Провладин молк за корупцијата

izvestaj-za-procenka-na-korupcijata-vo-makedonijaСедмицава што изминува, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), го објави Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија за 2016 година, по вторпат по 2014 година. Претходно во 2001 и 2002 година извештаи засновани на истата методологија има објавено Центарот за изучување на демократијата (ЦИД) од Бугарија. Овој извештај е базиран на Систем за следење на корупцијата (ССК), што ООН го има признаено како еден од најдобрите системи за следење на корупцијата. Извештајот вклучува три дела и тоа: искуство со корупција (број на казни, корупциски притисок или барање на поткуп и вклученост во корупција или давање поткуп), ставови за корупцијата и перцепции за корупцијата. Неколку работи треба да се коментираат. Иако извештајот е насловен 2016 година, тој се однесува на состојбите во претходната 2015 година.

И корупцискиот притисок или барањето мито и вклученоста во корупција или давањето мито се зголемено во 2016 година, во однос на 2014 година на околу 29 проценти (претходно околу 21 процент) или скоро секој трет граѓанин има лично искуство со корупција. Наспроти вака високите ниво на корупција, постои мал број на казни за коруптивни дела во 2014 година и тоа 14 за поткуп и 193 за злоупотреба на службената должност.

И покрај зголемениот корупциски притисок и вклученост во корупција, корпцијата не е препознаена како најголем општествен проблем. За граѓаните поважни се невработеноста, сиромаштијата и политичката нестабилност. Во ваквото приоритизирање на проблемите, каде што невработеноста и сиромаштијата се многу позначјани проблеми, може да се наоѓа одговорот за, условно речено, толеранцијата на корупцијата. Во приоритетите е и одговорот зошто и покрај информациите објавени во „бомбите“ на СДСМ за наводна корупција во власта и перцепцијата дека Владата е корумпирана, не се менува партискиот рејтинг. Сè додека власта демонстрира дека може подобро да справи со невработеноста и сиромаштијата од опозицијата, прашањето на корупцијата ќе биде второстепено.

Расчекорот меѓу зголемениот корупциски притисок и вклученост во корупција и казнувањето на истите, може да се бара и во зголемениот тренд на прифатливост на корупцијата. Иако за мнозинство од граѓаните (53 проценти) корупцијата е неприфатлива, загрижувачко е нивот на прифатливост на корпција од 47 проценти. Дополнително, загрижувачки е поголемата толеранција на корупцијата од страна на младите на возраст од 18 до 29 години споредбено со другите возрасти.

Судиите, министрите и пратениците перципирани како најкорумпирани. Корупцијата е навлезена во сите професии од сите сегменти на власта: судската, извршната и законодавната. Над 65 проценти од граѓаните сметаат декa ова се најкорумпираните професии. За разлика од нив, наставниците, банкарите и граѓанските активисти се перципирани како најмалку корумпирани. По сектори, перцепцијата за најраспространета корупција е во судството, во Владата, во царината, во обвинителството и во Парламентот. Граѓаните очекуваат дека коруптивниот притисок ќе продолжи во иднина и не се оптимисти за искоренување на корупцијата.

Како и сè друго во земјава, мислењата за корупцијата се поделени по етничка и партиска основа. Етничките Албанци се соочуваат со двапати повисок корупциски притисок од етничките Македонци, над 80 проценти наспроти 40 проценти. Но слични се и процентите за вклеченост во корупција со тврдење на околу 83 проценти етнички Албанци дека дале поткуп, наспроти околу 35 проценти етнички Македонци кои дале поткуп. Ваквите податоци може да укажуваат на помала општествена вклученост на етничките Албанци или пак на повисоки ниво на прифатливост на корупцијата. Слични се разликите и меѓу симпатизерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За пример, 73 проценти на симпатизерите на СДСМ имаат перцепција за распространетост на корупција меѓу службените лица, наспроти 34 проценти на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека е така.

Етничките и партиските разлики постојат и во довербата кон институциите. Владата (39 проценти), Министерството за внатрешни работи – МВР (39 проценти) и Специјалното јавно обвинителство (38 проценти) уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата. Но во Владата имаат доверба двапати повеќе етнички Македонци (46 проценти), наспроти етничките Албанци (21 процент), а сличен е и односот кон МВР. Во Владата имаат доверба 77 процент на симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ наспроти 17 проценти на симпатезери на СДСМ. Меѓу симпатизерите на ДУИ и ДПА нема позначајни разлики.

Неколку контрадикции. И покрај тоа што Владата и министрите се перцепирани како сектори и професии со висока корупција, сè уште Владата е институција со највисока доверба во борба против корупцијата. И таа доверба е слична на довербата во СЈО. Втората е дека СЈО има доверба од 38 проценти наспроти 33 проценти доверба во Јавното обвинителство и 32 проценти доверба во судовите. Разликата во довербата не е решителна. Од друга страна, и покрај црно-белите перцепции за СЈО, таа е институција каде што постојат најмали разлики во довербата помеѓу симпатизерите на ВМРО–ДПМНЕ (35 проценти) и СДСМ (49 проценти).

Извештајот, и покрај тоа што борбата против корупција е висок приоритет на власта, како и покрај највисоката доверба во Владата во борбата со корупцијата, беше проследен со молк во провладините медиуми. А со молк сигурно не се води борба против корупцијата.

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.