Предизборно, по барање на неделникот „Фокус“ дадов мое видување на исходот на изборите, што беше објавено бројот од 2 декември 2016 година. За мене најважниот резултат на изборите на 11 декември е поразениот да честита на победникот, со што би се прифатиле изборите како фер и демократски. Мојата прогноза беше дека резултатите нема да бидат во рамките на максималните очекувања и на ВМРО-ДПМНЕ (63 пратеници) и на СДСМ (+1 пратеник), иако шансите за победа на ВМРО-ДПМНЕ се поголеми отколку тие на СДСМ. Сметав дека носечка изборна единица во победата на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде ИЕ 3. Од друга страна за иднината на лидерствата на двете партии значајни се резултатите во ИЕ 4 (Заев-Груевски) и ИЕ1 (Поповски-Пендаровски), и донекаде ИЕ2 (Тодоров). Изборите во ИЕ1 и ИЕ2 се важни и од аспект на локалните избори во мај 2017 година и проценка на поддршката за двете партии во Скопје. Мојата анализа беше дека резултатот може да го помести „брегзит“ тип на гласање меѓу гласачите етнички Албанци и дека не е јасно дали е можен поголем одлив на гласачи етнички Албанци пред сè од ДУИ кон СДСМ и Беса, како што укажуваа анкетите на 24 вести (Рејтинг) и Телма (М проспект). За постизборните настани и за Македонија да продолжи кон излезот од политичката криза, сметав дека независно кој ќе дојде на власт, ќе мора да го спроведе Договорот од Пржино докрај, што покрај политичка разврска (избори), вклучува и правна разврска (СЈО), бидејќи без правна разврска нема излез од политичката криза. Сметав дека новата Влада ќе мора да работи на намалување на поларизацијата во општеството и воспоставување на политички дијалог, пред се меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како неопходност за спроведување на итните реформски приоритети (Прибе-приоритети). Исто така сметам дека без разлика кој ќе победи, новата Влада ќе мора да ја убеди јавноста дека кадровски има интегритет и компетентност за спроведување на итните реформски приоритети. Без овие приоритети македонските евроатлантски интеграции се во ќорсокак, Македонија е во ќорсокак.
Изборите завршија, со висок одѕив од околу 67 проценти, би рекол со референдумски одѕив. Завршија со победа на ВМРО-ДПМНЕ со 51 мандати, наспроти 49 мандати на СДСМ. Победа што СДСМ и Зоран Заев не собраа сили да ја признаат. СДСМ не достигна до толку посакуваните +1 пратеник, а од друга страна ниту ВМРО-ДПМНЕ ја оствари декларираната цел од 63 пратеници. Третите партии како Левица и ВМРО за Македонија беа жртва на високиот одѕив. Се случи „брегзит“ гласање на етничките Албанци, кои своето незадоволство од власта, од Никола Груевски и ДУИ го изразија со значително гласање за Беса и СДСМ. Но се чини дека и покрај ваквото „крварење“ на ДУИ, нивните десет пратеници сега имаат многу поголемо значење отколку да имаа дваесет пратеници.
ВМРО-ДПМНЕ, иако е победник на изборите, доживеа пораз. Клучната добивка за ВМРО-ДПМНЕ е всушност потврдување на резултатите од 2014 година. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ освои околу 480.000 гласови, а сега нешто над 450.000 гласови. Земајќи во предвид дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија ДОМ и ДС, а се приклучи ГРОМ, како и фактот дека двете десни коалиции одземаа околу дваесетина илјади гласови, се покажува дека немало фантомски гласачи во 2014 година. И овој резултат е постигнат во контекст на бомбите, на Шарена револуција, на преодна Влада и други мерки од пржинскиот договор. Зошто тогаш е пораз? Прво бидејќи декларираната цел беше 63 пратеници, а постигнати се 51 пратеник. И како што веќе е посочено не поради потфрлање на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, туку поради незадоволството на независните гласачи и гласачите етнички Албанци. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се на власт десет години, горе-долу се постојан тим. Новиот бран ветен пред повеќе години заврши со промени на средно ниво. Цела една генерација гласачи порасна со власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. И да беше перфектна власта, ќе здосадеше… Како што одлични премиери како Маргарет Тачер или Тони Блер им здосадија на Британците. А оваа власт не беше перфектна. Посебно по 2011 година, по победата против Бранко Црвенковски и затворањето на ТВ А1. Се чини дека надвладеа самозадоволство, волјата за реформи што ја имаше посебно во периодот 2006-2009 година, почна да се губи. За тоа придонесуваше и некомпетитивноста на политичкиот ривал СДСМ. Бомбите фрлија светло на темната страна на владеењето на Никола Груевски.
Второ, се чини Никола Груевски го помина врвот на популарноста и натаму таа ќе се движи надолу. Од друга страна не е толку проблемот на способноста на ВМРО-ДПМНЕ да мобилизира половина милион гласачи, колку што Никола Груевски мобилизира гласови против. Да, точно дека одличниот резултат на СДСМ е постигнат и со гласови на етнички Албанци, но СДСМ оствари одлични резултати и во општини каде се претежно етнички Македонци, за што пример е Битола која не е веќе вмровски град.
Време е за егзит на Никола Груевски. Тој со повлекување од мандатар на новата Влада, ќе придонесе за намалување на поларизацијата во земјата, што ќе биде и државнички и добро за партијата. Државнички, бидејќи со тоа ќе овозможи формирање на Влада, која може да се зафати со итните реформски приоритети и откочување на евроатлантските интеграции на Македонија. Ќе биде добро и за партијата, бидејќи без мобилизацијата против Груевски, прогнозите за ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори се многу подобри. Никола Груевски може да одлучи да биде себичен, што ќе доведе до нови и брзи предвремени избори (кои може да се случат и во претходното сценарио) и ќе ја доведе ВМРО-ДПМНЕ во сериозен ризик да ги изгуби локалните избори во Скопје, Битола и други поголеми градови, како вовед во губење на следните парламентарни избори. (продолжува)