Непосредно по бегството од земјата на Никола Груевски, доколку јавноста беше поделена за бегство меѓу „се договориле“ и „неспособни се“, деновиве во јавноста сѐ повеќе преовладува перцепцијата дека „се договориле“, односно дека станува збор за бегство со знаење на власта. Во таа насока говори вчерашната анкета на Телма и МЦМС, спроведена од „М проспект“, дека 44,4 проценти граѓани сметаат дека политичкиот азил на Никола Груевски е со знаење на власта, наспроти 25,1 проценти што сметаат дека е без знаење и високи 30,5 проценти што не знаат и одбиваат да одговорат.
Општо
Крај на неказнивоста или замаглување на „амнестијата за име“?
Во македонската политика последните денови се случуваат такви пресврти што политичките коментатори со најбујна фантазија не можеа да ги предвидат. Во земја каде што последните неколку години се случија 24 декември, мартовски и пржински договори, Куманово, СЈО, 27 април и други преседани и мислевме дека имаме видено сѐ, со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски се отвори нова серија настани, кои тешко се објаснуваат и водат во дилемата дали во Македонија ќе се случи крај на неказнивоста или тоа што се случува е замаглување на „амнестијата за име“.
Бегство меѓу „се договориле“ и „неспособни се“
Со позајмен твит на симпатизер на власта ја насловувам колумната за бегството на Никола Груевски во Унгарија, кое одекна како ретко која вест, а многу добро ги опишува гледиштата на јавноста.
По неколкудневна потрага и исчекување, поранешниот премиер Никола Груевски објави на Фејсбук дека поради закани по неговиот живот, се наоѓа во Будимпешта и дека бара политички азил. Веста ги фрли во сенка сите други вести и ја преокупира целата јавност. Првите политички анализи говорат дека бегството ќе се одрази негативно по Никола Груевски и по ВМРО-ДПМНЕ, но и по власта. Дали е тоа така?
Прогресивна папазјанија, вторпат
Кога во април годинава се отвори дебатата за прогресивниот данок, како замена на рамниот персонален данок, ретко кој очекуваше дека даночните измени ќе бидат актуелни во истата година. Најверојатно бидејќи предлогот се чинеше недоволно обмислен, поткрепен, конфузен и наиде на голем отпор кај голем дел од бизнис-заедницата, но и од многу поддржувачи на СДСМ. Тогаш, како што пишував во „Прогресивна папазјанија 1 и 2“, беше потребна дебата од идеолошка до методолошка. Почетниот проблем за кој е наменета мерката прогресивен данок не е спорен, не е спорно дека во земјата има голема социјална нееднаквост и дека се потребни мерки за социјална правда. Спорни се дефинициите за богат, нееднаквоста во даночниот третман и намената на собраните средства.
Крајот на Меркел
Доколку изборите за ЕУ во 2014 година беа изненадувачки и предизвикаa „политички земјотрес“ поради напредокот на популистите и ненадејниот пораст на екстремната десница, како што анализирав во „Помалку Европа!“ (мај, 2014), оттогаш се наредија настани што укажуваат на јасен тренд на свртување надесно, како во Европа, така и глобално. Оттогаш се случи брегзит, како и победата на Трамп во САД, но следуваа победи на умерени партии во Холандија, Франција и во Германија, по што избрзано беше прогласена победа на партиите на естаблишментот против популистите. Во меѓувреме популистите се зацврстија во Централна Европа, претставувани од Орбан во Унгарија и Качински во Полска, брегзитот ја донесе Меј во В. Британија, а Италија заврте целосно антиестаблишмент олицетворено во Салвини.
И неодлучувањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е одлука
Деновиве ќе помине рокот во кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го објави својот став за референдумот за спогодбата со Грција. Опозицијата и покрај критиките од сите страни за таквата позиција, за неискажување за референдумот, не го промени ставот, иако и неодлучувањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е одлука. Зошто ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за неодлучување и зошто, веројатно, крајната позиција ќе остане таква? Кои се аргументите за, против или #бојкотирам?
