Скопје стој, Струмица напред – (не) доследност?

Македонската православна црква (МПЦ) ќе гради црква во центарот на градот. Покровител на изградбата е градоначалникот. Советот на општината одлучил да додели земја за изградба на црквата, која треба да стане сопственост на МПЦ.

Веста веднаш асоцира на изградбата на црква на плоштадот во Скопје. Но не, веста не е за црква во Скопје, туку за црква во центарот на Струмица. МПЦ ја промовира изградбата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во далечната 2005 г., а покровител на изградбата е Зоран Заев, градоначалник на Струмица и потпретседател на СДСМ. Во февруари 2011 г. Советот на општината на Струмица одлучува да го отстапи просторот на противпожарната служба за изградба на црквата. На 15 април 2012 г. на Велигден со повторно осветување на темелите најавено е започнувањето на изградбата на „Соборниот храм Успение на Пресвета Богородица“ – иден најголем православен храм во Македонија, со голема поддршка од граѓаните на Струмица. И младите струмичани ќе го градат светиот храм. Младинскиот совет на Струмица организира хуманитарен концерт за поддршка на изградбата. Зоран Заев го предводи Иницијативен одбор за изградба на соборниот храм, а поддршка дале и „локалните лидери на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од македонскиот парламент“.

Од стојалиште на општествена вклучителност (инклузивност) се залагам за вклучување на црквата и верските заедници во главните општествени текови, вклучувајќи и нивно вклучување во јавниот простор (и плоштадите). Во погорниот пример вниманието ми го привлече екстремната разлика во двата случаи од општествена и политичка хармонија во Струмица до состојба речиси до степен на граѓанска војна“ во Скопје.

Read more

Татковината, копнеж на прогонетите

Изминатата седмица изобилуваше со настани кои треба да се коментираат, но сепак, во пресрет на Светскиот ден на бегалците (20 јуни) мојот фокус се прогонетите – бегалците. Мотивацијата е и лична – од една страна потекнувам од семејство на прогонети од Грција. Но поттикнат од неодамнешна изјава на Јанис Јоанидис, пратеник од Грција, погледот ќе биде и од друг агол.

Во пресрет на 100-та годишнината од Балканските војни, потребно е потсетување дека распадот на Отоманската Империја и проширувањето и зацврстувањето на националните држави се извор на страдање и прогон на етничките Македонци, но и страдања на сите балкански народи. Всушност страдањата на народите биле меѓусебно преплетени – прогонот на етничките Македонците од Грција е поттикнат со колонизацијата од „маџирите“ – самите прогонети Грци од Мала Азија и црноморскиот регион. На пример со Лозанскиот мир во 1923 г., во размената на население меѓу Грција и Турција прогонети се околу 1.5 милиони православни, главно Грци, и пола милион муслимани, главно Турци и Помаци. Слична процеси се случувале и во другите земји од Балканот. Значајно е да се забележи дека „размената на населението“ е поддржана од големите сили – тогашната меѓународна заедница, потписнички на повеќето договори, како чекор на хомогенизација и стабилизација на националните држави.

Наша е одговорноста за бегалците – прогонети по основањето на (Народна) Република Македонија, во 1944 г. Потребна е смелост да се проговори за прогонетите од нашата татковина: од борци и активисти за независна Македонија, преку идеолошки противници–антикомунисти, до немакедонците, верски или етнички различните. За пример и потсетување и ние имаме една голема „размена на население“ во 1952 г. кога тогашна ФНРЈ и Турција склучиле договор за слободна емиграција на етничките Турци. Од НР Македонија во Турција се иселиле 127.000 лица, а се доселиле околу 28.000 муслимани од другите делови на Југославија. Иако државните архивски материјали говорат за слободно иселување, етнографските податоци говорат за присилна емиграција во одредени делови од земјата, поттикната од недовербата на власта кон малцинствата, присилната секуларизација (забрана на були) и економското профитерство.

Не дека сопствената приказна е најболна, но големите прогони на Балканот предизвикале најмногу страдања во Македонија. Страдале цели градови, села, семејства во цела Македонија, од задушувањето на Тиквешкото востание, преку палењета на селата меѓу Солун и Кукуш, до страдањата на децата-бегалци. Убиства, силувања, палења на куќи, биле притисок за асимилација или за иселување. Страдале и другите народи, но овие, македонските страдања, сè уште трајат, до денешен ден. Се радувам дека Бутарис, градоначалникот на Солун е добредојден кај нас и може да ја обнови својата родна куќа во Крушево, но не е така на другата страна. Се попречува слободно движење, се свири музика без зборови, подигаат гробови без имиња, зошто етничките Македонците и македонската култура и јазик не смаат да постојат. Да, сега, во 21 век.

Read more

Секуларност да, по мера на општеството

Минатиот месец Норвешка, одлучи да стане секуларна држава. Не е грешка, веста е точна. Норвешка, како и другите скандинавски земји, перцепирани како најсекуларни општества, до минатиот месец беше несекуларна држава, каде што кралот е врховен поглавар на црквата, државата ги именува бискупите…

Појдовна точка е разјаснувањето – секуларна држава и секуларно општество, се различни концепти. Во првиот случај, секуларна држава, тоа е доктрина со две начела: првото, секуларност – државата (институции, политики и практики) и верските заедници треба да бидат одвоени и независни едни од други и второто, слободата на вероисповеста. Во вториот случај, секуларното општество е поврзано повеќе со секуларизацијата како општествен процес, отколку со раздвојување на црквата и државата. Секуларното општество не прифаќа еден поглед на светот и на улогата на човекот во него, е плурално, толерантно, решавањето на проблемите е рационално… Секуларизмот е движење кон модернизација, за усовршување на човекот и општеството, и е критичен на верската правоверност. Додека секуларната држава добива поддршка и од црквите „на кралот – кралевото, на Бог – божјото”, верските заедници се против секуларизацијата на општеството, гледајќи закана во моралниот релативизам. Но и доколку се прифати дека секуларизацијата е модернизација, таа како критика на верската правоверност, самата не смее да стане догма: „Секуларноста не вели дека нема светлина на други места (м.з. во религијата), но тврди дека има светлина и во секуларната вистина”.

