Од играчка плачка!

od-igrachka-plachkaНа прашањето „Да се биде во ЕУ или не?“, Британците на 23 јуни 2016 година, го дадоа својот одговор. И дадоа одговор кој го изненади, го шокира светот: да не се биде во ЕУ. Кога пред две седмици пишував: како Најџел Фараж, прогласува победа на референдумот; Дејвид Камерун поднесува оставка од  премиерската функција; Доналд Трумп ја поздравува историската одлука на Велика Британија за излегување од ЕУ; Марин Ле Пен  и евроскептиците во сите ЕУ-членки го прославуваат резултатот на референдумот како сопствена победа; а прикриено се радуваат и поддржувачите на појака интеграција на ЕУ, кои во членството на Велика Британија гледаат пречка во создавањето на европска федерална држава; британската фунта губи од својата вредност … не можев да поверувам дека кошмарот ќе стане реалност.

Не може да поверува и самиот Најџел Фараж, кој на денот на  референдумот дава изјави со кои се правда можниот неуспех. Не може да поверуваат ни британските обложувачници, кои понекогаш имаат подобри прогнозери од анкетите,  кои се до полноќ на 23 јуни предвидуваат останување во ЕУ, и таа ноќ губат десетици милиони фунти. Никој, вклучувајќи и Камерун кој го распиша референдумот и кобниот Борис Џонсон, не може да поверуваат. Британците гласаа да излезат!

Како Британците се најдоа во оваа состојба? Доколку во 2014 година, на референдумот за независна Шкотска, лабуристите го спасија Кралството, сега на референдумот за излез на Британија од ЕУ, лабуристите ја предадоа идејата за обединета Европа. На конзервативната страна, иако не е јасно формулиран станува збор за англиски национализам, кој поради ксенофобија се противи на миграцијата. Но референдумот го одлучија лабуристичките гласачи, британската работничка класа, која смета дека мигрантите им ги одземат работните места, водат кон стагнација на платите, ги зголемуваат кириите за домување, и го продолжуваат редот за чекање во јавното здравство. Се случи да лабуристичките гласачки тврдини гласаат за излез, иако огромното мнозинство лабуристички пратеници го поддржуваа останувањето. И се случи иронија, лабуристи ќе го донесат на власт десното крило на конзервативците!

Но покрај структурните причини за резултатот на референдумот, многу појасно е видлива колосалната неодговорност на британските политичари! Од Дејвид Камерун, кој предизборно го вети референдумот, за да ја обезбеди поддршката на евроскептиците и за да обезбеди уште еден победа за конзервативците и уште еден премиерски мандат за себе; преку Борис Џонсон, кој се виде себе си како можен калиф наместо калифот, па и Тереза Меј која внимателно се држеше во средина на двете страни, до лабуристот Џереми Корбин, чии блиски соработници ја саботирале лабуристичката кампања за останување! Да не е трагично, ќе беше смешно тоа што Најџел Фараж се огради од едно од главните ветувања на кампањата за излез од ЕУ, дека средствата од 350 милиони фунти/неделно, наместо во ЕУ ќе се насочат кон јавното здравство, да потоа и даде оставка на лидерската функција во својата партија. Да не е трагично, би било смешно тоа што Борис Џонсон со своето некандидирање за лидер на конзервативците, избега од одговорноста за активирање на член 50 и излезот од ЕУ. Никола Стурџон, премиерката на Шкотска, состојбата на целoсно отсуство на лидерство го сумира во еден твит: „Премиерот и канцеларот кои го предложија #EUref се кријат, оние што ја водеа кампањата за излез немаат план и опозицијата се распаѓа. Срамота!“

od-igrachka-plachka 2Ќе беше смешно, да не е трагично. Трагични се економските последици, британските и глобалните берзи на несигурноста реагираа со пад на акциите и голем пад на британската фунта, досега на нивото од 1985 година. Трагични се последиците по внатрешната кохезија, Британија е поделена со горчина во односите на поборниците за излегување и за останување, Британија е со раст од 500 проценти на криминал од омраза. Никола Стурџон, веќе првиот ден по референдумот, најави можност за втор референдум за независност на Шкотска, бидејќи мнозинството Шкоти се изјаснија за останување во ЕУ. Некои предвидуваат трагични последици и за ЕУ, на пример како Џорџ Сорос, кој предвидува дека ова е почеток на крајот на ЕУ. Дали нешто што беше предмет само на кафеански приказни, дека ЕУ ќе се распадне како СФРЈ, дека излезот на Британија ќе го забрза распадот на ЕУ, како што излезот на Словенија го забрза распадот на СФРЈ, може да постане реалност! Како почнаа кошмарите да стануваат реалност, ништо не треба да се отфрла, па ни кафеанското мудрување дека дури Македонија да стане членка на ЕУ, ЕУ ќе се распадне.

Kако што изненади резултатот на изборите, се чини е изненадување и брзината со која ЕУ ѝ посака на Британија добар пат! Се чини како да поборниците на што повеќе Европа, односно поборниците на европска федерална држава, се израдуваа исто колку и британските евроскептици! Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, конзервативец, и Мартин Шулц, претседател на Европскиот парламент, социјалдемократ, по излезот на Британија гледаат шансата за повеќе Европа. Јункер на седница на Европскиот парламент веднаш го праша Фараш „Зошто сте сè уште тука?“ коментирајќи дека за последен пат е тука. А Мартин Шулц за промовира идејата за „избрана европска влада“ наместо сегашната Европска комисија. Европските федералисти толку брзаат со излезот на Британија, што тоа почнува да заликува на исфрлање, па мораше Ангела Меркел да забави малку.

Се израдуваа некои евроскептици и во Македонија! Иако нема за што да се радуваат! ЕУ е економски, политички, културен, образовен … стратегиски партнер на Македонија. Нема место за радување доколку на нашиот стратегиски партнер му цркне козата, бидејќи последиците било економски било политички ќе ги осетиме и ние. Првата последици е дека ЕУ-проширувањето ќе биде замрзнато на подолг период. Ај што се радуваат, туку некои и побараа и македонски референдум за ЕУ, за што нема никаква потреба!  Краткорочно – бидејќи поддршката за ЕУ-интеграции е јасна и недвосмислена. Долгорочно – бидејќи геостратегиски правец не се менува толку лесно. Зар никој ништо не учи од лекциите на другите: со промената на геостратегијата, Украина остана без Крим, со излезот Велика Британија може да остане без Велика, поради можната независност на Шкотска. Евроатлантската ориентација е клучна за кохезијата на Македонија, и не треба да бидеш мудар и видовит, да предвидиш дека со отстапувања од геостратегиската определба на Македонија може да ѝ се случи Илирида! Да не биде и кај нас, како во Британија, од играчка плачка.

Излезот на Британија од ЕУ, не е добар ниту за нив, ниту за ЕУ, но ниту за нас. Тоа не треба да нè демотивира, напротив треба дополнително да нè мобилизира во нашата евроатлантска ориентација!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.