Вечерва, 23 јуни 2016 година, Најџел Фараж, лидерот на Партијата за независност на Велика Британија, прогласува победа на референдумот за иднината на Велика Британија во
Европската Унија (ЕУ). Борис Џонсон, поранешниот конзервативен градоначалник на Лондон, го повикува Дејвид Камерун да поднесе оставка од премиерската функција. Доналд Трумп ја поздравува историската одлука на Велика Британија за излегување од ЕУ. Марин Ле Пен одржува прес-конференција и повикува на референдум за излегување на Франција од ЕУ. Евроскептиците во Холандија, Данска, Финска, го прославуваат резултатот на референдумот како сопствена победа. Прикриено се радуваат и поддржувачите на појака интеграција на ЕУ, кои во членството на Велика Британија гледаат англо-американски заговор и пречка во создавањето на европска федерална држава. Британската фунта губи 20 проценти од својата вредност, паѓа вредноста на еврото… Во Брисел главоболки, во Москва Владимир Путин отвора шампањ за прослава. Една година подоцна на самитот на Г-7 учествуваат Доналд Трумп, Борис Џонсон, Марин Ле Пен, Бепе Грило…
Денес, на 23 јуни 2016 г. Британците ќе мора да одговорат на хамлетовското прашање „Да се биде во ЕУ или не?“. Колку да изгледа лошо опцијата за останување во бирократската, пререгулирана ЕУ, и другата перспектива за излегување не изгледа дека е добра. Во изборот на навидум две не толку добри опции, се надевам дека Британците ќе ја изберат опцијата за останување.
Како Британците се најдоа во оваа состојба? Тие не се изјаснуваат првпат на референдум за своето членство во ЕУ. Британија се приклучува на ЕУ 15 години, по првата шесторка, во 1973 година и веќе во 1975 година се одржува референдум, на кој 67 проценти Британци се изјаснуваат за ЕУ. Тогашниот референдум го организира лабуристичката влада, која се поделува, а конзервативците се на ЕУ страната. Во сегашниот референдум, конзервативците се поделени, а лабуристите, главно, се за останување во ЕУ.


