Крајот на летото е можност за осврт на тековната туристичка сезона, иако за анализа се достапни податоци од првата половина на годината. Податоците покажуваат пораст и на бројот на туристи и на бројот на ноќевања од околу 8,5 проценти, што укажува на веројатно успешна туристичка година.
Податоците за првата половина од годината се разликуваат од податоците за последните години во забележаниот раст на бројот на домашни туристи и нивни ноќевања, за разлика од нивниот пад во претходните години. Во претходните години постои раст на бројот на туристи со не толку значаен раст на бројот на ноќевања. Во 2015 година бројот на туристи е за цели 50 проценти поголем од 2011 година, но зголемувањето на бројот на ноќевања е помало и изнесува 26 проценти. Ваквиот тренд е заснован на скратување на просечниот престој од околу 3.9 ноќевања на околу 2.9 ноќевања. Ова може да се должи на повеќе фактори. Прво во вкупниот број на туристи стагнира бројот на домашни туристи, кои имаат подолг просечен престој, а расте бројот на странски туристи кои имаат пократок просечен престој. Второ, доколку се погледне дека стагнира бројот на домашни туристи, но бројот на ноќевања на домашни туристи се намалува, тоа значи дека и просечниот престој на домашните туристи се скратува. Дали е тоа дел од новата култура на повеќе кратки одмори, или рефлексија на незадоволство од домашната понуда е прашање за понатамошна анализа.
Оваа година ќе се натфрли резултатот постигнат во 2015 година од околу 2.4 милиони ноќевања, но тоа сè уште е далеку од најдобрата туристичка сезона во 1987 година кога се остварени речиси 4 милиони ноќевања. Туристички капацитети постојат, за што говори дека некогаш сме остварувале речиси двапати повеќе ноќевања. Но за тоа говори и нискиот процент на искористеност на хотелските и слични капацитети (соби), која во 2015 година изнесува околу 37 проценти, што е далеку од оптимална искористеност. Колку тие капацитети одговараат на туристичките потреби е посебно прашање.