Категорични, а неинформирани
Крајот на јули, почетокот на август и деновиве се објавија најмалку четири анкети за спогодбата со Грција и тоа на МКД.мк спроведена од „Маркет висион“ (јули 2018), на МЦМС спроведена од „М-проспект“ (јули/август 2018), на ИПИС (август 2018), како и на ИРИ (јули 2018). Иако спроведени со разлика од неколку недели, како и со различно формулирани прашања, четирите анкети создаваат основа за почетна анализа.
Меркел мачител, Меркел спасител
Европската Унија само што помина низ врвот на „должничката криза“ во Грција, се соочи со нова криза овој пат „мигрантската криза“. Европа стана свесна за кризата гледајќи ги неверојатните слики од железничката станица Келети во Будимпешта, мртвото тело на детенцето Ајлан Курди исфрлено на турските плажи, очајни сиријски семејства кои ги ризикуваат своите животи во ноќните патувања за грчките острови.
Но многумина оспоруваат дека станува збор за „мигрантска криза“. Први спорат дека станува за бегалци од со војна уништени земји, а не за мигранти. Втори спорат дека станува збор за криза. Се сложувам со овие спорења, но поради поедноставување ќе го користам терминот мигрантска криза.
Бегалци од војни и конфликти отсекогаш постоеле, но Европа за првпат по војните во поранешна Југославија, е соочена со бегалски кризи со размери на хуманитарна катастрофа. Бегалците најчесто потекнуваат од „пропаднати земји“ разорени од (граѓански) војни, во кои своја улога има и западниот воен интервенционизам. Над половина (53 отсто) од бегалците на глобално ниво потекнуваат од три земји: Сирија, Авганистан и Сомалија, а ако се вклучат бегалците од Судан и Јужен Судан, Конго, Мијанмар (Бурма), ЦАР, Ирак и Еритреа, овие десет земји вкупно сочинуваат 77 отсто од бегалците. Распадот на Либија пак за шверцерите на луѓе ја отвори средномедитеранската маршрута од Либија кон Италија преку која во 2014 година се прошверцувани над 200.000 луѓе, а трагично се загинати околу 3.400 луѓе. Сега бегалската река е насочена во источномедитеранската маршрута која понатаму минува низа Македонија и Балканот.
Тоа што уште минатата година го привлече вниманието не е само бројот на бегалците, туку и отсуството на солидарност, како и нечовечкиот третман посебно од страна на шверцерите со луѓе. Уште минатата година беше шокантно отсуството на солидарност (со Италија) поради кратење на програмите за бегалците. И тоа не тренд само во ЕУ. И далечната Австралија одби да ги прифати бродовите со бегалци кои половеа кон нив. Или, пак, богатите земји од Персискиот залив кои се длабоко вмешани во сиријската војна, немаат прифатено сиријски бегалци. Шокантните загинувања на десетици бегалци во Македонија и на илјадници во Медитеранот неминовно го свртеа фокусот на јавноста кон третманот од изнудувања, кражби и киднапирања на бегалци до масовни гробници во Тајланд на бегалци убиени само зошто немале повеќе пари да платат на шверцерите на луѓе.
Но дали може да збориме за мигрантска криза во Европа? Ако се погледне светската мапа на бегалци, минатата година најмногу бегалци прифатил Пакистан (од Авганистан) околу 2 милиони, а оваа година се тоа Турција, Либан и Јордан кои даваат прибежиште на околу 4 милиони Сиријци. Најмногу бегалци по глава на жител има Либан, кој на 1000 жители има околу 250 бегалци. Во првите десет земји кои најмногу прифатиле бегалци има само две од ЕУ: Шведска и Малта на 9-то и 10-то место. ЕУ има околу 500 милиони жители и во екстремен случај сите 4 милиони сиријски бегалци и 2.5 милиони авганистански бегалци да дојдат во ЕУ тоа би било 13 бегалци на 1000 жители. Толку сега има во Малта или Шведска и нема толкава драма.
