Крајот на летото е можност за осврт на тековната туристичка сезона, иако за анализа се достапни податоци од првата половина на годината. Податоците покажуваат пораст и на бројот на туристи и на бројот на ноќевања од околу 8,5 проценти, што укажува на веројатно успешна туристичка година.
Податоците за првата половина од годината се разликуваат од податоците за последните години во забележаниот раст на бројот на домашни туристи и нивни ноќевања, за разлика од нивниот пад во претходните години. Во претходните години постои раст на бројот на туристи со не толку значаен раст на бројот на ноќевања. Во 2015 година бројот на туристи е за цели 50 проценти поголем од 2011 година, но зголемувањето на бројот на ноќевања е помало и изнесува 26 проценти. Ваквиот тренд е заснован на скратување на просечниот престој од околу 3.9 ноќевања на околу 2.9 ноќевања. Ова може да се должи на повеќе фактори. Прво во вкупниот број на туристи стагнира бројот на домашни туристи, кои имаат подолг просечен престој, а расте бројот на странски туристи кои имаат пократок просечен престој. Второ, доколку се погледне дека стагнира бројот на домашни туристи, но бројот на ноќевања на домашни туристи се намалува, тоа значи дека и просечниот престој на домашните туристи се скратува. Дали е тоа дел од новата култура на повеќе кратки одмори, или рефлексија на незадоволство од домашната понуда е прашање за понатамошна анализа.
Оваа година ќе се натфрли резултатот постигнат во 2015 година од околу 2.4 милиони ноќевања, но тоа сè уште е далеку од најдобрата туристичка сезона во 1987 година кога се остварени речиси 4 милиони ноќевања. Туристички капацитети постојат, за што говори дека некогаш сме остварувале речиси двапати повеќе ноќевања. Но за тоа говори и нискиот процент на искористеност на хотелските и слични капацитети (соби), која во 2015 година изнесува околу 37 проценти, што е далеку од оптимална искористеност. Колку тие капацитети одговараат на туристичките потреби е посебно прашање.
Треба многу анализи и јавна дебата како да се постигнат веќе претходно постигнатите врвови, секако во значајно променети околности. Една од работите на која укажав во коментарите посветени на туризмот од минатото лето „Три предлози за туристички раст 1 и 2“ е недостатокот на стратегија. Последната достапна национална стратегија за развој на туризмот е за периодот кој завршува во 2013 година, а нова стратегија или нема или не е јавно достапна. И за претходната стратегија која е релативно добра, стои забелешката дека воопшто не ги таргетира домашните туристи, кај кои и резултатите со текот на годините се влошуваат. Тогаш дадов и дополнителни три предлози за туристички раст: флексибилност, флексибилност и флексибилност. Првата е за флексибилност на работни односи, како да се задоволат сезонскиот карактер и дневните промени во потреба на работна рака, вклучувајќи и со студентска работа. Втората е флексибилноста е во плаќањето и девизното работење, односно проширување на можноста за плаќања во странска валута од Охрид на целата земја. И третата флексибилност е задоволствата, во однос на работното време на угостителските објекти и во однос на продажбата на алкохол и други прашања.
Критика на отсуството на стратегија, не значи дека отсуствуваат мерки за развој на туризмот. Посебно во однос на странските туристи, чиј број расте благодарејќи на подобрувањето во авиотранспортот (новиот скопски аеродром, големиот број на нови авио линии), субвенциите за странски туристи и други мерки. Но и тука е потребна евалуација за успешноста на мерките. И покрај тоа што најголем број на туристи доаѓаат од Турција, а најмногу ноќевања имаат остварено туристи од Холандија, најмногу странски туристи доаѓаат од регионот, Србија, Грција и Бугарија, земји кои не се посебно таргетирани со мерките.
Потребата за стратешки пристап се зајакнува доколку се погледнат туристичките податоци по сектори или региони. Од езерски, вински, културен, рурален и планински, раст се бележи во езерскиот и културниот туризам, додека другите се во зачетоци или во пад. Во прилог на тоа говорат и регионалните податоци, од кои може да се констатира дека половина од земјата е туристички пасивна – незначителни се резултатите во кумановскиот, брегалничкиот, вардарскиот и полошкиот регион. Водечки се охридскиот и скопскиот регион, а следат струмичкиот и пелагонискиот регион.
Доколку продолжат одредени трендови, можно е Скопје да го преземе туристичкиот примат од Охрид. Дали е тоа е добро е посебно прашање. Скопје има повеќе странски туристи од Охрид, иако бројот на ноќевања од странски туристи во Охрид е поголем од Скопје, но во Охрид опаѓа бројот на домашни туристи, кои во Скопје се незначителни. Скопје секако има добивки од развиеноста на националната сообраќајна мрежа, како и од подобрувањето во авиотранспортот. Ова второто го отвора можност за Скопје, не само како бизнис и транзит дестинација, туку и за сити брејк дестинација. Како сити брејк дестинација, сезоната се проширува на многу повеќе од мај-октомври туристичка сезона. Во прилог на подолга туристичка сезона говорат подобро исполнетите капацитети во Скопје, отколку во Охрид. Подобрување на хотелската понуда, како и подобрување на туристичката понуда поддржуваат таков развој. Доколку пред десетина години Скопје, беше дестинација за пола дена, сега е дестинација за 2-3 дена со заживувањето на чаршијата и кањонот Матка, отворањето на градскиот центар и Водно. Понудата може и понатаму да се проширува на пример со Римскиот акведукт, кој сега е целосно запоставен. И еден-два практични проблеми, во прераснувањето на Скопје во туристичка дестинација. Сите улици, како и новите градски автобуски постојки се означени само на кирилица, што крајно ја отежнува ориентацијата на странските туристи. Или пак многу ресторани се затворени во јули или август, кога порано градот се празнеше, но сега тие месеци градот се полни со странски туристи.
Повторно, доколку сакаме да ги подобриме резултатите во туризмот, мора да почнеме од стратегијата.