На 6 август на Македонија ѝ се случија катастрофалните поплави кои најтешко ги погодија населбата Ченто и руралните населби Стајковци и Инџиково, како и неколку други рурални населби во непосредната близина. Катастрофални поплави кои однесоа десетици и десетици животи и нанесоа голема материјална штета. Сè уште свежите рани, чувствата на тага и болка се мешаат со емпатијата и солидарноста, но и чувството на револт и барањето на одговорност!
Точно е дека сега фокусот треба да биде на солидарноста и помошта на настраданите, и дека за одговорноста има време кога ќе се бара. Но и покрај потребата за фокус на солидарноста, потребата од барање на одговорност не смее да се одлага. Прва причина е тежината на катастрофата, втората причина е дека ова е втор последователен август, во кој се соочуваме со човечки жртви во поројни поплави, првпат август минатата 2015 година во Тетовско, и вторпат овој август во Скопско. Дигањето рамена, дека е ова природна катастрофа, бегањето од одговорноста, ќе го оневозможи институционалното учење од грешките и ќе остави широк простор за ризик од нови катастрофални поројни поплави. Еднаш човек се сопнува од камен, и втор пат од ист камен, ама третпат од ист камен да се сопнеме ќе биде крајно неодговорно.
Не сум експерт ниту по метеорологија, ниту по шумарство, ниту по урбанизам и градежништво, ниту по сообраќај, но имам одредено животно и работно искуство во вонредни состојби и ќе си дозволам да коментирам дека поплавата не само природна катастрофа, туку и поплава од неодговорност!
Прв впечаток е дека и во минатогодишните и сегашните поплави погодените подрачја се рурални и сиромашни населби. Дожд се истури и во урбаниот и побогатиот Карпош, но таму покрај поплавените гаражи и подруми, и по некое скршено дрво нема позначајни штети. Карпош можеби биле подомаќини и на време вложиле во атмосферска канализација. Но сепак, се чини дека структурните разлики меѓу урбаните и руралните населби се толку големи да ги прави вторите многу поранливи на природни непогоди. Долгогодишната негрижа за руралните подрачја, за просторното планирање, за дефорестацијата, за мерките за заштита од поројни поплави, е наша колективна, општествена одговорност.
Втор впечаток, е како институциите функционираат во вонредна состојба, посебно во период на функционирање на минимален капацитет. Како лекар по образование, велам не дај боже човек да се разболе за време на годишни одмори и викенд. Тогаш капацитетот на здравствените установи е сведен на минимум и е предизвик справувањето со итни или комплицирани случаи. По аналогија, не дај боже да има природни катастрофи за време на годишни одмори и викенд. За наша несреќа и минатогодишните и сегашните поплави се случија за време на годишни одмори и за време на викенд, кога капацитетот на институциите е на минимум.
Во услови на минимален капацитет на институциите поради годишни одмори и викенд, трет впечаток е дека затаија институциите кои требаа да го вклучат алармот и да побараат зголемување на нивото на спремност на граѓаните и институциите. Тука во прв план се Управата за хидрометеоролошки работи, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Цитирањето на поплави во САД, Германија и Франција со многу жртви, не значи дека никој не е одговорен. Да несреќи се случуваат, но оваа нас нè затекна целосно неподготвени. И не можам да тврдам дали има институциска вина, но фактот дека на мојата метеоапликација – Акуведер за 6, 7 и 8 август имаше знак за опасност од поројни поплави и тоа дека ни се случува вторпат во две години, бара да се утврди одговорноста. И тоа не е само оставки, туку пред сè анализа каде грешиме.
Четврт впечаток е колапсот на безбедноста во сообраќајот. Некои од жртвите се на автопат, на обиколницата на Скопје. Треба да се истражи структурната вина, како и отсуството на акција на одговорните институции. Наводите за пропусти во проектирањето и изведбата на обиколницата мора да се истражат. За потсетување градот Скопје во 2009 година формира комисија за истрага на причините за редовното поплавување на клучката кај хотел Континентал. Ако можело да се истражува тоа, мора да се истражат и овие наводи. Мора да се истражат и отсуството на акција на „Македонија пат“ и АМСМ, како и сообраќајната полиција. Можеби бројот на жртви можеше да биде помал доколку обиколницата беше навреме затворена и сообраќајот пренасочен.
Петти впечаток е дека затаија најголем дел од медиумите, пред сè телевизиите, како дел од институциите за справување со кризи. Комплетно потфрли информирање за катастрофата, во акутната фаза. И тоа не може да се должи само на фактот дека сите биле на одмор и викенд. Да се информира дека е активирана армијата, без да се информира за трагедијата која се одвивала на обиколницата не е само комплетно непрофесионално, туку е комплетно нечовечки.
И можеби во сите овие набројани институции нема директна одговорност, но како институции одговорни за подрачјата во кое се случи катастрофа, постои морална одговорност за изгубените животи. Во оваа морална одговорност треба да се вклучи и најмалку општина Гази Баба, каде се најголем дел од жртвите. И да се работело најдобро и најправилно, се случи катастрофа, изгубени се многу животи, мора да се понесе одговорноста! И одговорноста не смее да биде прашање на меѓупартиски препукување, ниту пак на роднински врски пријателство, фаворизам или други субјективности. Истрагата може да укаже на долгогодишни пропусти, направени во времето на СДСМ, на пример за проектирањето на обиколницата. Истрагата може ќе укаже на сегашните раководства. Истрагата ќе укаже на одговорност на наши познати, блиски. Но тоа не смее да ја попречи одговорноста, ако не сакаме да се сопнеме по трет пат!
Во целата поплава на неодговорност, малку знак на надеж и светлина даваат повеќето хуманитарни и солидарни акции на граѓани, граѓански групи и организации. Не говорам за тие кои им е задача да реагираат во вакви ситуации. Туку за многуте други граѓански активности. Само за илустрација ќе ја наведам Велодарност за настраданите, акција во кои доброволци на точак, покрај собирањето на помош, вршеа и дистрибуција на вода до настраданите! Тоа ја одржува надежта дека можеме и подобро!