И покрај значајните разлики меѓу најмногу и најмалку корумпираните земји, општото ниво на корупција во Југоисточна Европа е доволно високо за да се биде сериозна грижа на чинителите на добро владеење. Може да се каже дека во Југоисточна Европа антикорупцијата крахира. Една од динамиките која треба да се разбере е скриената економија и поврзаноста со корупцијата. Трајна и значајна по големина скриена економија исто така укажува на неефикасност на институциите. Доколку се погледнат податоците за скриената економија во регионот, нејзиното учество како дел од ГДП изнесува меѓу 26 проценти и 35 проценти. Скриената економија е најниска во Турција каде изнесува 26.5 проценти (2013) година, преку Србија со 30 проценти (2010) и Бугарија со 31 проценти (2013) до Албанија со 33 проценти (2007) и Македонија 35 проценти (2007). Големината на скриената економија е доволна за да се очекува дека има влијание на други забранети активности. Два феномена заслужуваат посебно внимание и тоа во подрачјето на вработување и на даноците, каде најчесто се јавува административна корупција во бизнисот. Според истражувања вработувањето во скриената економија изнесува од 19 проценти во Хрватска до неверојатни 81 проценти во Косово. Бугарија и Македонија со 27 проценти, односно 30 проценти се во групата со пониска скриена вработеност, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора со 37 до 39 проценти се во средина, а покрај Косово на врвот се наоѓаат Србија со 51 процент и Турција со 75 проценти. Криењето на вработувањето во фирмите станува систематично.
Наспроти раширеното мислење дека во неформалниот сектор работниците заработуваат повеќе, во некои земји не е така. Во Босна и Херцеговина платите во формалната економија се повисоки за околу 50 проценти, во Албанија за околу 30 проценти, а во Македонија за 8 проценти , додека во Бугарија се еднакви, а само во Косово платите во неформалната економија се повисоки за 8 проценти од тие во формалната. Ваквата состојба значи дека работењето во скриената економија не е во целост слободен избор, бидејќи никој доброволно не би работел за пониска плата, и укажува на регулаторни недостатоци. Повисоки плати и поформалните работи се поврзани со образованието, бидејќи работници од повисоки степени почесто се наоѓаат во формалната економија.
Значајно е дека продолжен период на вработување од значаен дел од работната сила во скриената економија може да донесе до битни промени во пристапот кон државата и владеењето. Истражувања во Црна Гора покажуваат дека значаен дел од работниците со скриени вработувања, работат по 15 години и подолго на истите работи. Во овие семејства довербата во државните институции може да биде многу ниска и во одредени случаи може да се трансформира во активна недоверба и опозиција, што може да се засили доколку постојат етнички тензии во земјата. Тоа, како и во случаите на корупција, може да доведе до ситуации кога големи делови од јавноста едноставно одбиваат почитување на формалните правила. До таму што не се возат автомобили со таблички, без санкции од полицијата, како на пример во Тетово. Работниците во скриената економија се во ранлива позиција. Тие се почесто предмет на корупциски притисок, и поради инциденти поврзани со работа (инспекции) или пак поврзани со домашни потреби како пристап до здравство, пристап до финансии (кредити) итн. Според истражувањата корупциски притисок имаат 34 проценти од лицата во скриена економија, наспроти 29 проценти во формалната економија, и 22 проценти кај невработените.
Поради распространетоста на сивата економија, клучно е воведување на соодветни политики за севкупно спроведување на владеење на правото во општеството. И треба да се размислува надвор од рамката. Формализација на групи на фирми или сектори, на пример како одржување на згради или пак формализација на банкарските трансфери од дијаспората, може да бидат многу поефикасни од повеќе инспекции, што може да доведе до зголемување на корупциските можности.
Второто значајно подрачје се даноците, каде значаен дел од даноците во регионот не се наплатени поради избегнување или евазија, што создава плодна почва за корупција. Проценките за даночните јазеви за регионот се движат од 19 проценти во Грција до 26 проценти во Македонија, Црна Гора и Косово. Повеќе фактори влијаат на нивото на корупција во даночните институции како ниво на дискрециски права, комплексноста на даночните процедури, недостаток на контрола, посветеноста на борба против корупција и севкупната околина. Чест проблем е недостаток на даночни службеници. На пример во Турција има 0.6 даночници на 1000 жители, додека во Франција односот е 1.3/1000 или 1.5/1000 во В. Британија. Дали поради повисока јавна сензибилност или други причини, перцепцијата за корумпираноста на даночните и царинските службеници во регионот е многу висока. Во сите земји од регионот повеќе од половина од граѓаните сметаат дека сите или повеќето даночни службеници се корумпирани. Мерките што се преземаат може да бидат техничко-технолошки, како воведување на поврзаност во реално време на фискалните каси со даночните служби, како во Бугарија, Хрватска и Македонија, или градење на јавната свест со кампањи, или воведување на пожестоки казни за даночни дела.
Овие две подрачја, скриената економија и даноците се, како и регулаторната корупција за што имам пишувано во претходни коментари, се подрачја во тесна поврзаност и се приоритетни подрачја во борбата против корупцијата во регионот и во Македонија.