Здрав идентитет во здрава држава!

zdrav-identitet-vo-zdrava-drzhavaПосле мојот последен коментар „Луд, збунет и (не)нормален“ и една седмица пауза, не помислував дека може состојбата да стане уште полуда, позбунета и поненормална. И дека земјата во таква состојба ќе ја турне Ѓорѓе Иванов, претседателот на Македонија, со својата одлука за прекин на кривичните постапки за над педесетина политичари и лица поврзани со нив. Одлуката е атака врз владеење на правото, правно неиздржана за што веќе се приознесоа повеќе правни експерти, а образложението за одлуката е повеќе од понижувачко за сите нас. Колку што јас можев да го разберам образложението, прекинот на кривичните постапки е да се спречи тие постапки да влијаат на изборите, и можното загрозување на македонската позиција во спорот за името и загрозување на идентитетот. Патем се спомнуваат странски сили што ѝ мислат лошо на земјата и наводни подготовки на атентати на два политички лидери. Иако имаме историја на политички атентати (Киро Глигоров), навредливо е да се тврди дека постои заговор за ликвидација на наши лидери, а притоа да нема ниту еден уапсен за тоа!? Но уште понавредливо е дека македонскиот идентитет зависи од еден, десет, дваесет или педесет  политичари, и најнавредливо е дека македонскиот идентитет најдобро вирее во беззаконие! Поголема негација на сè македонско, амин! Македонскиот идентитет е вкоренета во земјата, граѓаните и културата, и ги надживеа своите лидери како Делчев, Ченто или Глигоров, па ќе надживее и било кој актуелен политичар! И за да се развива и јакне на македонскиот идентитет не му треба беззаконие, туку му треба владеење на правото! Затоа што за здрав идентитет треба здрава држава, во која владее правото!

Како стигнавме дотука? Преку употреба на договорот од Пржино, од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска – избори, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска – специјалното јавно обвинителство (СЈО). Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска. Најлошото можно решение за земјава е да со меѓусебно блокирање се одлага и политичката и правната разврска, а тоа се случува сега. ВМРО-ДПМНЕ мора да му даде поддршка на СЈО, како што СДСМ мора да излезе на избори, без разлика што може да не им се допаѓа исходот. Во најдоброто сценарио за земјата, изборите би се одржале што поскоро, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба.

На почетокот на месецот, кога Зоран Заев, ја соопшти одлуката на СДСМ за бојкот на изборите, употреби жестоки зборови, но ја остави вратата подотворена со барањето да се даде шанса за новите институции создадени со Пржино, СЈО и ДИК. СДСМ остави простор и со тоа што членовите во ДИК предложени од СДСМ не дадоа оставки, а министрите од СДСМ доаѓаат на работа и покрај најавата дека нема да учествуваат во влада што ќе организира „криминални избори“. СДСМ со одолжување на процесите во ДИК (непотпишување на акти од МВР), врши притисок за обезбедување на минимум услови за работа на СЈО. Веројатно и на тој начин е гору-долу изнуден притворот на Горан Груевски, началник во МВР, осомничен во случајот „Тврдина“.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека се исполнети сите услови за избори на 5 јуни 2016 година, но прави сè да ја отежне работата на СЈО. ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе спречи украинско сценарио, но се надевам не мисли само промената на власта, туку и на спречување на свртувањето од евроатлантскита ориентација на Македонија и на спречување полициско насилство.

Движењето „Протестирам“zdrav-identitet-vo-zdrava-drzhava, пак, постави свои осум услови од кои три се поврзани со правната разврска: повлекување на аболицијата, изјаснување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, и формирање специјален суд (одделение во кривичниот суд), еден услов е за политичката разврска , одлагање на изборите на 5 јуни, а останатите се за организација: водење на преговорите во земјата и со учество на граѓанскиот сектор, оставка на Ѓорѓи Иванов, и формирање на преодна влада за спроведување на препораките на Прибе. Условите поврзани со СЈО и правната разврска се неопходни за гаранција дека таква разврска ќе има. И доколку Уставниот суд одлучи дека СЈО не е во согласност со Уставот, мора пред да има избори да се воспостави нова правна рамка за СЈО. Правната разврска мора да биде гарантирана пред да се случи политичката разврска! Разбирливо е и барањето за оставка на Ѓорѓи Иванов, кој е со аболицијата целосно се делегитимира. А тоа барање е контрадикторно со другите барања, затоа што оставката на Ѓорѓи Иванов ќе води кон избори за претседател. Ако може да има избори за претседател, зошто не може да има избори за парламент?

За Македонија сè уште најдобро решение е напишаното погоре: избори што поскоро, со прочистен список и разрешница на „Титаник“. Изборите треба да се одржат на 5 јуни или датум не многу подоцна, во зависност на подготвеноста на избирачкиот список. За понатамошна разрешница на „Титаник“, мора да се повлече аболицијата веднаш. И се чини неминовна е оставка на Ѓорѓе Иванов и претседателски избори заедно со парламентарните избори.

За да стигнеме најдоброто можно решение мора да се преземат мерки за деескалација и намалување на поларизацијата. Прв чекор е поништување на аболицијата веднаш. Втор чекор е преземање на мерки за гаранција на ненасилни протести и сузбивање на говор на омраза. Мора да се спречи црн четврток, за средбата во петок има каква било смисла!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.