Платформа за спас

Каков почеток на новата година! Иако воведниот коментар го насловив „Две илјади и седумнаесетта: крајно непредвидлива година“, повторно сум затекнат од бурниот почеток на годината. Тоа што го предизвика бурниот почеток на годината во светот секако беше диктирано од датумот (20 јануари) на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД. Oсобено е импресивен институцискиот (разузнавачки) обид за компромитација на претседателството на Доналд Трамп и особено евентуалното зближување на САД и Русија. Но бидејќи хајката против Доналд Трамп ќе продолжи, за тоа ќе постојат прилики за коментирање во друга прилика. Кај нас дома обично крајно пасивниот празничен период на кифлички, руска и сарма, преплетено со посно гравче и костени, значеше хиперактивен период за политичките лидери. Никола Груевски во период на интензивни комуникации околу формирањето на Влада, најде време да објави почеток на десоросоизација на Македонија, што ќе мора да се анализира и коментира во следниот период. Како и анти-Трамп кампањата и десоросоизација, ќе бидат теми уште еден период, ова недела најактуелни се разговорите за формирање на Влада и во тие рамки објавената Платформа на ДУИ, Беса и ДРДПА.

И, да, една дигресија. Изборите завршија, резултатите се конечни. Можеби пропуштив, ама не сум забележал дека Зоран Заев, лидерот на СДСМ, се јави на Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да му честита на победата. Напротив забележав многу обиди за релативизација, дека на изборите победила опозицијата. Ајде ќе почекаме да видиме кој ќе формира Влада, ама се ми се чини дека целата релативизација е поради една изјава на Зоран Заев, дека ако изгуби и само со еден пратеник помалку ќе се повлече од сите општествени и политички функции. На Македонија ѝ треба одговорност, а таа секогаш најдобро се гради ако почне од сопствената одговорноста.

Назад, на главната тема на Платформата на ДУИ, Беса и ДРДПА. Прво дали е тоа платформа на етничките Албанци, на партиите кои ги застапуваат етничките Албанци, или на три политички партии ДУИ, Беса и ДРДПА. Најсоодветно е да тоа се третира како платформа на три партии, бидејќи таа платформа не беше изборна и не беше понудена на гласачите, а не ја поддржаа и сите партии за кои гласале етнички Албанци. Но можеби тоа не ни платформа на трите партии, туку платформа за спас. Чиј спас? За тоа треба да се погледне и формата и содржината.

Преговарана и договарана во Тирана и Приштина, соопштена на Божиќ, во форма на ултиматум, Платформата во старт, без да се стигне до содржината, предизвикува иритација кај етничките Македонци и другите граѓани. Не е еквивалент, ама за споредба како би било ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по консултации во Белград и Софија, ултимативно да соопштат македонска платформа на Бајрам или на Денот на албанското знаме.

Содржината пак содржи еден дел на рационални барања и еден дел на ирационални, но и рационалните се формулирани како „балони“, може да значат сè и ништо. На пример што значи целосна двојазичност на територијата на Македонија, кога јазичните права во образованието, правосудството и личните документи (лични карти, пасоши) се законски овозможени и во најголем дел спроведени на целата територија. Или дали тоа значи задолжително изучување на албанскиот јазик за сите ученици? Во контекст кога етничките Албанци одбиваат изучување на македонскиот јазик од прво одделение. Или, пак, лесното расфрлање со зборови како геноцид може толку да ги затруе меѓусебните односи, во спирала на меѓусебни обвинувања. Само за илустрација, прашањето на ерменскиот геноцид, сто години ги држи во заложништво турско-ерменските односи.

Тоа што, пак, мене ми привлече внимание е дека ќе се организираат тркалезни маси и дебати за овие прашања. Просто за неверување дека тоа го говори ДУИ по десетици години организирање на тркалезни маси, дебати и конференции, токму за овие прашања. Да потсетам на низата на дебати на високо ниво по повод на десетгодишнината на Охридскиот рамковен договор. Или, пак, на последниот циклус на тркалезни маси во склоп на оценката или евалуацијата на Охридскиот рамковен договор во 2015/16 година. Ова оценка ја водеше СИОФА преводена од Муса Џафери, поддржано од ОБСЕ, а процесот го фацилитираше Европскиот институт за мир, претставуван од Питер Фејт, омилениот медијатор на етничките Албанци. Процесот вклучи анализа и дебата во шест подрачја: антидискриминација, децентрализација, образование, правична застапеност, употреба на јазиците, и положбата на помалубројните заедници. Лично учествував во дебата за употреба на јазиците, во Клубот на пратеници. Дебатата беше поздравена од Муса Џафери и Питер Фејт, а учествуваа повеќе политичари и јазични стручњаци. Дебатата беше солидно подготвена, со анализа на постоечката состојба.

Зошто толку опширно за ова? Затоа што сите прашања во Платформата се веќе поставени претходно и веќе се дебатираат, со исклучок на прашањето на наводен геноцид, иако и тоа прашање Али Ахмети го има отворено во интервју во 2011 година. Зошто тогаш Платформата создава впечаток дека станува збор за нови прашања и дека допрва ќе почнува нова дебата за тие прашања?

Еден можен одговор е потребата на ДУИ, Беса И ДРДПА да се создаде чувство на ургентност во адресирање на овие прашања. Но да се потврди таквата хипотеза на платформата и недостигаат рокови. Вториот можен одговор е дека платформата е дневнополитички обид, пред се на ДУИ, за дефокусирање на јавноста, за етнизација на јавната расправа, простор во кој ДУИ подобро се снаоѓа од дел од политичките ривали.

Третиот можен одговор е дека Платформата на ДУИ, Беса И ДРДПА е намената да оневозможи формирање на влада на СДСМ со овие три партии. Влегувањето на СДСМ во коалиција со вака дефинирана платформа би била политичко самоубиство на СДСМ. ДУИ има најмалку две причини зошто стравува од коалиција со СДСМ, надвор од чаршиските приказни за личната нетрпеливост на Ахмети кон Заев, и за поголемата увереноста на Ахмети во капацитет на ВМРО-ДПМНЕ да го испорача договореното. Првата е дека со неформирањето на влада со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ќе го прекрши мајскиот договор за коалиција на победниците. Груевски во интервјуто за Дневник предупреди на кршењето на Мајскиот договор и дека тоа го ослободува ВМРО-ДПМНЕ во иднина да прави коалиција со кого сака. Втората е дека евентуалната реализација на платформата во Влада со СДСМ, заслугите за тоа не ќе може да бидат ексклузивно на ДУИ, туку и СДСМ ќе може да се повикува на заслугите пред гласачите етнички Албанци. ВМРО-ДПМНЕ и да се повикува на такви заслуги, нема да помине кај тој електорат, засега.

Затоа Платформата на ДУИ, Беса И ДРДПА, е платформа за спас, или оправдување на коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, или евентуално широка коалиција, каде премиерот ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ. Платформата исклучува формирање на Влада од страна на СДСМ. Последново го потврдува жестоката реакција на скоро сите проопозициски аналитичари и коментатори. Дали платформата е вовед во Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, плус една партија, ќе добиеме одговор наскоро!

Leave a Comment

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.