Две илјади и шеснаесета: предизвик на статус квото

По 2015 година како година на опасно живеење или година што треба да ја оставиме зад нас што побргу, 2016 година можеше да биде година на ескалација или на разврска. Тоа што се случи е предизвик на статус квото во трите важни подрачја што нè засегаат нас: политиката во ЕУ, Запад – ислам и Запад – Русија. Всушност тоа што се случи е повеќе од предизвик, тоа е тежок потрес на статус квото, кој во овој момент не јасно дали ќе води кон подобро или е вовед во разурнувачка ерупција! Иако знаците постоеја ретко кој, можеше да предвиди дека ќе случат брегзит – моментот, крајот на турскиот демократски експеримент и руската одлучност.

Јакнење на десните популисти и екстремната десница, и во поретки случаи на екстремната левица на југот на Европа, беше предвидлив тренд. Јасен беше и огромниот предизвик за ЕУ со референдумот во Велика Британија „Да се биде во ЕУ или не“ или ризикот од брегзит, со што првпат наместо за ЕУ-проширување, започнува ЕУ-намалување. Но, оптимистичката пристрасност доведе во  ситуација „Од играчка, плачка“. Брегзит не само што има и ќе има огромен импакт на самата Британија, ќе има импакт на евроатланскиот свет и со тоа глобален импакт.

Во прогнозата за 2016 година, во значајни настани воопшто не ги вклучив претседателските избори во САД, претпоставувајќи дека ќе победи статус квото, односно Хилари Клинтон. Но се случи „Трамп – крајна одмазда на заборавените!“. Вакво завртување на белата работничка (и средна) класа, од традиционалните социјалдемократски и други леви партии кон екстремна десница, не е видена од подемот на националсоцијализмот. Колку брегзитот и Трамп ќе имаат понатамошен спиловер-ефект, ќе се знае набргу. Но веќе сега е јасно и дека и меинстрим политичарите заборавија на „ЕУ вредностите“ и водат „реал политик“. Дали е тоа крај на Западот како вредносен поим, и негово сведување на чиста географија?

За нас слоганите на Трамп како „Мејк Америка грејт агеин“ или „Америка фрст“, ќе добијат повеќе значење кога ќе е јасно дали тоа ќе значи нов американски изолационизам (слабеење на НАТО и договарање со Русија) или ќе значи нов американски унилатерализам. Така Трамп е можност за нов почеток или нова катастрофа. Нов американски унилатерализам, со демонстрирана руска одлучност (и асертивност), може да биде многу експлозивна комбинација. Тоа за Западен Балкан би било крајно лошо сценарио. Во комбинација со пиромани како Тимоти Лес, кој патем е британски дипломат, кој објави текст во „Форин афеирс“ за потребата Западот да ги признае легитимните барања за промена на границите на Балканот, тоа може да биде катастрофа поголема од балканските војни. И тука да не ни се случи оптимистичка пристрасност мора да се демонстрира голема будност!

За нас од големо значење и дека руската одлучност резултира со руско-турски-ирански сојуз во најава, што може да ја измени сликата на Блискиот Исток и на Истокот воопшто. Руско-турскиот сојуз, кој се цементира со обидот за пуч во Турција, а не го разниша ниту атентатот на рускиот амбасадор, може да биде пробивен и многу влијателен на Балканот. Обидот за пуч во Турција, го означи „Крај на турскиот демократски експеримент?“.

Експерти што многу ги ценам, ги оценија македонските избори како многу важни за Балканот, во смисла на јакнење на демократските или пак авторитарните тенденции. Иако тоа годи за македонското мегаего, да тврдиш дека Македонија ќе има влијание, а не го гледаш европското замижување на случувањата во Турција и комбинираното делување на путинизмот и ердоганизмот, а наскоро можеби и на трампизмот, е несериозно.

А Македонија, во ситуација на сериозен предизвик на статус квото, наместо „ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на СЈО, СДСМ да излезе на избори“ влезе во ситуација на „Луд, збунет и (не)нормален“ „Луд, полуд, најлуд, [стави име]“, „Јасно е дека ништо не е јасно“, „Каква е оваа ситуација“ и „Сами себе се заплетуваме, сами себе се расплетуваме“.

Македонија го промаши најдоброто сценарио за земјата, изборите да се одржат во предвидениот термин на 24 април, со прочистен избирачки список, правна разврска (обвинителска одлука) би имал најмалку еден случај поврзан со наводни изборни злоупотреби, а во првите 100 дена на новата Влада би се постигнал договор со Грција за мерките за градење на доверба. Се движиме кон најлошото можно сценарио за земјава со меѓусебно блокирање да се одлага и политичката и правната разврска. Тоа ја засилува перцепцијата на бесперспективност и ја исцрпува земјата и политички и економски.

Поради се погоре, на 11 декември 2016 година „Граѓаните одлучија: егзит за Груевски и за Заев (1) и (2)“. Драги пријатели ме предупредија на мојата етно-центричност и да треба да се коригирам – граѓаните одлучија за егзит на Груевски, Заев, Ахмети и на Тачи. Само политичарите што се повикуваат во поддршката од „народот“ или „граѓаните“ или „заедницата“ не ја разбираат јасната порака на истиот народ и на граѓаните.

***

Среќни празници!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.