Поминуваат десетина дена од поројните поплави кои го зафатија Скопскиот регион, во кои чувствата на тага и болка ги заменува силната солидарност на граѓаните! И додека граѓанската солидарност дава надеж дека можеме и подобро, партиите и политичарите нè враќаат во суровата реалност на партиските јазови. Непогодата ја погоди Македонија во политичка криза, со политички дијалог меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ што се одржува со меѓународна медијација. Непогодата беше можност да се покаже лидерство и да се обедини нацијата во несреќа. И се чини дека во таа насока беше една од првите изјави на Зоран Заев, лидер на СДСМ, во која повика да се остават поделбите на страна и повика на единство и сосредочување на помошта на жртвите. Но таа можност за премостување на партиските јазови, се наруши со отворањето на партиска сметка на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на хуманитарна помош, а ја затвори Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со изјавата дека големо мнозинство на волонтерите се членови на ВМРО-ДПМНЕ. Несреќен обид со назначување на помошта да се одбегне на прашањето на одговорноста. Патем, отворање на партиска сметка за хуманитарна помош е невидено пошироко и е страшен пример на партизација на хуманитарната помош, која мора да се заснова на начелото на неутралност.
Со заклучоците на Собранието завршивме во жална ситуација дека ниту непогода не ги премостува партиските јазови. Одлучувањето на Собранието, при што власта ги отфрли предлог заклучоците на опозицијата, а опозицијата не гласаше за предлог заклучоците на власта, го засилува впечатокот за неспособноста на македонските политички елити за основен политички дијалог. При што, со исклучок на барањето за одговорност, тешко може да се утврди што е разликата меѓу предлозите на власта и опозицијата. На пример што е разликата меѓу авансна исплата на оштетата (предлог на власта) и итна хуманитарна помош од 1.500 евра (предлог на опозицијата), бидејќи и едниот и другиот предлог во суштина се итна парична помош. Или, пак, барањето пренамена на буџет наменет за возила и репрезентативни објекти (предлог на власта) и запирање на градбата на панорамско тркало (предлог на опозицијата).
А во врска со одговорноста за поплавите. Власта мора да разбере дека е нејзин основен интерес да ги утврди причините за катастрофалните поплави, за, како што коментирав претходната седмица, да научиме на грешките и да спречиме нови катастрофи. Ако Град Скопје во 2009 година формира комисија за утврдување на причините за поплавување на кружниот тек кај хотел Континентал, што ќе биде објаснувањето за неутврдување на причините на поројните поплави во кои животот го изгубија десетици граѓани? Градот Скопје и Министерството за транспорт и врски и други институции мора под итно да го согледаат законските рамки за покренување на постапки за утврдување на причините на поплавата. Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје, или други одговорни лица и институции може само да добијат, ако сериозно пристапат на прашањето на одговорноста.
ВМРО-ДПМНЕ, како власт, има поголема одговорност во политичкиот дијалог и барањето на постигнување што повисока согласност за национални прашања, како справување на последиците на непогода. Тоа не ја исклучува опозицијата од својот дел на одговорноста за политичкиот дијалог. Но се чини како и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повеќе водеа грижа како непогодата ќе влијае на јавното мислење пред евентуалните парламентарни избори на 11 декември 2016 година. Очекувањата од политичкиот дијалог не значат дека треба опозицијата да престане да ја критикува власта или да целосно да престане партискиот натпревар, бидејќи тоа се основите на парламентарната демократија. Очекувањето од политичкиот дијалог е дека и наспроти партискиот натпревар и критиките, ќе се постигнува висока согласност за национални прашања во кои имаме заеднички интерес.
И додека политичарите не го покажуваат потребното лидерство, во целата поплава на неодговорност, знак на надеж и светлина даваат повеќето хуманитарни и солидарни акции. И тука не говорам за тие кои им е задача да реагираат во вакви ситуации. Туку за многуте други, мали и големи, граѓански активности. За вработени од Македонска опера и балет, кои помагаат свој колега во Стајковци во расчистување на калта од куќата. За пријателите кои собираат средства за семејство со бебе кое изгубило сè во поплавите! За фирми кои им исплатија итна хуманитарна помош на своите вработени и кооперанти, тивко, без голема помпа и реклами. За десетиците, стотиците доброволци кои собираат хуманитарна помош, пред супермаркетите и шопинг моловите, со картони испишани со рака. За десетиците, за стотиците доброволци кои помагаат во расчистувањето на куќите на најпогодените и најранливите! За над 650.000 евра досега собрани со јавување на хуманитарни линии, износ што повеќекратно ги надминува сите досегашни акции на солидарност. Браво за сите знајни и незнајни доброволци и донатори! Чувството на солидарност со своите сограѓани погодени од непогода, дава надеж, и дека покрај непромостивите партиски јазови, можеме подобро.