Не толку долго по посетата на Јоханес Хандл, специјалниот претставник на Германија, и Викторија Нуланд, помошник-државната секретарка на САД, и нејзината најава за скорешен договор, „големата четворка“ постигна договор. Иако во јавноста за говори за нов договор или Пржино 2, сепак станува збор само за анекс кој предвидува како ќе се спроведи договорот од Пржино.
Како и самиот договор од Пржино и овој анекс-договор е заснован на баланс на политичката разврска (избори) и правната разврска (СЈО). Двете страни, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во оснава ги употребуваа политичките или правните делови од договорот, кои ценеа дека им одговараат. ВМРО-ДПМНЕ го стави акцентот на политичката разврска, а СДСМ го стави акцентот на правната разврска. Едните, ВМРО-ДПМНЕ, сметаат на предноста во јавната поддршка, другите, СДСМ, на можните обвиненија. А не може да има само едно од нив, мора да се случи и политичка и правна разврска. Оттука единствен начин за излез од политичката криза е ВМРО-ДПМНЕ да му даде поддршка на СЈО, како што СДСМ мора да излезе на избори, без разлика што може да не им се допаѓа исходот. Последниот договор ги содржи тие елементи. ВМРО-ДПМНЕ даде гаранции дека во случај Уставниот суд да го проблематизира СЈО во рок од пет дена ќе се донесат соодветни закони за продолжување на работата на СЈО. СДСМ даде гаранции дека ќе потврди постоењето на услови за избори, најмногу преку легитимизација на избирачкиот список. Во однос на медиумите постигнат е компромис главно за операционализација на одредбите за медиуми во Изборниот закон, а другите реформи се остават за постизборниот период.
ВМРО-ДПМНЕ постигнатиот договор го претставува како свој голем успех и потврда на исправноста сопствените позиции. Во опозицискиот блок видлива е разочараноста на проопозициски чинители, помалите политички партии, а делови од #Протестирам, како политичката партија Левица и одредени граѓански организации и јавно го изразија своето незадоволство од постигнатиот договор. Точките на критика се политичкиот монопол на „големата четворка“, условите за избори и неизвесноста на правната разврска. Политичкиот монопол на „големата четворка“ кој е јасно вграден во договорот од Пржино и потврден со последниот договор се гледа со невклучување на граѓаните и граѓанските организации во политичкиот дијалог, договорот на влада на голема коалиција или партиска влада, наспроти експертска влада, или пак изборот на главен уредник на МРТ од опозицијата, наспроти сите барања за департизација. И покрај критиките за договорот за избирачкиот список, СДСМ договори неколку подобрувања, како издвојување на избирачи во посебни изводи, или вклучување на фотографија во избирачките списоци. Неизвесноста на правната разврска се гледа и во недонесување на одлука на Уставниот суд за СЈО, како и во неформирањето на специјални одделенија за СЈО во полицијата и во судот.
Перцепцијата на неуспех е повеќе резултат на нереалните очекувања, отколку неуспех во постигнатото. Во повеќе наврати од СДСМ можеше да се слушнат толкувања, дека на пример барањата за драконски казни за медиумите не се цел, туку преговарачка тактика, позната како „трескање на врата во лице“. Со таа преговарачка тактика се поставуваат максималистички барања за да се реализираат оптимални очекувања. Се лицитира со 500.000 фантоми, за да се добие издвоена листа за дијаспората и проверка на околу 40.000 гласачи. Се бара специјален суд за да се гарантира СЈО, итн. Проблемот со ова е дека голем дел од опозициската јавност ги интернализираше овие преговарачки цели како реално постигливи цели, а нивното неостварување неминовно води кон разочарување.
Доживувањето дека СДСМ ги предаде #Протестирам и #Шарената револуција, дали тоа ќе има последици, како СДСМ ќе се справува се можна граѓанска демобилизација пред закажаните избори на 11 декември, дали #Шарената револуција ќе продолжи, и како, без СДСМ, останува да се види.
Доколку има потфрлување во постигнатото низ политичкиот дијалог, одговорите ќе треба да се бараат во очекувањата, стратегијата, пристапот, постапките.
Флориан Бибер, универзитетски професор од Грац, Австрија, на конференција на Институтот за европска политика (ЕПИ), уште во март 2015 година, го скицираше излезот од политичката криза. Тој тогаш го предвиде Пржинскиот договор со двете компоненти, правна и политичка разврска, за чие спроведување ќе треба појака ЕУ медијација (во тој момент медијатори беа трите ЕП пратеници), како и постоење на „морков“ – откочување на ЕУ-интеграциите со деблокирање на спорот за името и на „стап“ – одземање на препораката за почеток на преговори и замрзнување на ЕУ-фондовите. Казната и не е посебна казна, но би ја алармирала јавноста во Македонија главно наклонета кон ЕУ. Бибер предвидува две можни излеза. Првиот е ерозија на моќта на власта со распаѓање на столбовите на моќта како партиските лојалисти, пратениците, медиумите, деловната елита, остварливо со јавна мобилизација и/или јак притисок однадвор. Второто сценарио е „дил“ за договорена транзиција со елементи на амнестија во замена на постепена политичка транзиција, со сите свои предности и недостатоци.
Опозицијата по сè изгледа премногу сметаше на јакиот притисок однадвор. Некако во целиот тек на политичката криза, јавната мобилизација беше како резервна, а не основна варијанта. Некако сè беше во исчекување на булдужерите, на меѓународната заедница, без доверба во јавната мобилизација на граѓаните на Македонија. А булдужерите доаѓа и заминуваа, со единствена порака дека решението за политичката криза е во нас самите.