Различни концепти на секуларност, од пријателска до непријателска, и различни контексти, даваат различни исходи. САД во западниот свет се првата секуларна држава, но спаѓаат во земјите со јаки традиционални-религиозни вредности, односно имаат „јасна раздвоеност и актуелна соработка”. Франција (од 1905 г.), и Турција (од 1928 г.) се два најчести примери за помалку пријателски концепт – во лаиците има одредено ограничување на јавното искажување на религијата. Примерите на секуларни општества во доскоро несекуларни држави веќе ги споменав. Во Јужна Америка има јако влијание на црквата врз политиката и тоа влијание не е негативно, напротив, теологијата на ослободување е основа на позитивната социјална трансформација која е во тек во Јужна Америка. Расправата за секуларноста не е затворена. Контроверзиите, во Европа се околу јавното носење на марама, ограничувањата на градба на џамии и право на религиозен избор во образовните услуги, а во САД за школската молитва и креационизмот.

Македонија во социјалистичкиот период имаше непријателски став кон црквата, засновано на марксистичкиот став дека секое верско влијание е негативно. Кај нас, посебно во нерелигиозните кругови, се отфрла постоењето на репресија врз религијата во тој период. Но фактите се поинакви. Државата активно ја маргинализира религијата и јавното изразување на верата се репресира. Се намалува бројот на верски објекти за молитва – храмовите се трансформираат во културно историски споменици. Имотите се национализираат, свештените лица се прогонуваат и судат за контрареволуционерни дела. Марксизмот го заменува верското образование во училиштата, верските празници како Божиќ, се заменуваат со секуларни празници како Нова Година, гробовите се означуваат со петокраки наместо со верски симболи. Крајната цел не е раздвојување на државата и црквата, туку раздвојување на општеството и црквата – целосна маргинализација и изолација на религијата.

Read more

За кого работи времето

Некои политичари кога го опишуваат спорот за името Македонија, често велат дека „е неразбирливо едно ирационално прашање да блокира …“. А всушност ирационалноста или емотивноста, колективните стравови и потсвесното е таа што го прави спорот тешко решлив, но не и нерешлив.

И Македонците и Грците го споделуваат истиот колективен страв за идентитетот – „стравот од иднината, проживеан низ минатото“. Во Грција, осебeно во регионите на Македонија, постојат стравувања дека независна Македонија може да ги поткопа нивните придобивки од Македонската борба 1904-1908 г. со која е “бранет грцизмот во Македонија“.  Колку ли е голем тој страв, што  Самарас посакува „Скопје да се распадне“, и за свои соседи, наместо малата и мирољубива Република Македонија, ги посакува Велика Бугарија и Велика Албанија? Во Македонија, пак, стравувањата се двојни, за идентитетот и за просперитетот.

За Македонците, името и идентитетот се право на самоидентификација. Клучниот страв е дека крајната цел на Грција е Македонија да ја нема, односно дека Грција ќе бара нови и нови отстапки дури не го уништи македонскиот идентитет.  Сличноста на двете страни e до тука. Сè што има направено Македонија, на пример со вклучувањето на античката историја, што според мислењето на Меѓународниот суд не претставува кршење на Привремената спогодба, не предизвикува последици по Грција. Од друга страна, акциите на Грција нанесуваат значителни штети –  Македонија „ веќе (за)губи чекор во напредокот во однос на оној што би бил постигнат во нормални услови“. Стравот од Македонците, Грците не ги чини ништо, а нас не чини многу. Македонија три пати е блокирана од Грција: повремените блокади 1992/93, трговското ембарго 1994/95  и блокадата на евроатлантските интеграции од 2008 г. Тоа го засилува стравот од загуба на просперитетот – страв од застој на евроатлантските интеграции, страв од економски застој и можно влошување на меѓуетничките односи.

На стравувањата се надоврзува внатрешно политичката употреба на спорот со наизменично припишување на улогите на „предавници“ и „спасители“. И додека донекаде е за очекување цврстиот став на десницата и во двете земји, изненадува таквиот став на левицата. Трговското ембарго го воведе левичарскиот ПАСОК, а сега умерените македонски политичари го употребуваа спорот за отстранување на политички ривали, ја поддржуваа кампањата „Не ме фиромирај, кажи Македонија“, го бараа “мажот што ќе го промени уставното име!“ и во 2005 г. го направиле единственото прекршување на Привремената спогодба.
Иако нема формална стратегија за спорот со името, македонските црвени линии се исцртани и од политичарите и од граѓаните: решение кое нема да го промени Уставот на Македонија / името, нема да го загрози македонскиот национален идентитет и граѓаните да се согласат со можното решение на референдум. Декларираната позиција на Грција е „ерга омнес“ или „едно име со географска одредница“. Грција всушност бара Македонија да се врати во состојбата пред независноста во 1991 г., кога постоеше само во СФРЈ,  да не постои меѓународно,  туку  само внатрешно или во за нив најлош случај македонскиот идентитет да се ограничи само на сега и тука. Дека ставовите се оддалечени покажа и А1 симулациите на преговори за името во Охрид во 2010 г. – разговори имаше, но решение не!

 

 

Read more