При крајот на втората недела од мојот престој во Киргистан – земјата од другата страна на империјата, почна да ми недостасува Македонија, но со дополнителна мотивација на читателите ова лето ќе посветам уште два написа, овој и еден во август, на Централна Азија.
Повеќе денови поминав во летното одмаралиште на Централна Азија: Исик-кул езерото, на падините на Тиан Шан. Престојував во санаториумот Аврора, кој го нарекуваат – санаториум легенда. Изграден во 1979 година, слично на неговиот македонски врсник хотел Метропол во Охрид, бил бисерот на брегот на Исик кул. Изграден е во форма на брод и посветен е на славниот руски крстосувач Аврора, Сеуште има задржано од својот сјај, посебно со прекрасната парк-шума од околу 50 хектари. За разлика од македонскиот врсник, Аврора сеуште е во државна сопственост, а во салите сеуште се чуваат собраните дела на Ленин. Како времето да застанало пред 30 г., чувство како враќање во младоста. Но секако дека најголем дел од магијата ја создава самото езеро, околните високи планини и секако киргиско-рускиот ритуал на пливање на изгрејсонце.
Враќањето од Исук кул езерото кон Бишкек, првото на 1.600 метри надморска височина, повисока од наш Галичник, а вториот на околу 900 метри, скоро колку наше Водно, поради температурните разлики од 6-7 степени, многу ме потсеќа на враќањето од свежиот Охрид кон жешкото Скопје. Бишкек како и Скопје има “изгор лето, кочан зима”.


