легитимно е илустрација на неснаоѓањето во јавните комуникации.
Институциските опструкции и јавните дисквалификации се присутни и во Романија и во Македонија, и повеќе или помалку се очекувана појава.
Клучната разлика меѓу ДНА и СЈО се чини е јавната поддршка. ДНА ужива висока поддршка од над 60 проценти, поддршка што, во земји како Романија и Македонија, обично ја имаат армијата, полицијата и црквата и никој друг. Такво високо ниво на поддршка значи поддршка од сите значајни општествени групи, и најважно и меѓу поддржувачите на власта и на опозицијата. Се чини Ковеси таа доверба ја има стекнато со својата непристрасност: пред да покрене обвинение против тогаш актуелниот премиер Виктор Понта, претходно веќе имаше пресуда против членови на семејството на претходниот претседател Басеску, за кого се смета дека бил клучен во изборот на Ковеси за главен обвинител. Ковеси гони и градоначалници и други функционери од сите партии. Поуката од случајот на ДНА и Романија е едноставна, прво ги гониш своите, за да имаш легитимитет да ги гониш туѓите. Или прво го чистиш својот двор, па гледаш во дворот на комшијата.
СЈО, се чини, соочен со институциските опструкции и јавните дисквалификации, случајно или не, сè повеќе влегува во сенката на СДСМ, кој СЈО го гледа како алатка која ќе му овозможи да ја неутрализира предноста во рејтингот на политичкиот ривал ВМРО-ДПМНЕ. Според една неодамнешна анкета, над 60 проценти граѓани не му веруваат на СЈО. Со сета ограда, бидејќи „Павел Шатев“ е нарачател на анкетата, се чини дека СЈО не успева да ја стекне довербата на сите општествени групи. Колку СЈО повеќе ќе влегува во сенката на СДСМ, толку повеќе ќе растат институциските опструкции и јавните дисквалификации, и така во затворен круг. СЈО мора да излезе од затворениот круг, доколку сака да ја здобие довербата на мнозинството граѓани, што, пак, е неопходно ако сакаме успех во борбата со корупција на високо ниво.