Граѓаните одлучија: егзит за Груевски и Заев [2]

Предизборно, по барање на неделникот „Фокус“, и мојата прогноза беше дека резултатите нема да бидат во рамките на максималните очекувања и на ВМРО-ДПМНЕ (63 пратеници) и на СДСМ (+1 пратеник), а шансите за победа на ВМРО-ДПМНЕ се поголеми отколку тие на СДСМ. За иднината на лидерствата на двете партии значајни се резултатите во ИЕ 4 и 1. Мојата анализа беше дека резултатот може да го помести „брегзит“ тип на гласање меѓу гласачите етнички Албанци кон СДСМ и Беса. За постизборните настани и за Македонија да продолжи кон излезот од политичката криза, сметав дека ќе мора да го спроведе Договорот од Пржино докрај, што покрај политичка разврска (избори), вклучува и правна разврска (СЈО). Сметав дека новата Влада ќе мора да работи на намалување на поларизацијата во општеството и воспоставување на политички дијалог, пред се меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Без овие приоритети македонските евроатлантски интеграции се во ќорсокак, Македонија е во ќорсокак.

ВМРО-ДПМНЕ, иако е победник на изборите, доживеа пораз. Клучната добивка за ВМРО-ДПМНЕ е всушност потврдување на резултатите од 2014 година со што се покажува дека немало фантомски гласачи во 2014 година. Овој резултат е постигнат во контекст на бомбите, на Шарена револуција, на преодна Влада и други мерки од пржинскиот договор, но сепак е пораз бидејќи декларираната цел беше 63 пратеници, а постигнати се 51 пратеник, пред се поради незадоволството на независните гласачи и гласачите етнички Албанци. Се чини Никола Груевски го помина врвот на популарноста и натаму таа ќе се движи надолу. Не е проблемот во способноста на ВМРО-ДПМНЕ да мобилизира половина милион гласачи, колку што Никола Груевски мобилизира гласови против. Затоа време е за егзит на Никола Груевски. Тој со повлекување од мандатар на новата Влада, ќе придонесе за намалување на поларизацијата во земјата, што ќе биде и државнички и добро за партијата. Државнички, бидејќи со тоа ќе овозможи формирање на Влада, која може да се зафати со итните реформски приоритети и откочување на евроатлантските интеграции на Македонија. Ќе биде добро и за партијата, бидејќи без мобилизацијата против Груевски, прогнозите за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори се многу подобри.

Но граѓаните не одлучија само за егзит на Никола Груевски. Граѓаните одлучија и за егзит на Зоран Заев. Како!? Па СДСМ и Зоран Заев, се победници на овие избори! Постигнаа најдобар резултат на сите времиња, подобар резултат од 2011 година (м.з. подобар резултат од Бранко Црвенковски)! Опозицијата, според математиката на СДСМ, освои повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ! Како граѓаните одлучија и за егзит на Зоран Заев!? СДСМ резултатот го постигна во контекст на бомбите, и тоа не само на политичко ниво, туку и на лично ниво („ќути којзнае што има за мене“), на Шарена револуција, на преодна Влада и други мерки од пржинскиот договор. Зоран Заев вети победа од +1 пратеник за СДСМ и многу јасно вети дека ќе се повлече од политика ако не го постигне тој резултат. Тоа е недвосмислена изјава дека за Зоран Заев и СДСМ е победа само ако имаат +1 пратеник. А во моментов е јасно дека тоа нема да се случи. Прославата на победата на СДСМ на денот на изборите, изјавите за победа на опозицијата, се само одвлекување на внимание од поразот, не според мои критериуми туку според критериумот на лидерот на СДСМ. Но сега доаѓаме до типичен момент на македонската политика „маж рече, маж порече“.

Но и да е пораз, да употребам цитат од твитер за тоа се виновни „ВМРО, фашизмот, народот небањат, Левица, ДИК, Амди…“, виновни се сите „само не се виновни самите (СДСМ) и Зоран Заев“. Како може СДСМ и Зоран Заев да се виновни! Да се потрошеше време за саморефлексија како што се потроши на обвинување на Левица, би било попродуктивно за СДСМ.

Зоран Заев е несомнено најголемиот борец и ја има најголемата заслуга за тоа што СДСМ го постигна и што е секако значаен резултат. Зоран Заев е  богатство на СДСМ, но истовремено е проблемот на СДСМ! Дали поради своето потекло од село, дали поради сомнежот во неговиот демократски капацитет, дали поради изјавите од типот „живи луѓе ќе јадиме“ или „кичма ќе виткаме“, дали поради постојаните гафови, Зоран Заев во ниту еден момент не успеа да има поголема поддршка/доверба, не од Никола Груевски, туку од сопствената партија-СДСМ. Во сите овие години, во анкетите, личното одобрување на Зоран Заев беше на половина од тоа на СДСМ. А на СДСМ му треба лидер кој ќе има подобар рејтинг од партискиот! Верувам свесен за ваквата состојба Зоран Зев се одлучи за изборен натпревар на домашен терен во ИЕ 4, а не во скопска ИЕ1. Но и на домашен терен во ИЕ4 Зоран Заев ги изгуби изборите.

Вториот момент, е внатрешната кохезија на СДСМ. СДСМ за пратеничките листи се отвори спрема Шарената револуција и етничките Албанци, но од СДСМ доминираа лојалистите на Зоран Заев, дел од нив со никакво политичко искуство (слично како политичката педофилија на ВМРО-ДПМНЕ). На нив ги немаше, а не ги забележав ниту во кампањата, Зоран Јовановски, Гордан Георгиев, Андреј Петров и многу други водечки СДСМ кадри од претходното раководство. Никола Груевски му пружи рака на Љупчо Георгиевски, а Зоран Заев немаше сила да го стори тоа не спрема Стевче Јакимовски, туку кон Зоран Јовановски. Како да се обедини опозицијата, ако СДСМ не е целосно обединет?

За други работи, како негативната кампања кон независните и неопределените гласачи, итн, во друга прилика. Затоа е потребна саморефлексија во СДСМ. И затоа Зоран Заев треба да го исполни даденото ветување, ако СДСМ нема +1 пратеник да се повлече од политика. Тоа ќе биде државнички и добро за партијата. Државнички бидејќи со своето повлекување, ќе се зголеми домашниот притисок за повлекување на Никола Груевски. Партиски бидејќи ќе овозможи ново лидерство да капитализира на неговата храбра и напорна работа. Со личното повлекување ќе покаже дека повисоката цел му е најважна. СДСМ со повлечен Зоран Заев, и со неповлечен Никола Груевски има големи шанси за победа на локалните избори во сите поголеми градови во земјава!

На потег се Никола Груевски и Зоран Заев да направат што е најдобро за државата и нивните партии!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.