Мојот прекрасен Охрид! [3]
Охрид е неоспорно врвната туристичка дестинација во Македонија и меѓу десетте врвни дестинации на Балканот. Двапати, претходниот месец, коментирав дека Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи? За Охрид не може да биде основна стратегија масовниот туризам или повремените жители, насоката треба да бидат два можни стратешки пристапа: лесна пристапност и врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи, кои меѓусебно се комплементарни. Во Мојот прекрасен Охрид! (2) пишував за стратешкиот пристап на лесна пристапност, а во ова последно продолжение за врвниот туризам.
Прво мора да си одговориме што го чини Охрид најврвна дестинација? Секако тоа е езерото, но езерото не како плажа, туку како пејсаж, надополнет со Галичица и исклучителното културно наследство. Доволно е да ги прелистате клучните светски прегледи за туризам и ќе видете дека во презентацијата на Охрид нема капачи на плажа, туку го има Св. Јован Канео, Св. Наум, Св. Климент …Тогаш стратешкиот пристап за врвна туристичка понуда треба да се состои од заштита на Охрид, врвна угостителска инфраструктура и приказна, нарација.
Почетокот на било која туристичка стратегија за Охрид мора да е заштита на Охрид, заштита на езерото, заштита на културното богатство и заштита на националниот парк Галичица. За заштита на езерото значајно е постигнувањето на билатералниот договор за заштита на езерото меѓу Македонија и Албанија од 2004 година, за кој се грижи билатерален комитет и секретаријат. Секако клучен проект за заштита на езерото е рехабилитација и надградба на постоечкиот колекторски систем и негова доградба кон Св. Наум и кон Радожда и Албанија. И ова е проект кој градот ќе нема сили сам да го изведе туку ќе биде неопходна голема национална и меѓународна поддршка.
Мојот прекрасен Охрид! [2]
Во коментарот кој претходеше на овој, поттикнат од расправата за (не)успешноста на туристичката сезона во Охрид, коментирав дека Охрид е неоспорно најврвната туристичка дестинација во Македонија, и не само во тука туку и на Балканот, а од друга страна Охрид, како и Македонија, е соочен со трендот на намалување на домашните туристи и раст на странските туристи. Порастот на странските туристи најверојатно се должи на владините мерки за подобрување на авиотранспортот и на субвенциите за странски туристи. Во недостаток на истражувања и анкети за причините за намалување на домашните, мојата претпоставка тоа е поради сегментацијата на интересот на туристи од Македонија.
Охрид треба да одлучи каква стратегија ќе развива: за пониско ниво на туристи (најниска цена), за повремени жители (станови), за лесна пристапност или за повисоко ниво на туристи?
Владините субвенции за странски туристи, можат да бидат дел само од стратегија на најниска цена и привлекување на гости на пониско ниво. Ваквата стратегија може да функционира само на средни патеки, повеќе како мерка за преживување, отколку како мерка за развој. Охрид како своја предност го има културното наследство и националниот парк. Плажите на скоро 700 метри надморска височина можат да бидат дополнување на тоа што е предност на Охрид, а не основна понуда. Охрид не може да биде конкурентен на масовниот олинклузив-туризам на Турција или Бугарија, или на апартманскиот туризам на Грција. И градбата на станови за повремени жители не би требало да биде пристапот за развој на туризмот во Охрид поради деградација на природата и ограниченото влијание на туристичките приходи.
Доколку Охрид не сака или не може да биде конкурентен во масовниот туризам, или пак во повремените жители, во која насока треба да се работи? Може да се размислува за два можни стратешки пристапа: лесна пристапност и врвна туристичка понуда за повисоко ниво туристи. И двата пристапи имаат предност бидејќи не се засноваат на најниска цена, но бараат сеопфатен пристап.